Регион
Тројца мажи се обиделе да ја запалат куќата на масовниот убиец од Србија
Полицијата во Младеновац уапсила тројца мажи, кои во саботата вечерта се обиделе да ја запалат куќата на семејството на Урош Блажиќ, масовен убиец во селата Мало Орашје и Дубона. Според порталот „Телеграф.рс“, тројца мажи со автомобил „фиат“ се упатиле до куќата на Блажиќ во Дубона и се обиделе да го запалат објектот. Но, пожарот зафатил само сува трева, а полицијата успеала да го изгасне пред доаѓањето на пожарникарите.
Осомничените биле бргу запрени и уапсени и приведени на распит.
Да потсетиме, крвавиот напад на Блажиќ во селата кај Младеновац се случи во мај 2023 година, само еден ден по пукањето во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Блажиќ почна да убива во Мало Орашје, а потоа се упати кон Дубона. Полудениот напаѓач по масакрот побегнал, а потрагата по него траела до раните утрински часови кога бил пронајден на 50 километри во близина на Крагуевац.
Убил девет лица, а ранил 14.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Училиштата во Сараево веќе еден месец добиваат закани за бомби
Редовната настава во неколку средни училишта во реонот на Сараево денеска повторно мораше да биде прекината откога добија закани за бомби, со што се потврди дека претходната полициска истрага и многуте апсења на малолетници не го решиле овој проблем, кој интензивно трае веќе еден месец.
„Полицијата ги претресува училиштата, а за сѐ е информирано Обвинителството“, изјави Мерсиха Новалиќ, портпаролка на полицијата на Сараевската жупанија.
Ова е веќе четврта недела во која во училиштата во Сараево пристигнуваат закани за поставени бомби, па според утврдените процедури, наставниот процес мора веднаш да се прекине и специјализирани полициски екипи да излезат на терен за да извршат увид. Сите извештаи досега се покажаа како лажни, но наставниот процес е загрозен, а повеќето училишта во такви ситуации прибегнуваат кон онлајн-моделот на настава, кој се практикуваше за време на пандемијата.
Заканите за бомби до училиштата најчесто доаѓаат преку е-пошта од лажни адреси или други онлајн-платформи, а полициските истражители со недели трагаат по испраќачите, кои тешко може да се пронајдат.
Сепак, досега успеале да идентификуваат и приведат 12 такви лица. Само еден од нив бил полнолетен и имал 18 години, а сите други биле малолетни.
Регион
Бојко Борисов: Ќе соработуваме со сите, освен со ултранационалистите
Бугарската централнодесничарска партија ГЕРБ победи на вчерашните парламентарни избори, покажуваат прелиминарните резултати, но ќе мора да бара коалициски партнер за формирање влада.
Според прелиминарните резултати на Државната изборна комисија и врз основа на делумното пребројување на гласовите, ГЕРБ освоила 26,08 отсто од гласовите.
Реформистичката партија Продолжуваме да менуваме (ПП) е втора со 14,76 отсто, објавено е денеска на веб-страницата на комисијата по пребројани над 82 отсто од гласовите, а ултранационалистичката партија Препород е трета со 13,8 отсто.
Изборите во неделата, седми во последните четири години, беа поттикнати од неуспешниот договор меѓу бугарските политички партии за формирање коалициска влада по неуспешните избори на 9 јуни.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, утринава им се заблагодари на гласачите за поддршката велејќи дека неговата партија ќе формира нова влада. „Ќе соработуваме со сите, освен со Препород“, рече тој.
Од 2020 година владите во Бугарија беа краткотрајни. Многуте протести организирани против корупцијата придонесоа за крај на коалицијата предводена од партијата ГЕРБ.
На Бугарија ѝ треба период на стабилна и добро функционална влада за да го забрза протокот на средства од ЕУ во нејзината лоша инфраструктура и да се охрабри да го прифати еврото.
Плановите за влез во еврозоната веќе двапати беа одложувани поради инфлацијата. Пристапувањето во моментот е закажано за 25 јануари 2025 година. Но, многу гласачи стравуваат од понатамошна неизвесност.
„Дури и да успеат да формираат влада, не ѝ давам многу шанси за успешен и здрав живот во следните четири години“, изјави 37-годишен жител на Софија за Љ„Ројтерс“.
Регион
(Видео) Масовна тепачка во Загреб меѓу доставувачи
Низ социјалните мрежи се прошири видео од масовна тепачка пред Мекдоналдс во Загреб. Конфликтот наводно се случил вчера вечер околу 20 часот, а во тепачката учествувале испорачувачите.
На видеото се гледа како десетина доставувачи се удираат со тупаници и шлемови.