Култура
Грчки филмови во Кинотека

Амбасадата на Грција во Северна Македонија започнува серија проекции на грчки филмови со наслов „Ајде да се запознаеме“.
Целта на проекциите е да се претстават современите грчки филмови кои беа многу сакани и во Грција но и во странство. Серијата на проекции „Ајде да се запознаеме“ ќе започне динамично со повеќенаградуваниот филм „Мала Англија“ (2013, 2h12) на Пантелис Вулгарис, еден од најзначајните грчки режисери, кој заедно со Теодорос Ангелопулос беа главните претставници на трендот на Новата Грчка Кинематографија, која стана светски позната во 70-тите.
Филмот „Мала Англија“ е една романтична драма, која се врти околу тоа како договорениот брак ќе го размрда животот на едно семејство во периодот помеѓу 30-тите и 50-тите години. Дејството на филмот се одвива на островот Андрос, наречен Мала Англија поради финансиската моќ на неговите жители. Филмот „Мала Англија“ е производ на соработката на режисерот Панделис Вулагарис и истакнатата грчка писателка Јоана Каристианис и постигна голем успех од уметнички но и од комерцијален аспект. Доби 6 признанија од Грчката Филмска Академија и награда за најдобар филм на 17иот Меѓународен Филмски Фестивал во Шангај.
Проекцијата на „Мала Англија“ ќе се одржи во Кинотека на Северна Македонија (ул. Никола Русински бр.1, Скопје), во среда, 6 ноември 2024 година, во 19:00 часот.
Влезот е бесплатен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Македонскиот краток експериментален филм „Лима“на 78. издание на Канскиот фестивал

Македонскиот експериментален филм „Лима“ во режија на Батухан Ибрахим, годинава беше селектиран на „Short Film Corner“ на Канскиот филмски фестивал.
Филмот ќе има и затворена проекција на Кан наменета за филмски дистрибутери и филмски селектори. Проекцијата е закажана за среда, 21 мај, во рамки на SFC | Rendez-vous Industry на 78. издание на фестивалот.
„Лима“ е експериментален филм кој го следи патувањето на три силуети низ времето, низ просторот на поранешна Југославија, низ урнатини од заборавени спомени и скршена надеж. Играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, филмот прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на ритамот на минатото, трите тела будат еден исчезнат, замрзнат во времето, свет кој пркосно одбива целосно да избледе од сеќавањето.
Батухан Ибрахим е филмски режисер и сценарист, магистер по филмска и ТВ режија при Факултетот за драмски уметности – УКИМ. Неговото творештво опфаќа кратки играни, експериментални и документарни филмови. Неговиот студентски филм „Twisted“ (2020) е прикажан на повеќе од 20 интернационални фестивали и е добитник на 8 награди. Независниот филм „Мавера“ (2023) доби специјално признание на ИФФК „Браќа Манаки“ и беше дел од неколку реномирани фестивали, вклучувајќи ја и официјалната селекција на филмскиот фестивал во Тирана. Во моментов работи на својот прв долгометражен игран филм, како и на неколку нови краткометражни проекти.
Култура
Денови на поезијата во Скопје

Со стихови од Григор Прличев и Константин Миладинов, како и од Адем Гајтани, Саме Лимани Жарноски, Гого Ивановски, Игор Исаковски, Абдулазис Ислами, Славко Јаневски, Фахри Каја, Бистрица Миркуловска, Георги Сталев и Лилјана Чаловска денес ќе биде отворено второто издание на Деновите на поезијата во Скопје Сити Мол, со почеток во 18 часот.
Под мотото „Поезијата е и стварност и фантазија, мит на јавето за блиското и далечно минато, за блиската или уште подалечна иднина“ (Ацо Шопов), организаторите на оваа културна манифестација, фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол, и овојпат ќе ги поврзат во една нишка сите генерации поети, од основоположниците, преку афирмираните современи поети, до оние кои допрва почнуваат да ја градат утрешнината на македонската поезија, а свеченото отворање ќе им биде посветено на значајни јубилеи кои ги одбележуваме годинава.
Нивните стихови ќе ги чита Никола Ристановски, со придружба на Анастасија Трајковска и Давид Димоски, студенти од класата на Ангелчо Илиевски, на Факултетот за драмски уметности, и Никола Ѓоргиев и Антонио Трајкоски, студенти од класата на Драган Даутовски, на Факултетот за музичка уметност при УКИМ, а за нив ќе зборува Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература.
Аврамовска ќе се осврне и на другите значајни овогодишни јубилеи, како што се: 150 години од објавувањето од „Речник на три јазика“ и 145 години од објавувањето на „Слогница речовска“ од Ѓорѓија Пулевски; 135 години од првата докторска дисертација за македонскиот јазик на балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг; 100 години од објавувањето Абецедарот – буквар на македонски јазик за македонското национално малцинство во Грција, подготвен од специјална комисија на грчката влада, под покровителство на Друштвото на народите во Женева, отпечатен во Атина; и 80 години од усвојувањето на македонската азбука и македонскиот правопис, како и од печатењето на првиот Буквар во слободна Македонија.
Специјален гостин на отворањето ќе биде Јанко Ивановски, ученик во 7 б одделение, во училиштето „Ацо Шопов“ од Скопје, и правнук на поетот Гого Ивановски, роден пред точно сто години во Скопје, припадник на првата повоена генерација македонски поети кои го градеа современиот македонски јазик и го почнаа поинтензивно да го потврдуваат македонскиот идентитет на светската поетска сцена.
Во својство на претседател на Македонскиот ПЕН центар, Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ ќе ги најави средбите и разговорите со нашите современици што ќе се одвиваат во следните два дена.
Омаж ќе им биде оддаден и на двајца поети кои нè напуштија меѓу две едиции на манифестацијата, Линдита Ахмети и Михаил Ренџов, чиј поетски збор ќе оживее преку нивните најблиски: писателот Џабир Ахмети и музичарот Петар Ренџов, со вокална придружба на Сашо Гигов-Гиш.
Свеченото отворање ќе се заокружи со поетскиот перформанс „Сенгор – Шопов: паралели со допирни точки“, во изведба на двајца првенеци на Македонскиот народен театар, актерите Никола Ристановски и Игор Џамбазов, со музичка придружба на Петар Ренџов. Со тоа ќе им се укаже почит на Леополд Седар Сенгор, сенегалски франкофон поет кој пред 50 години го доби „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, и Ацо Шопов, неговиот препејувач и пријател, кој пред 70 години ја објави збирката Слеј се со тишината со која беше одбележан историски пресврт во развојот на македонската поезија.
Култура
„Ајде, слушаш слушај…“ одекна во Белград, македонската култура доби свој дом

Со свечена програма насловена „Ајде, слушаш слушај…“ синоќа во Белград беше отворен македонскиот Културно-информативен центар – новото седиште на македонската култура, јазик, уметност и традиција во српската престолнина.
На отворањето присуствуваа бројни гости од културниот и политичкиот живот на двете земји, а свои обраќања имаа потпретседателот на македонската влада Иван Стоиљковиќ, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, српскиот министер за култура Никола Селаковиќ, македонскиот амбасадор во Србија Никола Тупанчевски и директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Министерот Зоран Љутков во своето обраќање истакна дека отворањето на Културно-информативниот центар во Белград претставува значаен чекор напред во билатералната соработка на културно поле.
„Да се отвори македонски културен центар овде во Белград, токму на улица која го носи името ‘Македонска’, не е само случајност, ова е и порака и сведоштво дека културата ги поврзува не само државите туку и луѓето“, рече Љутков.
Тој нагласи дека центарот ќе биде духовен дом за македонската заедница во Србија, но и место отворено за сите што сакаат да ја запознаат македонската уметност и традиција.
„Овој центар ќе биде и духовен дом за македонската заедница што живее и создава во Србија – место каде што ќе се негува сопствениот идентитет, но и ќе се отвораат врати за нови пријателства и заеднички иницијативи“, додаде министерот.
Настанот помина во атмосфера исполнета со музика, уметност и симболика, со цел да се претстави богатото македонско културно наследство на публиката во Србија и да се зајакнат културните врски меѓу двете земји.