Македонија
Муцунски се обрати на настан по повод Денот на ОН: Проблемите со кои се соочуваме како држава и можните решенија ќе ги дефинираме сите ние заедно
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера по повод 24 октомври, Денот на Обединетите нации, учествуваше на настанот за одбележувањето на 79 години од основањето на Организацијата на обединетите нации, што се одржа во Градскиот парк во Скопје во организација на Канцеларијата на Резидентниот координатор на Обединетите нации во Република Северна Македонија.
„Проблемите со кои се соочуваме како држава и можните решенија ќе ги дефинираме сите ние заедно: Владата, граѓаните, приватниот сектор, и академскиот свет, а се со една цел-остварување на Целите за одржлив развој и создавање на просперитетно и одржливо општество. Малите животни промени на дневна основа се токму тие што ќе ги донесат видливите и големи промени во нашето општество и секојдневно живеење“, истакна Муцунски.

Натаму, во своето обраќање Муцунски се осврна на неодамнешниот избор државата во Советот за човекови права на ОН, што претставува престиж и обврска, потенцирајќи ги нашите заложби за заштита и промоција на човековите права кои преку активно членство во Советот ќе бидат високо на агендата и натаму ќе се унапредуваат и обезбедуваат.
„Ние остануваме максимално посветени на глобалните процеси и на целите за одржлив развој и ќе продолжиме да ги промовираме суштествените вредности на ОН и да бидеме доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели на ОН – унапредување на човештвото, мирот, правдата, човечкото достоинство, дијалогот, толеранцијата и солидарноста“, нагласи министерот Муцунски.
Тој додаде дека Обединетите нации, како една од најважните меѓународни организации, имаат незаменлива улога во градењето и подобрување на просперитетна и инклузивна иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манасиевски: Вториот стожер на стратегијата „Македонија 2030“ е економска конкурентност и нов модел на раст
Вториот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е економска конкурентност и нов модел на раст, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“ поставува јасна цел за создавање на модерна и просперитетна држава што се потпира на работа, знаење и стабилни институции. Нашата економија мора да премине кон систем што создава вредност, а не зависност. Вториот стожер кој денес го претставуваме е економска конкурентност и нов модел на раст. Нашиот фокус е структурна трансформација, односно од економија базирана на ниски плати во минатото, да се стремиме кон економија базирана на знаење, иновации и висококвалификуван кадар“, рече тој.
Манасиевски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ има конкретни чекори и план како да стигнат до оваа реализација.
„Развој на индустрии со висока додадена вредност, како модерна технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација и инженеринг да бидат нашите двигатели на новата економија. Следен чекор е дигитализација и автоматизација во бизнис-секторот. Само модерни компании можат да влезат во европските производствени и технолошки синџири. Планираме голема поддршка за домашните претпријатија. Домашниот бизнис е мотор на економијата. Затоа, обезбедуваме подобри услови за инвестиции, пристап до капитал и намалени административни бариери. Стабилен и предвидлив даночен систем. Ниту една компанија не би инвестирала во држава која ги менува правилата според дневна политика, затоа стабилноста е суштинска“, рече Манасиевски.
Додаде дека последен чекор во овој стожер, но и многу важен е зелена транзиција и енергетска независност.
„Работиме на зголемени инвестиции во обновливи извори, модернизација на енергетските мрежи и развој на зелени технологии“, рече Манасиевски.
Македонија
Ѓорѓиевски и францускиот амбасадор разговараа за развојот на Скопје и за партнерството со Дижон
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер. На состанокот беше претставена визијата за долгорочен развој на Скопје, заснована на одржливи политики, европски стандарди и продлабочена меѓународна соработка.
Разговорот опфати и унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон, како и можности за нови заеднички проекти и иницијативи од интерес за граѓаните на главниот град.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во својата изјава го нагласи стремежот Скопје целосно да ги интегрира европските стандарди во економскиот развој, културата и зелените политики. Амбасадорот Ле Риголер ја изрази подготвеноста на Франција да сподели искуства и иницијативи, кои може да придонесат за подобрување на инфраструктурата и на квалитетот на живот во Скопје.
Двете страни ја истакнаа важноста од континуирана институционална комуникација и координација, со цел отворање нови можности за партнерства и долгорочни проекти.
Ѓорѓиевски оцени дека соработката ќе придонесе Скопје да продолжи да се развива како современ европски град, ориентиран кон иновативни решенија и меѓународна отвореност.
Македонија
Повторно блокиран граничниот премин Богородица
Од 11 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез, информира АМСМ. Преминот беше блокиран и вчера поради штрајк на земјоделците.
Од 9 до 13 часот на ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

