Македонија
Под дејство на дрога прегазил жена и избегал: скопјанец осомничен за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици во Марино

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно член 300 став 2, а во врска со член 297 став 1, но и кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода според член 301 став 2 од Кривичниот законик.
Осомничениот 46-годишен скопјанец, на 2 ноември, управувал автомобил „хонда“ под дејство на опојна дрога. Во селото Марино возел со брзина поголема од дозволената и неоприспособена спрема условите на патот, така што кога се доближил до раскрсница меѓу две улички не забележал дека на коловозот има жена-пешак. Неможејќи навреме да запре, со автомобилот удрил во телото на жената, која се здобила со тешки телесни повреди и починала. Осомничениот, по несреќата, веднаш го напуштил местото на настанот и се обидел да го прикрие стореното кривично дело.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, денеска поради санирање појавен дефект на водоводна мрежа со пречник Ф-1 цол на ул. Копенхагенска, крстосница со ул. Стокхолмска во населба Тафталиџе, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Копенхагенска, Стокхолмска, Софиска, Његошева, Гаврил Лесновски и Петар Драганов во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 11:30 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Аеродром, Сопиште и Зелениково денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од с. Долно Лисиче, општина Аеродром;
· во истиот термин од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на зградата на Алкалоид на ул. 3 -та Македонска Бригада., општина Аеродром;
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од с. Горно Соње, поточно улиците со бр. 10 и бр. 12, општина Сопиште;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од селата: Дејковец и Добрино, општина Зелениково.
Македонија
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд и со ретка појава на грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд и со ретка појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и со услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Денеска и во четврток ќе има изолирана појава, а од петок на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Од недела температурите ќе бидат во опаѓање.