Македонија
(Видео) СДСМ бара Христовски итно да се повлече од директор на АНБ: „Користењето на фалсификуван документ е криминал“
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија повика Бојан Христовски итно да биде повлечен од директорската позиција на Агенцијата за национална безбедност.
Методија Илиевски од СДСМ на прес-конференција изјави дека користењето на фалсификуван документ е криминал.
„Бојан Христовски не ги исполнува законските услови за позицијата директор на АНБ. Користење на фалсификуван документ е криминал, а не само законски пропуст. Христовски нема соодветен меѓународно признат сертификат за познавање на англиски јазик, туку се користел со фалсификуван документ за да ја добие функцијата. Ова претставува кршење на законот и кривично дело за кое мора да одговара“, рече Илиевски и го повика Јавното Обвинителството да отвори постапка.
Од опозициската партија велат дека скандалозно е што тој бил Државен советник за криминалистички работи во МВР.
Партијата повика и на реакција на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), која треба да ги потврди информациите и да се изјасни по ова прашање.
„Повикуваме на транспарентна истрага, која ќе утврди кој го овозможил ова кривично дело и кој е одговорен за неговото назначување. Одговорност и оставка од Мицкоски, кој свесно ги партизира институциите со поставување на лица без квалификации и нарушен интегритет“, додаде Илиевски.
СДСМ претходно денес објави дека сертификатот за англиски јазик на Христовски е лажен и дека центарот во Пловдив – Бугарија каде што тој тврди дека го добил, не постои. Покрај сертификатот, СДСМ тврди дека Христовски нема ниту безбедносни сертификати ниту доволно работно искуство на раководни позиции, што е предуслов за назначување на позицијата директор.
Информацијата во јавноста првично ја објави бугарскиот портал Фактор.бг, кој тврди дека во Пловдив не постои центар за странски јазици „Јулија“ за полагање на испити, чиишто сертификат го пријавил новиот директор на АНБ.
Фактор.бг ги проверил податоците на училиштето за странски јазици Julia Co.LTD кое е наведено во биографијата на Христовски како издавач на неговиот ТОЕФЛ сертификат за познавање на англиски јазик, но на посочените адреси во Пловдив немало такво јазично училиште. Порано таму била сместена компанијата Julia Co.LTD, но сега канцеларијата е затворена, и таа фирма чија примарна дејност е преведување и консултации при вработување сега работи онлајн. Во телефонски разговор на новинарот на фактор.бг со жената која одговорила на телефонскиот број од брошурата на фирмта им било посочено дека компанијата во моментот не издава сертификати за TOEFL и не организира обука за добивање на таков сертификат за познавање на англискиот јазик. Жената не се сеќава ниту дали „Јулија“ некогаш спроведувала обука по овој систем порано.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

