Македонија
Наутро студено, во текот на денот сончево со слаб ветер
Наутро студено со услови за слаба магла по котлините. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 5, а максималната ќе достигне од 14 до 19 степени.
Во Скопје утрото студено со услови за појава на слаба магла, а преку денот сончево со мала облачност и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 17 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Продолжува периодот на сончево време со мала до умерена облачност. Утрата ќе бидат студени со минимални температури кои на повеќе места ќе се спуштаат под нула степени. По котлините ќе има појава на магла или ниска облачност, која по одделни котлини ќе се задржи и во текот на денот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Митева: Најавеното покачување во образованието се реализира, октомвриската плата е зголемена за 5%, продолжува растот на платите до минимум 46%
Според владината портпаролка Марија Митева, со новата Влада, наставниците почнуваат да се чувствуваат сигурни и помотивирани продолжуваат да ја извршуваат својата работа. Тоа, како што кажа, е особено важно за подигнување на квалитетот на наставата и за континуитет во создавање нови и добро подготвени генерации.
Митева најави дека првото најавено покачување почнува да се реализира.
„Октомвриската плата, која се исплаќа овој месец, зголемена е за 5%. Расте нивната економска стабилност, како резултат на постигната спогодба помеѓу Владата и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, од минатиот месец, која предвидува кумулативно покачување на платите на наставниците помеѓу 46 и 60% во следните 4 години, а истото ќе зависи од степенот на инфлацијата.
Од март следната година ќе има ново покачување за 7%, за што, во буџетот на Министерството за образование и наука за 2025 година се предвидени зголемени блок дотации кон општините за 1 милијарда и 500-тини милиони денари, споредбено со блок дотации од тековна година. Во апсолутен износ блок дотациите за 2025 година ќе изнесуваат речиси 24 милијарди денари“, икстакна Митева.
Потсети дека годинава, со самиот ребаланс на Буџетот се обезбедени дополнителни 900 милиони денари за да може нормално да продолжи исплатата на платите во образованието. според неа, претходното раководство целосно го имало потрошено буџетот за оваа намена.
„Но, тоа е зад нас. Состојбите се менуваат и постепено се враќа дигнитетот на наставникот и неговата вредност во општеството. Следува уште поголема грижа не само за економскиот стандард, туку и за подобри услови за работа и континуиран кариерен и професионален развој“, нагласи Митева.
Македонија
ДУИ: Омилената српско-бугарска компанија на Изет МегаВин Меџити веќе 7 години нелегално организира онлајн-коцкање
Откривме дека коцкарскиот монопол во државата под контрола на српско-бугарската приватна компанија го финансирала новиот директор на лотаријата Климовски со над 140.000 евра, додека тие за себе заработиле над 100 милиони евра на сметка на државата и граѓаните. Откривме и дека оваа добивка, омилената српско-бугарска компанија на Изет МегаВин Меџит и Арбен Таравари, ја има постигнато со целосно незаконски Договор, потсетуваат од ДУИ.
„Власта во брзање да го врати и обезбеди монополот на српско-бугарското казино по налог на српскиот сопственик, во Собранието одобри автентично толкување кое на површина го извади целиот криминал на спонзорите на Изет МегаВин Меџити. Замислете го апсурдот, пратениците побараа толкување на членот 7 од законот за игри на среќа, а Владата одговори со толкување на членот 165 како преодна одредба од истиот закон. И покрај одлуките на Уставниот суд бр. 87 од 2011 година и бр. 156 од 2019 година како и во бројните претходни мислења на Министерството за финансии и Владата како и во стручното мислење, моноетничката Влада и собранието арбитрарно одлучија дека никој, ниту една компанија, немала право да организира онлајн коцкање од 1 јануари 2017 година. Ова автентично мислење од 13 август 2024 година, обзнани дека омиленото српско-бугарско казино на Изет МегаВин Меџити целосно нелегално организирала онлајн коцкање преку нивната интернет платформа 2win.mk од 1 јануари 2017 година, кога владата била предводена од ВМРО ДПМНЕ, се до 2024 година, оштетувајќи ја државата за десетици милиони евра“, реагираат од партијата на Ахмети.
Ги повикуваат институциите, обвинителството, финансиската полиција, министерството за внатрешни работи, антикорупциската комисија веднаш да дејствуваат.
Според Крешник Бектеши, само „ВРЕДИ“ ја брани српско-бугарската приватна компанија бидејќи, како што велат, Изет МегаВин Меџити заедно со Арбен Таравари се ставија во целосна услуга на монополот на српско-бугарската приватна компанија и директорот на лотаријата Александар Климовски во коцкарската индустрија затоа што се финансирани од нивните валкани пари.
„Вреди ги измами Албанците, го назначи Амет Мифтар жи за заменик-директор на Лотарија, не затвори ниту едно казино или кладилница, дури ни онлајн коцкањето не го затвори, а двапати по ред гласаше против нивното затворање во Собранието како и продолжува слепо да и служи на коцкарската индустрија“, додаде Бектеши.
Македонија
Средното училиште „Коле Нехтенин“ во Штип ќе се трансформира во регионален центар за стручно образование и обука
Општинското средно училиште „Коле Нехтенин“ во Штип ќе се трансформира во регионален центар за стручно образование и обука, кој ќе биде под надлежност на државата. Ова ќе биде процес, кој во согласност со планот за раст, ќе треба да се заокружи во временска рамка од три години.
За ова информира министерката за образование и наука, Весна Јаневска, при денешната посета на општина Штип додавајќи дека станува збор за важна одлука во рамките на заложбите на Владата за унапредување на квалитетот на националниот образовен систем и негова синхронизација со пазарот на труд.
„Следува дефинирање на струките што тука ќе се нудат за кадар кој е недоволен во моментот за потребите на индустријата во регионот. Ќе работиме на поврзување на ова училиште со бизнис-заедницата и ќе направиме крупни инфраструктурни инвестиции за модернизација на условите за настава за што се надевам дека ќе добиеме финансиска поддршка од Европската Унија како што добивме и за претходно формираните регионални центри“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека „Коле Нехтенин“ ќе биде шестиот регионален центар за стручно образование и обука што се отвора во државата. Три се веќе интегрирани во образовниот систем и добро функционираат, а два се во процес на трансформација. Предвидено е во секој од осумте плански региони да има ваква образовна установа, која ќе овозможува и промовира стручно образование.