Македонија
Елвис Шаќири од „Ромалитико“ ja доби наградата на Стејт департментот за глобален двигател против расизмот
Извршниот директор на Институтот за истражување и анализа на политики, „Ромалитико“, Елвис Шаќири, ја доби престижната награда за глобални двигатели против расизмот (GARC), која лично му ја врачи државниот секретар на САД, Ентони Блинкен во Стејт департментот, Вашингтон.
Оваа престижна награда на глобално ниво е признание за неговата значајна работа во застапување на правата на ромската заедница во нашата земја.
Наградата им дава почит на лидери од граѓанското општество на глобално ниво, кои покажале исклучителна храброст, лидерство и посветеност за унапредување на човековите права и борба против системскиот расизам, дискриминација и ксенофобија во нивните заедници. Лидерите се номинираат од амбасадите и конзулатите на САД во светот и секоја година се избираат шест лидери со исклучителен придонес во нивните заедници.
Шаќири беше номиниран од страна на амбасадата на САД во нашата држава вреднувајќи ги напорите што ги прави како поединец и како организација за борба против дискриминацијата, промовирање на еднаквоста и обезбедување пристап до основните човекови права за Ромите.
„Нашата борба за еднаквост продолжува преку подобрување на пристапот до образование, домување, вработување и дигитална вклученост на ромската заедница“, истакнува Елвис Шаќири. Тој додава „продолжуваме да градиме пат за гласот на ромската заедница да биде слушнат, почитуван и вклучен во обликување на нашата иднина“.
Во текот на својот престој Шаќири имаше повеќе работни состаноци со претставници на Стејт департментот и други институции и организации, кои работат на заштита на човековите права. На доделување на наградата присуствуваше и нашиот амбасадор во Вашингтон, Зоран Попов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата

