Македонија
Лековити и ароматични билки, есенцијални масла и едукативни трибини на „Фестивалот на чај“ во Скопје
Со слоганот „Време е за чај“, од 14 до 17 ноември на приземјето во Скопје Сити Мол, ќе биде отворен голем „Фестивал на чај“, на кој ќе се претстават 30-тина учесници. Фестивалот е во организација на Платформата за истражување и промоција на природата и културата „ Експедиција Природа“ и Скопје Сити Мол.
На четиридневниот фестивал, посетителите ќе имаат можност да дегустираат и купат чаеви, продукти од ароматични билки, есенцијални масла и повеќе да дознаат за добрината на природата, традицијата, културата и моќта на лековитите билки.
Орагнизаторите на фестивалот најавуваат и едукативни трибини и катчиња, на кои ќе бидат презентирани македонските билки, науката и младиот потенцијал биолози. Учество ќе земат повеќе билни аптеки, а ќе има и природна козметика и пчелни производи.
„Фокусот на фестивалот е автентичноста која ни ја дава природата преку билките, природната медицина – лековитите билки, од кои се подготвуваат чаеви, есенцијални масла и сапунчиња, препарати за здрав живот, мевлеми и чајни колачи од билки, шумски плодови, путери и масло од лешници и мармалади. Посебен простор е резервиран за пчелни производи, како природниот мед и козметика од мед и пчелни производи за поздрав живот. Неколку уметници и ракотворци ќе го дообојат фестивалот со рачно изработени чајници и филџани за чај. Посетителите ќе имаат можност да добијат и совети за поздрав живот од производителите на чаеви и есенцијални масла од ароматични и лековити билки“, велат организаторите на настанот.
На настанот ќе присуствуваат и претставници од факултетите и институциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Загубата на детски живот нѐ погодува сите и случајот не смее политички да се злоупотребува, за ДУИ нема дно кое можaт да го пробијат
Коалицијата „Вреди“ сочувствува со болката на семејството за нивната огромна загуба. Загубата на детски живот нѐ погодува сите и овој случај не смее да биде цел на политички злоупотреби, соопштуваат од оваа коалиција.
Но ДУИ, како и секогаш, како што велат, покажува дека нема дно кое може да го пробие кога станува збор за лични политички интереси.
„Прават равенство меѓу нивните коцкарски дилови и загубата на детски живот. Срам и арам да им е. Подготвени се да ги ставaт рацете дури и во најдлабоките рани на народот за да си ја остварат својата игра. Целата јавност добро знае како ДУИ лошо се справи со пандемијата на Ковид-19, оставајќи трагичен биланс на илјадници изгубени животи. Ова беше врвот на нивната корупција и неспособност, кога секој ден гледавме како здравствениот систем се уништува на штета на граѓаните. Кога беше време да застанат зад здравството, ДУИ се скрија зад своите афери и корупциски шеми, покажувајќи дека за нив власта е поважна од животот на народот“, истакнуваат во нивното соопштение.
Според „Вреди“ и денес, додека блиските на жртвите од Ласкарци бараат правда, нивниот случај намерно се влече низ судските лавиринти.
ДУИ, оценуваат од коалицијата, не сака вистината да излезе на виделина бидејќи тоа уште еднаш ќе ја открие нивната корумпирана и неодговорна страна.
„Наместо да побараат прошка за своите неуспеси, тие продолжуваат да копаат по сопствениот бунар на манипулации.
Коалицијата „Вреди“ нема да остане со скрстени раце додека ДУИ ја злоупотребува болката и трагедијата на граѓаните за свои политички игри.
За нас, приоритет се граѓаните, нивната благосостојба и правдата – а не власта по секоја цена“, истакнуваат од „Вреди“.
Македонија
Дурмиши – Рокас: Спроведување на реформите во економијата е приоритет на патот кон членството во ЕУ
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска оствари состанок со новиот амбасадор на Европската унија во државава Михалис Рокас.
Дурмиши му посака добредојде на евроамбасадорот Рокас и успешен мандат.
„Соработката со Европската унија и спроведувањето на економските реформи се едни од најважните приоритети на Министерството за економија и труд“, истакна Дурмиши на состанокот и додаде дека како министер ќе биде целосно ангажиран во спроведување на надлежностите во делот на Реформаската агенда.
Основната цел на Реформската агенда е засилено спроведување на реформите преку забрзување на усогласувањето на нашиот јавен сектор со вредностите, законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на јавниот сектор на Унијата, обезбедување негово транспарентно управување, развој на конкурентна и зелена економија и поддршка на процесот на пристапување.
Двајцата соговорници разговараа дека овие средби се од суштинско значење за зајакнување на нашата соработка и потикнување на реформи кои ни помагаат да ги исполниме стандардите и очекувањата на ЕУ.
Министерот на средбата потенцираше дека дека ЕУ е наш значаен партнер и се заблагодари за континуираната поддршка на ЕУ кон земјата и изрази надеж дека таа ќе продолжи и во иднина, во насока на остварување на нашата цел – целосна интеграција во ЕУ.
Македонија
Директорот на Царинската управа: Унапредување на соработката со Армијата за побрз прием на опремата потребна за зајакнување на капацитетите
„Царинската управа на дневна основа ќе се координира и ќе комуницира со службите на Армијата се со цел олеснување на увозот и побрз прием на оклопните возила Stryker што на Армијата и се потребни се со цел зајакнување на капацитетите и исполнување на обврските во рамки на НАТО”, истакна директорот на Царинска управа Бобан Николовски, на настан организиран во рамки на посетата на тимот за одбранбена стратегија на САД од ISG (Institute for security governance).
Николовски во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и амбасадорката на САД во нашата земја, Ангела Агелер, присуствуваа на брифинг на кој од страна на заменик командантот на Прва пешадиска бригада, полковник Стеван Наумоски беше презентиран процесот за воведување во оперативна употреба на лесните оклопни возила „Stryker“ во рамките на Армијата.
По брифингот беше остварена посета на објектите каде се одржуваат и чуваат JLTV и Stryker возилата.
Македонија е сојузник со САД во НАТО при што Царинската управа има значајна улога во процесот на олеснување на увоз на опрема за потребите на македонската Армија.