Македонија
Наутро услови за слаба магла, преку денот сончево со мала облачност

Наутро по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Преку денот претежно сончево со слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје наутро со услови за слаба магла, а преку денот сончево со мала облачност и со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 26 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Ќе продолжи периодот на појава на магла и ниска облачност по одделни котлини. До средината на неделата ќе се задржи сончево преку денот и релативно топло за овој дел од годината. Во среда ќе има преодна зголемена облачност проследена со појава на повремен дожд, а дневната температура малку ќе опадне.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наутро минус, а попладне пролет

Неделата ќе започне со утрински температури од -1 до 8 степени, при што во повисоките места и на планините ќе има појава на слаб до умерен мраз.
Во Скопје и околината, утринската температура ќе се спушти до околу 5 степени.
Но, веќе во текот на денот времето ќе се стабилизира – не очекува претежно сончево и пријатно пролетно време, со дневни температури кои ќе достигнат до 26 степени. Локално ќе има мала до умерена облачност, особено во западниот дел од земјата, каде ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен и западен правец.
Македонија
Азир Алиу му сврте грб на Таравари, ексминистерот останува со Вреди

Поранешниот министер за информатичко општество, Азир Алиу, соопшти дека останува дел од коалицијата Вреди, нагласувајќи дека борбата против корупцијата и потребата од промени во општеството не смеат да престанат на првата препрека.
„Останувам во Вреди. Излегување од Владата без јасен план може да доведе до рехабилитација на старите структури од ДУИ“, изјавил Алиу, пренесе ТВ Телма.
Во исто време, вицепремиерот Арбен Фетаи објави фотографии од средба со премиерот на Косово, Албин Курти, во Приштина. Таму, заедно со други членови на Алијансата за Албанците, разговарале за регионални прашања и „заедничката визија за напредок“.
Паралелно со овие случувања, лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, пред два дена поднесе оставка од функцијата министер за здравство. Тој најави дека неговата партија ја напушта Владата и коалицијата Вреди, со образложение дека не сакаат да бидат „декор“ во извршната власт.
„Ќе се мобилизираме за претстојните локални избори во октомври“, изјави Таравари.
Во однос на политичката стабилност, првиот вицепремиер Изет Меџити порача дека Владата останува цврста, и најави почеток на разговори со пратеници од опозицискиот блок „Европски фронт“ со цел да се обезбеди парламентарно мнозинство.
Македонија
Тивок, но моќен протест во Кочани, шести „Марш за ангелите“ кои настрадаа во „Пулс“

Со пораката „Системот убива – институциите молчат“, денес во Кочани се одржа шестиот протестен „Марш за ангелите“, во чест на младите кои трагично го загубија животот во пожарот во клубот „Пулс“.
Иако боли молкот на институциите, денешниот марш беше исполнет со тишина – ниту еден родител не се обрати јавно. Тоа беше нивниот тивок, но јасен одговор на игнорантниот однос на надлежните, кои сè уште немаат понудено одговорност за трагедијата.
Во колоната која тргна точно во 16:05 од Паркот на Револуцијата, поддршка дадоа граѓани од целата држава, вклучително и активисти од движењето „Кој е следен?“. Учесниците, со транспаренти со пораки како „Нема трагедија, има злосторство“ и „Пожарот ги зеде телата, системот ги уби душите“, го прошетаа градот низ клучните институции – Општината, Полициската станица, Судот и Обвинителството – токму оние од кои семејствата очекуваат правда.
Во чест на настраданите, особено на келнерите кои животот го загубија работејќи, се одржа и симболична трка на келнери, поддржана од неколку угостителски објекти од Кочани.
– Ова не беше натпревар, туку гест на почит. Нашите колеги беа херои – работеа со насмевка и останаа до крај. Овој марш е наш заеднички глас против молкот и неправдата, изјави Јане Гицев, организатор на трката.
Протестот заврши таму каде што започна – во Паркот на Револуцијата, каде со едноминутен молк и громогласен аплауз им беше оддадена почит на загинатите и поддршка на семејствата кои упорно ја бараат вистината.