Македонија
СДСМ: Мицкоски дојде на власт и смени лента, договорот со „Бехтел и Енка“ беше историски криминал, а сега е супер
Кога беше во опозиција Христијан Мицкоски велеше дека Договорот со Бехтел и Енка е историски криминал, велат од СДСМ.
„’Договорот помеѓу владата и Бехтел и Енка отвори 10-тина дилеми за историски криминал’, ‘Таму се фатени буквално во сериозен криминал’ ‘Криминалот со Бехтел и Енка ќе го кријат со Закон’, ‘Ова е историска пљачка’. Вака говореше Мицкоски до пред само неколку месеци. Дојде на власт, седна во премиерската фотелја и Мицкоски веднаш смени лента. Одеднаш се е различно, се е супер“, велат од СДСМ.
Додаваат дека Мицкоски и Николовски од денеска се фалат со истиот проект од Договор со Бехтел и Енка и велат дека резлизацијата ќе била добра за државата и за граѓаните.
„Вакво лажење на народот досега е невидено, се потврди дека историско е само политичко лицемерие и дволичност на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ!“, се додвава во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Јакимовски останува во ЗЕЛС, Костадинов не дојде на состанокот
ЗЕЛС не е тој што предизвикува кризи, ЗЕЛС ги надминува кризите – ова го изјави претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски после средбата со неговиот колега Стевче Јакимовски, градоначалник на општина Карпош, додека Костадин Костадинов, градоначалникот на општина Струмица не дојде на состанокот на кој беше поканет, иако беше најгласен против ЗЕЛС.
Ѓорѓиевски додаде дека секогаш имало несогласувања помеѓу одреден градоначалник и министер, но логички е кога се работи да постојат и такви несогласувања.
– Ние сме тие кои влегуваме во директна медијација на процесот и верувам дека ќе ги надминеме какви и да се разликите и колку и длабоки да се истите. ЗЕЛС останува обединет и понатаму. Во наредниот период ќе продолжиме со интензивна комуникација и со Струмица. Колегата Перо Костадинов кој е мој потпретседател и доаѓа од редовите на Социјалдемократскиот Сојуз, ќе се потруди во тој дел како колега, како припадници на иста политичка партија со Костадин Костадинов да седнеме заеднички на маса и верувам дека, како и Стевче што кажа дека нема да излезе од ЗЕЛС и остава простор на процесот да ги надминеме проблемите, истото ќе се случи и со општина Струмица – изјави претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски и додаде дека ќе застанат зад секој колега градоначалник без разлика од било која политичка партија да доаѓаат.
Во текот на наредните неколку денови, ЗЕЛС ќе направи обиди за организирање средби помеѓу гореспоменатите градоначалници и претставниците на централната власт.
Македонија
Пожарот во хотелот во Берово зафати 200 квадрати – летната тераса пеплосана, најверојатно огнот се раширил од скарата
Скарата на ќумур, најверојатно, го предизвикала пожарот што синоќа го зафати хотелскиот комплекс „Манастир“ во Берово.
Kомандирот на противпожарната бригада, Сашо Руменовски, вели дека пожарот зафатил околу 200 квадратни метри вклучувајќи ги летната тераса и објектот до хотелот, а пожарникарите спречија огнот да ги зафати и собите.
Руменовски за „Макфакс“ информира дека штетата дополнително ќе се утврдува и ќе биде соопштена од одговорните служби.
„Дирекцијата за заштита и спасување има инспектори за пожарство и тие треба да направат увид“, вели Руменовски и додава дека моментно нема екипи на терен откако и утрово пожарникарите дежураа пред објектот.
На терен интервенираа 15 пожарникари и 4 противпожарни возила, а дополнително беше побарана помош во пожарникари и возила од ТППЕ Виница, Кочани Струмица и Доброволното друштво – Пехчево.
Македонија
ДУИ: Партиите што денес се фалат со Коридорот 8 до вчера го критикуваа
Демократската унија за интеграција цени дека продолжувањето на работите на Коридорот 8 дури и од страна на Владата без етнички легитимитет ја докажува и потврдува нашата правична и визионерска политика. Партиите кои денеска го фалеа и се гордееа со проектот, до вчера го критикуваа договорот и изградбата на Коридорот 8 со закани дека ќе го откажат договорот, а денеска го нарекоа историски проект, велат од ДУИ.
„Граѓаните секојдневно ги чувствуваат придобивките од нашите политики и се убедени дека целиот политички лов на вештерки со клевети и конструкции беше измама за да се дојде на власт, дури и без етнички легитимитет. Коридорот 8, иако го носи печатот на ДУИ, е на сите граѓани и апелираме тунелот од Гостивар до Букојчани да се реализира бидејќи тоа е најдобрата и најрационална опција за овој дел од коридорот. Предвидениот буџет за овој проект мора да се реализира како што е утврден за да нема намерни опструкции и политички доцнења во реализацијата на проектот“, велат од партијата.