Свет
Иран: Имаме право да се браниме
Иранското Министерство за надворешни работи во денешното соопштение остро го осуди нападот на Израел врз неговите воени цели и најави дека тие имаат право да се бранат.
„Врз основа на своето вродено право на легитимна одбрана, наведено во член 51 од Повелбата на ОН, Исламската Република Иран смета дека има право и должност да се брани од странски акти на агресија“, објавија тие.
Иранската новинска агенција Тасним објави дека Иран „ќе ги искористи сите физички и духовни способности на иранската нација за да ги заштити своите интереси и безбедност“.
Тасним објави и дека одговорот на Иран на израелските одмазднички воздушни напади ќе биде „пропорционален“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бајден изрази надеж дека последните израелски напади врз Иран ќе бидат „крај“ на директната размена на оган
Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека се надева оти синоќешните израелски воздушни напади врз Иран ќе бидат „крај“ на директната размена на оган меѓу двете земји.
Зборувајќи со новинарите пред да го напушти меѓународниот аеродром во Филаделфија во Пенсилванија, тој рече: „Мојата надеж е дека ова е крајот“.
Израелските воздухопловни сили синоќа гаѓаа цели во Иран, при што загинаа двајца ирански војници.
Иранското Министерство за надворешни работи соопшти претходно денеска дека Иран има право и должност да се брани по последните израелски напади.
Израелските напади се одмазда за иранските ракетни напади врз Израел на почетокот на октомври
Регион
Фон дер Лајен: Црна Гора многу напреднала на својот европски пат
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Подгорица изјави дека Црна Гора многу напреднала на својот европски пат и затвора поглавје по поглавје во преговорите.
Таа се сретна со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ и со претседателот Јаков Милатовиќ.
„Црна Гора многу напреднала на својот европски пат. Сега затвораме поглавје по поглавје (од преговорите). Можете да го поминете целиот пат“, напиша Фон дер Лејен на својот профил на Икс.
Таа додаде дека се очекува земјава да добие над 380 милиони евра од Планот за раст за Западен Балкан, почнувајќи од 27 милиони евра до крајот на годинава.
„Имате добра причина да бидете горди на постигнатото, до крајот на годината можете да затворите четири поглавја“, рече Фон дер Лајен на прес-конференцијата по средбата со Спајиќ, цитирана од црногорската национална ТВ РТЦГ.
„Подготвени сме да понудиме секаков вид помош“, додаде таа.
Фон дер Лајен на 23 октомври ја почна својата турнеја низ земјите од Западен Балкан. Таа ги посети Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Република Северна Македонија и Косово. Црна Гора е нејзината последна станица.
Свет
Повеќе од 200 проектили истрелани од Либан, тврди Израел
Најмалку 200 проектили биле истрелани денеска од Либан, тврди израелската армија. Израел соопшти дека нема извештаи за повредени во нападите, кои следеа по израелските напади врз Иран во текот на ноќта.
Според израелската војска, фрагменти од околу 30 ракети оштетиле неколку згради и автомобили во северниот град Нахариј, додека противпожарната служба соопшти дека нејзините тимови се борат со пожарите предизвикани од ракетни напади на седум локации ширум северот.
Речиси секојдневните престрелки меѓу Израел и милитантната група Хезболах со седиште во Либан во текот на изминатата година ескалираа во војна во последните недели, при што 19 лица загинаа во Либан само вчера, според Министерството за здравство на земјата.