Култура
Отворање на изложбaта „Тука, но некаде другаде“ на 24 октомври во „Мала станица“
На 24 октомври во 19 часот во просториите на мултимедијалниот центар „Мала станица“ ќе се отвори групната изложба „Тука, но некаде другаде“, копродукција на непрофитната организација за промоција на женската активност – Тиииит! Инк. (Скопје) и Галерија ШКУЦ (Љубљана).
Изложбата „Тука, но некаде другаде“, ги истражува универзалните човечки искуства на мобилност, движење и припадност преку лични приказни. Прикажува дела на седум уметници чии практики комбинираат локални и регионални перспективи. Делата на Невена Алексовски, Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, Ана Чворовиќ, Андреа Кнезовиќ, Илија Прокопиев и Ленка Ѓоројевиќ ги вткајуваат заедно динамиката на раселеноста, транснационалните идентитети, колективноста и променливото чувство на припадност на оние кои ги минуваат границите. Кураторка на изложбата е Јана Старделова.
Нивните дела истражуваат интимни картографии на припадноста – без разлика дали е доброволна, присилна или замислена, низ времето. Замислено како долгорочна иницијатива, „Тука, но некаде другаде“ нè предизвикува да мислиме на луѓе наместо на географии, да ги замениме омразата и стравот со солидарноста. Наместо да има за цел да прикаже фиксна перспектива или да докаже нешто, таа го свртува погледот кон промената, како се стигнува до неа и како таа влијае на нас и нашите заедници.
Изложбата „Тука, но некаде другаде“ ќе биде отворена за посета до 4 ноември 2024 година. Влезот е слободен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез-оркестар утревечер го отвора JAZZHR: заеднички концерт со врвни солисти од регионот
На сцената на Клуб Театар Комедија-Контеса во Загреб, утревечер, 25 октомври, во 19.30 часот ќе настапи Националниот џез оркестар, заедно со солисти од регионот, со што воедно ќе биде отворено есенското издание на „JAZZHR“.
Публиката со нетрпение го очекува овој концерт кој ќе понуди богата програма заедно со врвни солистички имиња од регионалната џез сцена.
„Голема чест и задоволство е да го отвориме Хрватскиот џез фестивал. Ветуваме уште еден незаборавен концерт со разновидна и богата програма. Се чувствуваме возбудени и мотивирани од атмосферата со која на дочекаа во Загреб“, вели Гоце Стевковски, директор на НЏО.
Националниот џез оркестар ќе настапи во состав: Трајче Велков, Сенад Усеин, Александар Златески, Јордан Колевски на труби, Сашко Николовски, Филип Богоевски, Енис Мехмедов, Никола Ристевски на тромбони, Борислав Веселинов, Славко Георгиев, Иван Иванов, Валентин Видовиќ на саксофони. Како дел од оркестарот на контрабас ќе настапи и нашиот истакнат џез уметник Мартин Џаконовски Шпато.
Диригент на концертот е маестро Џијан Емин.
Култура
Изложба Carra – тајниот јазик на телото и уметноста
На 1 ноември 2024 година, во 19:00 часот, Националната опера и балет во Скопје ќе биде домаќин на изложбата „Carra,“ новото дело на уметникот Бојан Ковски. Оваа изложба, инспирирана од незаборавната италијанска икона Рафаела Кара, ја претвора телесната уметност во живописен омаж на нејзината уметност и енергија. „Но, ова не е обична изложба. „Carra“ е експлозија на движења, бои и форми, каде телото станува платно, а секој потег – песна што не се слуша, туку гледа“.
Ковски преку „Carra“ ја истражува идејата за телото како живо платно, кое станува средство за изразување на емоции, ставови и естетски идеали. Во оваа изложба, ќе бидат претставени 12 body-art инсталации, секоја со уникатен визуелен идентитет, кои на 15 македонски модели ќе раскажуваат своја приказна. Тука ќе ги видиме и некои истакнати лица на македонската сцена – Антониа Гиговска, Калтрина Круезиу, Миа Араби, Александар Динев, Ведрана Ѓорѓевиќ и други – кои со своето присуство го обликуваат духот на изложбата.
Магијата на уметноста не завршува со телото. Напротив, секое дело ќе биде овековечено од 12 фотографи, кои преку своите објективи успеваат да го пренесат уникатниот светоглед на Ковски и неговите инсталации. Фотографите како Бојан Стоилковски, Ани и Дими, Зонде, Горан Поповски, Дејан Џолев и други, создаваат визии кои го доловуваат мистичниот танц помеѓу уметноста и телото, помеѓу формата и суштината. Секое фотографирано дело е бескрајно слоевито, со едноставен но длабок приказ на телесната експресија и креативниот импулс.
Во целокупниот визуелен израз, важен дел се и фризурите кои ја комплетираат уметничката инсталација. Врвни фризери како Октај, Шурбевски, Сретен Костиќ, Кека Махмуди и Даниел Николовски креираа фризури кои се во совршена хармонија со телесната уметност, што на моделите им дава завршен изглед достоен на оваа изложба. Нивната креативност и елеганција ќе ја истакнат убавината и оригиналноста на секој од моделите, додавајќи нови слоеви на уметничкиот израз.
„Carra“ е повеќе од изложба – тоа е покана за дијалог помеѓу минатото и сегашноста, помеѓу телото и духот, каде секој гест носи порака, а секоја боја – емоција. Ковски нè води низ прашалници за идентитетот и слободата, за моќта на уметноста да го пренесе она што зборовите не можат да доловат. Телото станува медиум на комуникација, симбол на универзалниот јазик кој сите можеме да го разбереме.
На 1 ноември, вратите на Националната опера и балет ќе бидат отворени за сите кои сакаат да бидат дел од ова уникатно уметничко патување. Влезот е слободен, а поканети се сите – љубители на уметноста, љубопитни умови и пријатели – да се приклучат на оваа магична вечер.
Култура
Отворена изложбата „Простор и форма“ на Мице Јанкуловски
Синоќа беше отворена самостојната изложба „Простор и форма“ од Мице Јанкуловски во Модерната галерија на Центарот за култура во Горњи Милановац.
Изложбата ја отвори директорот на Центарот за култура, г. Драган Арсиќ, а кураторот Корнелија Конеска пред присутните го објасни концептот на изложбата:
На изложбата е претставена меѓузависноста помеѓу просторот и формата на многу специфичен начин: со сликарство и графика, со многу големи и многу мали формати, но само со една боја (црната) – се во стилот на авторот Мице Јанкуловски.
Јанкуловски е уметник кој твори повеќе од 55 години и во текот на професионален развој стана препознатилив по своите атрибути:
МОНОХРОМНОСТ – зашто слика само со една боја, црната
МОДУЛАРНОСТ – зашто форматите на неговите дела се секогаш претходно осмислени и во меѓусебна зависност едни од други
МУЛТИПЛИКАЦИЈА – зашто формите кои ги користи во своите слики ги мултиплицира, а ги мултиплицира и платната во големи полиптиси
МИНИМАЛИЗАМ – зашто својата уметничка цел ја постигнува со минимум елементи, што всушност е најтешко да се направи, но сепак зборуваме за уметник со над 55 годишно активно уметничко творештво!
Од богатиот опус на неговото творештво, пред вас, нашата ценета публика, се претставуваме концепт од сериите „Круговите на Леонардо“, серија која започна во 2017 и првото дело од оваа серија беше носител на Наградата за животно дело „Лоренцо ил Мањифико“ на Фиренца биеналето 2019. Дел од следните дела, триптихот „Круговите на Леонардо II“ и „Круговите на Леонардо III“, како и сегмент од поврзаното со истата тематика дело „Ноќите на Тоскана“ – се изложени во Модерната галерија во Горњи Милановац.
Идејата за ова серија Јанкуловски ја црпи од „Студијата за водата“ направена од страна на големиот Леонардо да Винчи, во која тој објаснува дека водата која паѓа од височина создава концентрични кругови кои никогаш не се сечат меѓу себе. Вистински предизвик за претставување на апстракцијата на оваа студија на платно!
Паралелно со нив се претставени и графичките дела Формите на Венеција и Формите на Фиренца (Омаж на Еугенио Монтале), претставени како триптих на сериграфии со апликација на флок, печатени во студиото за графика Фалани во Венеција. Формите во овие свои дела Јанкуловски ги сведуваат на судир меѓу црното и белото.
Изложбата ќе биде поставена во Модерната галерија на Центарот за култура во Горњи Милановац до 7 ноември 2024.