Култура
„Си-ен-ен Бразил“: Со „Јон Вардар против Галаксијата“, Македонија влегува на пазарот за анимација
По успехот на наградените филмови како „ Пред дождот “ (1994) и „Медена земја“ (2019), кинематографијата во Северна Македонија прави нов чекор. Оваа година, земјата ја лансираше својата прва анимација, „Јон Вардар против Галаксијата“, која беше премиерно прикажана во Бразил за време на 48. Меѓународен филмски фестивал во Сао Паоло, пишува „Си-ен-ен Бразил“.
Медиумот во текстот за првиот македонски долгометражен анимиран филм се навраќа наназад во 2009 година, раскажувајќи дека тогаш режисерот Гоце Цветановски на форум за македонските љубители на стрипот ги открил цртежите кои послужија како прототип за анимацијата.
„Ги видов цртежите со вонземјаните и ми беа многу смешни. Оттаму, решив да ја креирам приказната. Мислев дека би било забавно да се развие наратив полн со вонземјани“, раскажа режисерот.
Цветановски во разговорот за бразилскиот сервис на „Си-ен-ен“ зборува и за предизвиците со кои се соочил тимот за да обезбеди успех на проектот, почнувајќи од проблемот со необучен кадар за анимација во Македонија, па се до финансиските тешкотии во периодот на ковид-кризата.
И покрај предизвиците и долгото време на продукција на анимацијата, Цветановски е оптимист за иднината на „Јон Вардар против Галаксијата“, и се надева дека ќе пронајдат дистрибутер кој ќе го пренесе нивниот филм во светот, пишува „Си-ен-ен Бразил“.
„Јон Вардар против галаксијата“ од 1 ноември е на репертоарот на „Синеплекс“ во Скопје, „Киноверзум“ во Штип и Велес и Кино Манаки во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националната опера и Балет ја одбележува 100-годишнината од смртта на Џакомо Пучини
По повод стогодишнината од смртта на еден од најголемите оперски композитори, Џакомо Пучини, Националната опера и балет со гордост го најавува проектот „Месец на Пучини“.
Од 8 до 29 ноември 2024 година, публиката ќе има можност да ужива во четири значајни опери на Пучини:
„Боеми“ (8.11.2024) – Приказна за љубовта и загубата во боемскиот кварт на Париз;
„Мадам Батерфлај“ (16.11.2024) – Трагична љубовна приказна за јапонската гејша и американскиот офицер;
„Тоска“ (23.11.2024) – Опера за љубовта, предавството и жртвата во револуционерниот Рим;
„Турандот“ (29.11.2024) – Приказна за суровата кинеска принцеза и принцот кој се обидува да ја освои;
Секоја од овие опери носи емотивни приказни за љубовта, жртвата и страста, раскажани преку трогателни мелодии и виртуозни изведби кои нашите солисти, хорот и оркестарот ќе ги оживеат на сцената. За публиката, ова е ретка можност, во еден месец, да доживее четири од најважните опери на Пучини, изведени на највисоко ниво.
Проектот „Месец на Пучини“ не е само уметнички настан, туку и можност да ја инспирираме новата генерација љубители на операта, да ги прошириме културните хоризонти и да предизвикаме интерес за оперската уметност кај пошироката публика.
Култура
Ѓоргова: Изложбата „Австриската уметност по 1945“ е потврда за важноста на меѓудржавните културни политики
Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова, вчеравечер во Даут-пашиниот амам, пред многубројните љубители на уметноста, екселенции и други гости, се обрати на свеченото отворање на изложбата „Австриската уметност по 1945“, за која потенцираше дека ќе остане забележана како потврда за долгата историја на одличните односи меѓу двете држави и култури.
„Одржувањето на пријателските односи и меѓу македонската и австриската култура е резултат на силниот влог и длабоката посветеност на разбирањето и отвореноста, на одржување на континуитетот во ткаењето на односите кои бележат несомнено голема традиција“, истакна Станчевска-Ѓоргова, напомнувајќи дека овој настан е потврда токму за важноста на меѓудржавните културни политики.
На изложбата, која се организира по повод 30 години воспоставена дипломатска соработка меѓу двете држави, Станчевска-Ѓоргова истакна дека оваа изложба е знак на почит меѓу двете држави, знак за поддршка на културниот идентитет на народите, но и врска за меѓусебно продлабочување на односите на повеќе нивоа.
„Со овој пресек на современата австриска уметност, делата и авторите кои извршиле своевидно влијание врз европската и врз балканската модерна, одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските врски меѓу нашите две држави“, рече државната секретарка во Министерството за култура и туризам, која додаде дека вакви сериозни проекти даваат нов квалитет во градењето на билатералните односи, укажувајќи на значењето и силата на уметноста во споделувањето на европските вредности.
Потенцирајќи го спознавањето на современата австриска уметност по 1945 година, како и влијанието и одразот на овие ликовни дела врз развојот на политичкиот, социјалниот и технолошкиот живот во 20 и 21 век, Станчевска-Ѓоргова истакна дека изложбата овозможува богатство на сознанија за културните влијанија и потенцијалот на минатиот творечки одраз во денешницава.
„Вака подготвената изложба со дела кои обележуваат широк распон на творештво од периодот на повоена Австрија па сè до денес, згрижени во приватните колекции на австриските љубители на уметноста, укажуваат на посветеност и љубов во грижата и промоцијата на сопственото културно наследство“, рече Станчевска-Ѓоргова, потенцирајќи дека тоа е една од најважните алки која, меѓу другите, гради мост на соработка и желба за продлабочување на културните врски меѓу два пријателски народи.
На свеченото отворање на изложбата во Даут-пашиниот амам, се обратија и: Маја Неделкоска-Брзанова, в. д. директор на Националната галерија; Мартин Памер, амбасадор на Австрија во нашата држава; Кристоф Тун-Хоештајн, амбасадор и раководител на Директоратот за културна соработка при австриското Министерство за европски и меѓународни прашања; Волфганг Бандион, куратор на изложбата, како и Весна Ѓорчева, член на Управниот одбор на Македонија осигурување АД Скопје, Виена Иншуранс груп.
Култура
Koнцерт – Пијано дуо Мимоза Ќека и Јована Трајчева
Во сабота во Салон 19:19, во 19:19часот ќе се одржи Koнцерт – Пијано дуо на Мимоза Ќека и Јована Трајчева.
Мимоза Ќека и Јована Трајчева заедно настапуваат од 2018 година. Тие остваруваат успешни проекти како хуманитарниот концерт „Есенска бајка“ за СОС Детско Село, концертните турнеи „Пијанистички звуци“ и серијалот „Празнична рапсодија“ во Филхармонија. Во 2023 година настапија со концерт за две пијана „ФИДАН“ како дел од сезоната на Македонската филхармонија.
Мимоза Ќека е македонска пијанистка со меѓународна кариера, посветена на класичната музика, предавањето и музичкото истражување. Нејзиниот репертоар вклучува дела од барок до современа музика, а во 2022 година го издала својот соло албум „Non-Fungible“ со дела од Бах, Скрјабин и Барбер. Во 2021 година Мимоза ја одбранила својата докторска дисертација на тема „Употребата на дигиталните технологии во квантитативната анализа на пијанистичката изведба“, истражувајќи нови методи за анализа на музичките изведби што претставува значаен придонес во музичката наука. Студирала под водство на маестра Лилја Зилберштајн, со која го стекнала магистерскиот степен. Низ годините, таа настапувала на престижни фестивали како Охридско лето, Siena Summer Festival, Франкофонски Фестивал Солеј, Златна Лира, Денови на македонска музика, Есенски музички свечености, а под диригентската палка на Саша Николовски Ѓумар го има изведено Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од К. Сен Санс. Концертирала и во градови ширум светот, меѓу кои Париз, Рим, Бристол, Милано, Прага, Трст, Сиена, Скопје, Њујорк и Истанбул. Нејзиното учество во проектот TEME и усовршувањето на Академијата „Киџана“ во Сиена, Италија, дополнително ја збогатиле нејзината кариера.
Јована Трајчева започнала со музичко образование на седумгодишна возраст во класата на проф. Кармен Костова, а го завршила во класата на реномираниот руски педагог проф. Људмила Романова во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Во 2015 година дипломирала на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Нина Костова, а во 2017 година го стекнала магистерскиот степен по музичка интерпретација со истата професорка. Јована успешно настапува на фестивали како Скопско лето, Денови на македонска музика, Musica Viva и Есенски Музички Свечености, а остварува и солистички концерти во македонските градови Скопје, Охрид и Тетово. Особено значаен е нејзиниот рецитал во црквата „Св. Софија“ во Охрид во 2017 година. Надвор од Македонија, Јована настапува во Рим, Ибица, Милано и во Cite des Arts во Париз, а има соработувано и со Македонската филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи. Од 2015 година, Јована е активно вклучена во педагогијата, работејќи како професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“