Свет
Камала Харис го одржа последниот говор во пресрет на претседателските избори
Потпретседателката на САД и претседателски кандидат Камала Харис го одржа својот последен говор пред претседателските избори во Елипс Парк, недалеку од Белата куќа, посочувајќи дека САД се пред избори кои ќе покажат дали ќе имаат земја во која слободата е вкоренети за секој Американец или земја во која ќе владее поделба и хаос.
Ројтерс објави дека на митингот се собрале повеќе од 75.000 луѓе. Инаку, митингот се одржа во близина на Белата куќа каде на 6 јануари 2021 година Трамп им се обрати на своите поддржувачи пред да го нападнат американскиот Капитол.
Кандидатот Харис беше опкружена со американски знамиња на сцената и сино-бели транспаренти на кои пишуваше „Слобода“, а во позадина беше осветлена Белата куќа.
Во дел од говорот таа го нападна претседателскиот кандидат Доналд Трамп, посочувајќи дека тој е личноста која застана на истото место пред четири години и која испрати вооружена толпа да ја урне волјата на народот на слободни и фер избори.
„Американци загинаа како резултат на тој напад“, рече таа, додавајќи дека Трамп е нестабилна и огорчена личност.
„Тој е нестабилна личност опседната со одмазда, обземен од тага и желен за неконтролирана моќ. Доналд Трамп помина една деценија обидувајќи се да го задржи американскиот народ поделен и во страв еден од друг“, нагласи Харис.
Таа им порача на гласачите дека ќе биде претседател на сите Американци доколку ја изберат.
Таа посочи дека главен приоритет на американските власти пред четири години бил да се стави крај на пандемијата и да се спаси економијата, а сега најголем предизвик им е да ги намалат трошоците – трошоци кои растеа и пред пандемијата, а кои се уште се превисоки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Првиот човек на грчката Пошта поднесе оставка по најавата за затворање на 200 филијали
Планираното затворање на 204 поштенски филијали скапо го чинеше директорот на Грчката пошта (ЕЛТА), Григорис Скликас, кој поднесе оставка, пренесе весникот „Катимерини“.
Скликас ја поднел оставката откако многу граѓани дознале дека нивните локални пошти биле затворени преку ноќ, што предизвикало остри реакции. И покрај оставката, владата останува при планот за затворање на околу една петтина од вкупно нешто повеќе од илјада пошти.
Директорот се бранел дека работат со застарена опрема и несоодветна дигитална инфраструктура. Грчката пошта се соочува со недостиг од персонал и милионски загуби, а долгот изнесува околу 140 милиони евра.
Портпаролот на владата, Павлос Маринакис, изјави дека планот за реструктурирање и затворање на филијалите е конечен, но призна дека одлуката за нивно затворање без претходна консултација со граѓаните била погрешна.
Тој најави дека реформата ќе се спроведе по дијалог со јавноста и дека целта е сите граѓани да имаат пристап до поштенски услуги.
Свет
Орбан му одговори на Зеленски: Украина не ја брани Унгарија од никого и од ништо
Унгарскиот премиер Виктор Орбан му возврати удар на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го обвини во едно интервју дека го поддржува Путин со блокирање на пристапните преговори на Украина со Европската Унија. Зеленски рече дека нема намера да понуди отстапки на Будимпешта, на што Орбан одговори дека Украина не ја брани Унгарија и дека Будимпешта не му должи ништо, објави „Евроњуз“.
Во интервју објавено вчера Зеленски тврдеше дека Унгарија треба да ја поддржи одбраната на Европа наместо да бара отстапки.
„Не мислам дека треба да му понудам нешто на Виктор Орбан“, рече Зеленски.
„Мислам дека Виктор Орбан треба да ѝ понуди нешто на Украина, која ја штити цела Европа од Русија, а дури и сега, за време на оваа војна, не добивме никаква поддршка од него, поддршка за нашата визија за живот“, додаде украинскиот претседател.
Одговорот на Орбан дојде кратко по објавувањето на интервјуто. Унгарскиот премиер ја отфрли сугестијата дека неговата земја му должи нешто на Киев.
„Украина не ја брани Унгарија од никого и од ништо. Ние не го побаравме тоа и никогаш нема да го сториме тоа. Безбедноста на Унгарија е загарантирана од нашите национални одбранбени капацитети и од НАТО, чиј член, за среќа, Украина не е“, рече Орбан.
Тој истакна дека Унгарија досега обезбедила приближно 200 милиони евра хуманитарна помош и продолжува да ја снабдува земјата разорена од војна со гас и електрична енергија.
Премиерот го повтори цврстото противење на Унгарија на пристапувањето на Украина во ЕУ.
„Унгарија не го поддржува и нема да го поддржи пристапувањето на Украина во Европската Унија бидејќи тоа би донело војна во Европа и би ѝ одзело унгарски пари на Украина“, рече Орбан додавајќи дека би претпочитал да види Киев да добие статус на стратешки партнер наместо полноправна членка.
Свет
Зохран Мамдани со чекан и срп на насловната страница на „Њујорк пост“
Демократскиот социјалист Зохран Мамдани, кој се опиша себеси како најлошиот кошмар на Трамп, е избран за нов градоначалник на Њујорк.
На насловната страница на денешниот „Њујорк пост“ пишува: „Социјалистот Мамдани ја доби градоначалничката трка. Црвено јаболко“. Во заднината Мамдани е прикажан како држи чекан и срп, а на небото над облакодерите се гледаат три црвени пентаграми.
„По кампањата, во која ветуваше високи даноци, бесплатни работи и омраза кон Израел, социјалистот Зохран Мамдани убедливо победи синоќа и ќе стане 111-ти градоначалник на Њујорк“, пишува „Њујорк пост“.
„Њујорк пост“ е еден од најстарите американски дневни весници, основан 1801 година, а денес е познат како таблоид со изразен сензационалистички пристап. Тој ги претставува конзервативните политички ставови, блиски до Републиканската партија.
Тој често ги критикува политичката левица, прогресивните движења и демократските функционери, а пишува потврдно за републиканските кандидати и за конзервативните прашања. Неговиот стил е провокативен, со заводливи наслови, иронија и визуелно моќни насловни страници.
За што се залага Мамдани?
Политичката платформа на Мамдани се базира на зајакнување на јавните услуги и проширување на социјалните програми, особено во областите домување и транспорт. Тој се залага за замрзнување на кириите во регулираните станови и изградба на многу достапни станови.
Мамдани исто така ги поддржува воведувањето бесплатен автобуски превоз и проширувањето на јавниот превоз финансиран од градскиот буџет. Неговите планови вклучуваат зголемување на даноците за најбогатите и за најголемите корпорации за финансирање нови јавни програми.
Во однос на социјалните прашања, тој силно ги поддржува правата на ЛГБТК+ луѓето и проширувањето на пристапот до здравствена заштита. Се залага за бесплатна грижа за децата и намалување на трошоците за живот за семејствата. Во областа на јавната безбедност се промовира поголема улога на социјалните и на услугите за ментално здравје, а воедно се намалува обемот на работа што традиционално се префрла на полицијата.

