Свет
Јужнокорејскиот претседател се извини за сопругата: „Требаше подобро да се однесува“
Претседателот на Јужна Кореја се извини за низата скандали поврзани со неговата сопруга, вклучително и наводното прифаќање луксузна чанта Диор и манипулација со акции.
Обраќајќи ѝ се на нацијата на телевизија, Јун Сук-Јол призна дека неговата сопруга Ким Кеон-хи требало да се однесува подобро, но нагласи дека некои од обвинувањата против неа се претерани. Претседателот најави дека ќе формира канцеларија која ќе ги надгледува службените должности на првата дама, но одби повикот да ги истражи нејзините активности.
Извинувањето на Јун доаѓа додека тој се обидува да го промени трендот на намалување на неговата популарност кај јужнокорејската јавност, јавува Би-Би-Си.
Кон крајот на 2023 година, левичарскиот канал на „Јутуб“ „Гласот на Сеул“ објави видео од септември 2022 година на кое наводно се гледа како Ким прифаќа чанта „Диор“ вредна 2.000 евра од свештеник кој ја снимил целата работа користејќи камера скриена во неговиот часовник. .
Јун во февруари изјави дека видеото е објавено како „политички маневар“ и не се извини.
Демократската партија на Јужна Кореја, опозиција на конзервативната Партија на народната моќ на Јун, тогаш изјави дека таквиот став е бесрамен и безнадежен. Опозициската партија долго време ја обвинуваше првата дама и дека е вмешана во манипулации со цените на акциите.
Претходно оваа година, Јун стави вето на нацрт-законот со кој се бараше неговата сопруга да биде под истрага поради обвинувањата. Скандалот, исто така, предизвика поделби во партијата на Јун, при што еден лидер ја спореди Ким со Марија Антоанета, француската кралица озлогласена по нејзиниот екстравагантен начин на живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Силен земјотрес го погоди Чиле
Земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди јужниот дел на Чиле, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Погодена е областа во близина на брегот на регионот Ајсен, а земјотресот е регистриран во 8.38 часот по локално време на длабочина од 35 километри и 608 километри јужно од Пуерто Монт.
Свет
Орбан: ЕУ не може сама да ја финансира војната против Русија
Европската Унија треба да ја разгледа својата помош за Украина по победата на републиканецот Доналд Трамп на претседателските избори во САД, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан додавајќи дека Европа не може сама да го финансира Киев во борбата против Русија.
Орбан, премиерот на Унгарија, која претседава со ЕУ до крајот на годината, е домаќин на неформалниот самит на Унијата во Будимпешта. Едно од главните прашања на самитот ќе биде иднината на помошта за Украина по победата на Трамп.
Републиканецот го критикува нивото на американската помош за Киев, а за време на претседателската кампања вети дека ќе ја прекине војната уште пред официјално да ја преземе функцијата на 20 јануари, но не откри како.
Европските земји не успеваат да постигнат единство по прашањето за Украина, а ситуацијата дополнително се комплицира со внатрешнополитичките превирања кај двете најсилни членки – слабеењето на француската влада по предвремените избори и падот на германската владејачка коалиција.
„Американците ќе ја напуштат оваа војна, но првин нема да ја охрабрат“, рече Орбан, сојузник на новоизбраниот американски претседател, посочувајќи дека воениот пораз на Украина е очигледен.
„Европа не може сама да ја финансира оваа војна. Некои сè уште сакаат да испратат огромни суми пари за оваа изгубена војна, но расте бројот на оние што молчат или претпазливо предупредуваат дека првин треба да се приспособиме на новата ситуација“, додаде Орбан во интервју за унгарско радио, како што пренесува „Ројтерс“.
ЕУ и нејзините членки се, заедно со САД, најголемиот донатор на Украина, а повеќето европски лидери изразуваат силна поддршка за Киев и континуиранa помош.
Германскиот канцелар Олаф Шолц го повтори тој став во петокот во унгарската престолнина, но нагласи и дека Европа треба да ја зајакне одбраната.
„Русија ја нападна Украина и ја продолжува таа војна исто брутално“, рече германскиот лидер.
„Едно прашање е сосема јасно: заедно како Европска Унија, како Европејци, мораме да направиме сè што е потребно за нашата безбедност. Тоа ќе биде особено успешно ако секој придонесе.
Орбан повика на итно примирје во Украина по што ќе следуваат мировни преговори меѓу Киев и Москва. Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така во Будимпешта ги отфрли тие тврдења.
„Тоа е многу страшен предизвик за нашите граѓани: прво примирје, а потоа ќе видиме. Кои сте вие? Дали вашите деца умираат? праша тој на прес-конференција во четвртокот само неколку минути по повикот на Орбан за примирје.
„На пример, лидер што е против Украина во НАТО повикува на примирје. Замислете… Ова е глупост и раздор“, додаде Зеленски.
На состанокот на европските лидери само Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо повикаа на промена на стратегијата кон Украина, а другите сметаат дека тоа функционира, изјави извор за „Ројтерс“.
Но, тие исто така се свесни дека се соочени со можност за намалување на американската помош за Украина и дека треба да почнат да разговараат за одговорот на тој факт.
Фицо, кој ја прекина помошта на неговата земја за Украина по доаѓањето на власт пред една година, рече дека Словачка ќе се спротивстави на идејата ЕУ да преземе финансиска одговорност за Украина доколку САД под Трамп ја прекинат помошта.
Во објава на својот фејсбук-профил Фицо рече дека ако ЕУ може да најде средства за Украина, тогаш тоа може да го стори и за борбата против илегалната миграција, која ја смета за егзистенцијална закана.
Орбан, пак, смета дека најголемиот проблем на Европа е тоа што ги игнорира оние со кои треба да се консултира, пренесува унгарската агенција МТИ.
„Ако не одите во Москва, Киев и Пекинг, ако го критикувате и презирате Доналд Трамп наместо да го третирате како следен американски претседател, како ја планирате иднината?“, праша Орбан во едно радиоинтервју.
Осврнувајќи се на посетите на Киев и Москва и разговорите со лидерите на Турција и Кина, како и со актуелниот американски претседател Џо Бајден и тогашниот кандидат Трамп, Орбан рече дека доставил извештај до своите европски колеги.
„Сега ситуацијата е точно како што предвидовме. Ниту еден лидер не може да каже дека бил изненаден или дека очекувал поинаку бидејќи резултатот од унгарската мировна мисија беше дека сето тоа може да се предвиди“, рече тој.
Ова не беше затоа што Унгарците „ја гледаат иднината или се вешти во предвидување на броевите на лотаријата“, туку затоа што „преку комуникацијата се разбира што ќе се случи следно“, продолжи Орбан.
За Трамп, чија победа е толку убедлива што се гледа од Марс, Орбан вели дека ќе се залага за мир наместо војна, антиимигрантска политика наместо миграција и заштита на семејствата наместо пол.
Свет
Британскиот министер за надворешни работи: Трамп е великодушен, ми понуди уште една порција пилешко
Британскиот министер за надворешни работи изрази уверување дека ќе успее да најде заеднички јазик со новоизбраниот американски претседател.
„Тоа се стари вести“, рече Дејвид Лами на прашањето за изјавата од 2018 година, во која тој го нарече Доналд Трамп неонацист.
Лами изјавил дека неодамна имал ручек со Трамп и дека „бил многу љубезен домаќин“. „Ми понуди втора порција пилешко. Беше многу великодушен, многу љубезен, многу се трудеше да се чувствуваме опуштено и удобно во неговата околина“, нагласи тој.
„Беше смешен. Беше топол со Обединетото Кралство, многу срдечно со кралското семејство. Морам да ви кажам дека ја сака Шкотска“, додаде тој.
Во спорната изјава на Лами се вели: „Трамп не е само социопат, кој мрази жени и сочувствува со неонацистите. Тој е и длабока закана за меѓународниот поредок, кој толку долго беше основа на западниот напредок“. Лами во тоа време беше член на опозицијата, но сега како шеф на дипломатијата ќе мора тесно да соработува со Трамп.
Зборувајќи за последиците од неговите претходни излегувања, Лами рече: „Не можете да бидете висок политичар во нашата земја ако не најдете заеднички јазик. Јас сум добро познат во Вестминстер. Се согласувам со луѓето. Едноставно“.
„Она што го кажувате како пратеник и она што го правите додека ја извршувате вистинската должност на јавна служба се две работи. А јас сум министер за надворешни работи. Има работи што ги знам сега, а не ги знаев тогаш“, додаде тој.