Македонија
Ахмети му напиша писмо на Рама: „Ве повикувам на заедничка акција за заштита на Охридскиот договор“
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети во писмо до албанскиот премиер, Еди Рама, напиша дека поради најновите политички и уставни случувања се загрозуваат постигнувањата на Охридскиот договор.
Ахмети во писмото вели дека Уставниот суд планира да ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, а зборува и за одлука за забрана на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции . Ахмети се осврнува и на последните избори, коментирајќи дека бил прекршен основниот принцип на Охридскиот договор, кој бара формирање на политичко мнозинство врз основа на праведната застапеност на етничките заедници.
Првиот човек на ДУИ, понатаму вели дека ова биле три големи удари врз темелите на Охридскиот договор и кои претставуваат сериозна закана за мирот, стабилноста, меѓуетничката хармонија и мултиетничката демократија.
„Овие не се само внатрешно политички прашања, туку имаат сериозни последици за регионот и неговата стабилност. Овие интервенции ја загрозуваат основата на мирот и еднаквоста, враќајќи нè во условите пред 2001 година, кои беа причина за кризата и војната од таа година“, вели Ахмети.
Тој во писмото повика на заедничка и решителна акција за, како што рече, заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и загарантираните права на Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес локални врнежи од дожд и снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1 степен, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремен слаб дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на циклонска активност, во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.

