Свет
Резултати од мало американско село: Харис – 3, Трамп – 3
Гласачите во американското село Диксвил Ноч го отворија денот на изборите во раните утрински часови во вторникот со нерешено, како одраз на неверојатно тесната национална анкета во трката за Белата куќа.
Камала Харис и Доналд Трамп добија по три гласачки ливчиња во мала заедница во североисточниот дел на Њу Хемпшир, која со децении го започнува денот на изборите во првата минута во вторник – неколку часа пред отворањето на гласачките места во остатокот од земјата.
Демократскиот потпретседател и поранешниот републикански претседател се борат во тензична и исклучително тесна трка, а анкетите главно се изедначени. Пред насобраното мноштво новинари гласањето започна со изведба на американската химна на хармоника.
Изборните закони во Њу Хемпшир им дозволуваат на општините со помалку од 100 жители да ги отворат гласачките места на полноќ и да ги затворат кога сите регистрирани гласачи ќе ја исполнат својата граѓанска должност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Германија уапсени осум членови на десничарска милитантна група: планирале бунт
Германската полиција уапси осум членови на десничарска милитантна група осомничени дека планирале бунт против германската држава, соопштија денеска државните обвинители.
Во соопштението се наведува дека осомничените се дел од организацијата наречена „Саксонски сепаратисти“ која е формирана најдоцна до ноември 2020 година и дека четворицата уапсени се основачи на таа група.
Се додава дека станува збор за милитантна група од 15 до 20 членови со, како што се наведува, расистичка и антисемитска идеологија, пренесе Ројтерс.
Обвинителите тврдат дека групата планирала да употреби сила за да воспостави нов систем во источна Германија инспириран од нацизмот.
„Доколку е потребно, преку етничко чистење треба да се отстранат несаканите групи луѓе од тој простор“, се наведува во соопштението.
Се посочува дека седум членови на групата се уапсени во и во близина на Лајпциг, Дрезден и Мајсен, додека еден е приведен во Герлик во германската сојузна покраина Саксонија.
Свет
Огромни промени во обложувачниците: Трамп значително расте, Харис паѓа
Значајни промени се случуваат во обложувачницата „Полимаркет“ на денот на американските избори.
Шансите, според оваа обложувачница, значително се зголемуваат за Доналд Трамп, а се намалуваат за Камала Харис.
Според „Полимаркет“, ситуацијата во моментот е следна:
Трамп – 63 %
Харис – 37 %
Вчеравечер процентите беа 58 отсто за Трамп и 42 отсто за Харис.
Во „Полимаркет“, каде што процентите се менуваат во реално време, Трамп и Харис во последната недела беа најблиску на 3 ноември кога Трамп имаше 53 %, а Харис 47 %. Пред еден месец, сепак, беа целосно изедначени.
„Полимаркет“ е децентрализирана платформа за предвидување, која им овозможува на корисниците да се обложуваат на исходите на вистински настани, вклучително и политички избори, користејќи криптовалути.
Регион
Весиќ објави: Оставката е поднесена
Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Република Србија, Горан Весиќ и официјално поднесе оставка.
Весиќ на својот профил на социјалната мрежа Х објави и фотографија од писмената оставка која ја поднел по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, а која ја прифатил и премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.
„Дадов оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Република Србија.
Поднесов оставка како одговорен човек кој со личен пример сака да покаже дека во денешна Србија има морална одговорност поради страшната трагедија што се случи во ресорот со кој раководам.
Ја напуштам оваа позиција со чиста совест и горд на резултатите што остануваат зад мене како и на тимот на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура што работеше со мене. Работев со голема почит и одговорност кон граѓаните како и со најдобра вера исклучиво во интерес на Србија“, изјави Весиќ на својот профил.