Македонија
(Видео) СДСМ повторно ќе го поднесе законот за минимална плата од 450 евра
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и пратеник, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Собранието, соопшти дека денеска СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра. Овој закон, беше одбиен од владината коалиција со образложение дека нема фискални импликации.
„СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра, кој владината коалиција го одби со образложение дека нема фискални импликации. А, во исто време прифати други закони поднесени од ВМРО-ДПМНЕ без фискални импликации. Најостро го осудуваме функционирањето на Собранието по двојни стандарди и имплементирањето на пракси на делување согласно индивидуални толкувања на деловникот“, рече Филипче.
Владата предводена од СДСМ во период од седум години, креираше политики за постојан раст на платите и подобрување на животниот стандард на работниците. Растот на минималната плата беше приоритет за Владата на СДСМ и се зголеми од 8.000 денари на сегашните 22.567 денари. Оваа плата не само што го зголеми стандардот на работниците, туку влијаеше и на порастот на просечната плата во целата земја.
На прес-конференцијата, Филипче порача дека во овој период граѓаните очекуваат одговорни политики и мерки кои ќе резултираат со реални ефекти.
„Ова не е време за празни зборови, туку за храбри и одговорни политики кои ќе обезбедат видливи резултати. Граѓаните заслужуваат Влада која се грижи и работи во интерес на граѓаните. СДСМ како одговорна партија, секогаш ќе биде на страната на граѓаните. Нашата борба е за секое семејство да има достоен живот, подобар животен стандард со кој сите граѓани ќе можат да ги покријат основните потреби без грижа“, посочи Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

