Свет
Сите ѕвона на катедралата Нотр Дам повторно заѕвонија за првпат, пет години по пожарот
Ѕвоната на северната камбанарија на катедралата Нотр Дам во Париз, која пред пет години беше уништена од пожар, вчера одекнаа за првпат.
Оваа нова етапа во реставрацијата на една од најголемите катедрали на Запад, наведена како светско наследство на УНЕСКО, се одржа речиси еден месец пред нејзиното повторно отворање за јавноста на 7 декември.
– Тоа е убав, важен, симболичен чекор – изјави Филип Јост, првиот човек на институцијата одговорна за реставрација на катедралата, кој исто така присуствуваше на настанот.
Тој нагласи дека за првпат по пожарот во април 2019 година, сите ѕвона заѕвониле заедно.
За време на пожарот на 15 април 2019 година, се запали дел од северната камбанарија на катедралата, која мораше да се санира.
За да се стори тоа, осумте ѕвона сместени во оваа кула беа внимателно отстранети, исчистени од оловна прашина и обновени пред да се вратат во првобитната состојба.
Обновените ѕвона беа вратени во катедралата во средината на септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Силувал 200 жени, па им давал апчиња за абортус: Јавно егзегутиран ирански сериски силувач
Иранецот, Мохамад Али Саламат, кој беше осуден за силување на околу 200 жени во последните две децении, беше егзекутиран јавно.
Саламат, 43-годишен фармацевт и сопственик на теретана од Хамедан, беше обесен на гробишта вчераутро откако Врховниот суд на Иран ја потврди неговата смртна казна на почетокот на октомври, пренесе АП.
Саламат е обвинет за силување на околу 200 жени во изминатите 20 години, а изворите велат дека тој нападнал многу од своите жртви откако им предложил брак или ги канел на состаноци.
Како што пренесуваат локалните медиуми, тој во неколку случаи силувал жени, а потоа им давал апчиња за абортус, кои се нелегални во Иран.
Саламат беше уапсен во јануари, а стотици луѓе потоа се собраа пред судските институции во Хамедан, барајќи смртна казна.
Според извештајот на ОН, Иран е меѓу земјите со најголем број егзекуции, што наиде на осуда од меѓународните организации за човекови права.
Свет
(Видео) На Шпанија и’ се закануваат нови поплави: илјадници луѓе евакуирани, затворени училишта
Властите во источна и јужна Шпанија ги затворија училиштата и почнаа да евакуираат делови од населението, бидејќи обилните дождови повторно ја погодија земјата, две недели по катастрофалните поплави во кои загинаа најмалку 215 луѓе и предизвикаа политички спор со меѓусебни обвинувања.
Утрово државната метеоролошка агенција „Аемет“ објави портокалово предупредување за поголемиот дел од источна и јужна Шпанија, додека највисоко ниво на предупредување беше издадено за провинциите Тарагона во Каталонија и Малага во Андалузија.
Владата на Андалузија ги затвори училиштата во провинциите Малага и Гранада, а 3.000 луѓе беа евакуирани од населбите во близина на реката Гвадалхорсе во провинцијата Малага. Брзиот железнички превоз меѓу Малага и Мадрид беше прекинат попладнево.
Каталонските власти ги повикаа жителите да бидат „максимална претпазливост“, додека регионалната влада на Валенсија, која беше критикувана за справувањето со претходната катастрофа, ги советуваше општините во погодените области да ги затворат училиштата и препорача луѓето да работат од дома.
Más imágenes del evento tornádico frente a la costa de #Marbella, hace escasos minutos.pic.twitter.com/v1h8zcevJB
— Storm Málaga (@Storm_Malaga) November 13, 2024
Во текот на денот, „Аемет“ го крена предупредувањето за провинцијата Валенсија од портокалово на црвено.
„Опасноста е екстремна“, објави Аемет на платформата „Икс“.
„Избегнувајте движење бидејќи реките може да се поплават. Бидете многу внимателни!“, беше предупредено дека во областа може да паднат 180 литри вода на метар квадратен во рок од четири до пет часа.
Иако ова невреме не се очекува да биде силно како претходното, последиците би можеле да бидат сериозни поради големото количество кал на теренот и оштетениот одводен систем.
Речиси 20.000 припадници на армијата и полицијата се уште се вклучени во расчистувањето во Валенсија, која беше најтешко погодена од поплавите пред две недели.
Victoria Street, Malaga, Spain….pic.twitter.com/KmjXrqCRpm
— Volcaholic 🌋 (@volcaholic1) November 13, 2024
Општина Чива, една од најтешко погодените области, ги откажа часовите и спортските активности додека работниците во блиската Алдаија положија вреќи со песок за да го заштитат градот.
„Ставаме вреќи со песок“, изјави за Ројтерс комуналниот работник Антонио Оједа.
Продолжува потрагата по телата на 23 лица кои се’ уште се водат за исчезнати по поплавите во октомври. Утрово спасувачите ги пронајдоа телата на два помали браќа кои беа однесени од поплава во градот Торент во Валенсија. Рубен Матиас Калатајуд, три години и Изан Матиас Калатајуд, пет години.
Поплавите, кои се најголемата природна катастрофа во поновата историја на Шпанија, доведоа до судири меѓу регионалните и локалните власти и голем протест минатиот викенд.
Свет
Домаќинот на самитот за климата: ЕУ парламентот и Макрон одговорни за убиствата на невини луѓе
Ихлам Алиев, автократот на Азербејџан, го искористи собирот на лидерите на овогодишниот климатски самит за да ги нападне Франција и Холандија за задржување на прекуокеанските територии. Претседателот на Азербејџан ги поврза климатските промени со неоколонијализмот, ветувајќи дека ќе ги поддржи малите островски нации во нивната борба против зголемувањето на нивото на морето.
„Таканаречените прекуокеански територии на Франција и Холандија, особено на Карибите и Пацификот, се меѓу најтешко погодените од климатските промени. Гласовите на овие заедници честопати се брутално потиснати од режимите“, предупреди Алиев. Тој потоа ги наведе териториите што ги нарече колонии и примери за тоа како француската и холандската администрација предизвикале „деградација на животната средина“, како што се француските нуклеарни тестирања во Француска Полинезија и Алжир.
Алиев потоа нашироко зборуваше за овогодишните насилни немири во Нова Каледонија, за кои го обвини францускиот претседател Емануел Макрон. Азербејџан претходно ја основа Иницијативната група Баку, која обединува 14 политички движења низ поранешната Француска империја во име на деколонизација.
Алиев, исто така, го нападна Советот на Европа – телото за човекови права на континентот – и Европскиот парламент што не го осудуваат француското однесување.
„Европскиот парламент и Парламентарното собрание на Советот на Европа… станаа симболи на политичката корупција и ја споделуваат одговорноста со владата на претседателот Макрон за убиствата на невини луѓе“, рече Алиев.
Денешниот говор уследи по вчерашниот воведен говор во кој Алиев го обвини Западот за лицемерие. Францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Дик Шуф не присуствуваат на самитот.
Највисоката француска функционерка за климата, Ањес Паниер-Рунашер, по денешниот говор на Алиев најави дека ќе го бојкотира самитот кој ќе трае до 22 октомври.
„По разговорот и во договор со претседателот на републиката и премиерот, следната недела нема да одам во Баку“, изјави таа во францускиот Сенат.
Слично на тоа, портпаролот на холандското Министерство за надворешни работи рече дека Холандија „категорично ги отфрла неоснованите ставови за репресијата изразени од претседателот на Азербејџан“.