Македонија
Oбезбедени дополнителни 24.435.000 денари за чистење на депонијата во ОХИС

Владата на седница донесе Одлука, Министерството за животна средина и просторно планирање да ги префрли средствата наменети за чистење на контаминираната локација во ОХИС на сметката на Мулти-партнерскиот фонд за животна средина, во висина од 24.453.000 денари.
Од Министерството велат дека со ова, нашата држава ги исполнува обврските за обезбедување на средства на годишно ниво, согласно одлуката на Владата од 2013, на која се обврза дека со постепено одвојување на средства ќе го поддржи елиминирањето ка контаминираниот материјал од кругот на ОХИС.
Мулти-партнерскиот фонд за животна средина е фонд кој е формиран од страна на Владата со цел да се мобилизираат средства од повеќе извори за решавање на долгогодишниот проблем со историскиот отпад во кругот на ОХИС. За администрирање со средствата од овој фонд е задолжен УНОПС како имплементациона агенција која исто така има обврска да мобилизира дополнителни средства за комплетна ремедијација на малата депонија и изнаоѓање решенија за големата депонија, што е наведено во договорот за формирање на фондот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и УНОПС.
До сега се спроведени активности за чистење на малата депонија распределени на ЛОТ 1, ЛОТ 2, ЛОТ 3 и ЛОТ 4, согласно процедурите од јавна набавка објавена од страна на УНИДО и УНОПС.
Активностите на ЛОТ 1 започнаа во септември 2021 година, на ЛОТ 2 во јуни 2022 година, на ЛОТ 3 во јуни 2023 година и ЛОТ 4 во март 2024 година. Собраниот високо концентриран HCH отпад е транспортиран и уништен во погоните на Треди во Франција додека почвата контаминирана со HCH се транспортира во постројката Индавер во Германија.
Досега се транспортирани и уништени 1.932,35 тони високо концентриран HCH отпад и 586,37 тони почва контаминирана со HCH.
За реализација на активностите се изработени Планови за ремедијација за секој поединечен ЛОТ, доставени од страна на компанијата „Polyeco“ од Р. Грција, компанија кoja е избрана од страна на УНИДО и УНОПС преку постапка за јавна набавка.
Според досегашните испитувања, остануваат да се отстранат уште 300 тона високо концентриран HCH отпад и 1.500 тона почва контаминирана со HCH изомери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За три дена, 109 повредени од Кочани доставиле барања и предлози на телефонската линија на Владата

109 граѓани за три дена од пуштање на телефонската линија за повредените лица и нивните семејства, која е во директна комуникација со Канцеларијата на Ппретседателот на Владата, ја искористиле можноста и доставиле свои барања и предлози, соопштија од Владата.
Од таму велат дека тоа покажува дека оваа телефонска линија дава резултат и дека Владата е отворена за секаква сугестија и идеја.
„Како Влада преку низа на мерки помагаме за помош на повредените и нивните семејства. Ова е заедничка борба и нема да отстапиме од неа, бидејќи секој граѓанин има право на соодветна здравствена заштита и медицинска нега, токму поради тоа како Влада донесовме одлука за рехабилитација во Пониква на повредените лица кои се во стабилна здравствена состојба, но им е потребна дополнителна медицинска услуга. Тим на лекари од 10 јуни до 20 август во рехабилитацискиот центар Пониква на сите лица ќе им пружат дополнителна медицинска грижа, но и психолошка поддршка“, велат од Владата.
Од таму ги повикуваат и ги охрабруваат сите повредени лица кои се засегнати да се јават на телефонскиот број 070/355-526 и да ги изразат своите барања и потреби.
Македонија
Сончево време, попладне локален дожд

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 26 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Од денеска следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена локална облачност. Дневните температури ќе бидат без значителни промени.
Македонија
Мурал од балкански рис исцртан на фасадата на Театар Комедија

Со мурал од балкански рис и мала прослава, Македонското еколошко друштво вчера го прослави Светскиот ден на рисот.
„Конечно најдовме дом за муралот, најдовме и артист кој го нацрта, и најдовме човек кој има визија и кој е отворен за соработка, а тоа е директорот на Театар Комедија – Дарко Спасов. Целта ни е со овој мурал да ја подигнеме јавната свест, не само на рурално туку и на урбано ниво. Кога работите ќе згуснат ни треба секаква поддршка, од секоја популација“, изјави раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски.
Тој се заблагодари на поддршката од Театар Комедија и директорот Дарко Спасов.
„Велат исти птици во исто јато летаат“, вели директорот Спасов, кој го изрази своето задоволство од соработката со Македонското еколошко друштво.
Освен муралот на фасадата на Театар Комедија, пред објектот поставена е и инфо табла со основните податоци за рисот, како и QR код кој води до новата интернет страница посветена на балканскиот рис: balkanlynx.com.
По поздравните обраќања, присутните членови и соработници на МЕД, се упатија кон Бистро Комедија каде што во неформална атмосфера имаа прилика да поразговараат за досегашните постигнувања, но и да разменат идеи и предлози за идни активности.