Македонија
Лашкоска: Мерките за намалување на ризикот од катастрофи на локално ниво се од суштинско значење за заштита на заедниците и зајакнување на отпорноста од идни катастрофи
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска учествуваше на сесијата наречена „Лабораторија за учење за да ги направиме градовите отпорни 2030: Акции за намалување на ризици од катастрофи на локално ниво“ што денес се одржа во рамки на Европската платформа за намалување на ризици од катастрофи, во Будва, Црна Гора.
Сесијата модерирана од Армен Григоријан постојан претставник на УНДП во нашата држава, на која покрај Лашкоска учестуваа и Жоао Динис, координатор на Канцеларијата на Каскаис Амбиенте – EMAC, Каскаис, Португалија и Бахтијар Оспанов, виш експерт од Центар за вонредни ситуации и намалување на ризикот од катастрофи (CESDRR), беше одлична можност за размена на искуства и предизвици за операционализацијата на локално ниво на намалувањето на ризикот од катастрофи и адресирање на финансиските и институционалните бариери низ регионите.
Во своето излагање, заменик министерката Лашкоска ги претстави напорите на локални заедници во Македонија кои во изминатиот период беа најизложени на ризици од катастрофи и начините на справување со нив и истакна дека заложбите на општините за зајакнување на отпорноста кон климатските промени напредуваат.

„Мерките за намалување на ризикот од катастрофи (DRR) на локално ниво се од суштинско значење и тие ќе станат само покритични бидејќи климатските промени продолжуваат да се интензивираат. Со ставање приоритет на DRR, можеме да ги заштитиме заедниците и да ја зајакнеме отпорноста против идни катастрофи“ истакна Лашкоска.
Иницијативата „Да ги направиме градовите отпорни 2030“ (MCR2030), вклучува над 1.700 градови, ги поддржува локалните власти во зајакнувањето на напорите за намалување на ризикот од катастрофи (DRR) и отпорност на климата, придонесувајќи директно за постигнување на Целта 11 за одржлив развој, како и други глобални рамки вклучувајќи ја Рамката Сендаи за намалување на ризикот од катастрофи, Парискиот договор и Новата урбана агенда.
MCR2030 служи како платформа за споделување искуства, градење капацитети и поттикнување иновативни решенија во градовите и урбаните средини. Иницијативата, исто така, се усогласува со Европското партнерство за отпорност, кое има за цел да ја подобри соработката меѓу градовите во Европа за да ги интегрира стратегиите за отпорност во плановите за урбан развој и да ги сподели најдобрите практики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

