Македонија
Николоски: Инвестиравме 5 милиони евра оваа година за Велес, за следната година најавуваме нови проекти за градот
Велес инфраструктурно го подобривме, реконструиравме неколку улици низ градот, влезовите целосно ги реконструиравме а за следната година планираме нови проекти, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета во Велес.
Министерот заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, градоначалникот Марко Колев и пратениците, извршија увид во реконструираниот влез во градот, дел од регионалниот пат Р1312.
Во продолжение интегралната изјава на министерот Николоски:
“Во многу краток период сме повторно во Велес да промовираме убави работи, тоа е влезот во градот. Можам да кажам дека само оваа година во различни проекти, инвестираме некаде околу 5 милиони евра во Велес. Овој влез чини околу 750.000 евра, а преку проектот за локални патишта веќе се инвестирани оваа година 1.100.000 евра. Се работи за три улици, кои што се во тек на реконструкција, или се веќе реконструирани. Исто така преку одлуката на Влада за дотации до општините, во општина Велес треба да се инвестираат некаде околу 2.200.000 евра и тоа се договори кои што се веќе потпишани, а тука е секако и социјалната зграда, која што е завршена и во тек е конкурсот за распределба на социјалните станови. Така што, една навистина голема активност, за следната година најавувам уште поголеми активности, и заеднички, заедно со премиерот, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта и градоначалникот, ќе работиме на уште повеќе проекти. Честитам 80 години слободен Велес и тие идеали на оние кои што се бореа за независна и слободна Македонија да продолжиме да ги градиме во 21 век” – изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Радев по средбата со Давкова: Ако Северна Македонија навистина има желба за ЕУ мора да ја исполни преговарачката рамка и договорот за добрососедство
Бугарија очекува македонските институции што поскоро да го спроведат она што е предвидено во Преговарачката рамка и во Договорот за добрососедство, со цел државата да не губи историско време за членство во Европската Унија, изјави бугарскиот претседател Румен Радев по средбата со македонската колешка, Гордана Сиљановска-Давкова на маргините на Конференцијата за климатски промени – ЦОП 29 во Баку.
„Ако државното раководство на Северна Македонија навистина има желба за влез во Европската Унија, мора да ја исполни преговарачката рамка и договорот за добрососедство“, рече Радев.
Како што пренсе БНР.бг, бугарскиот претседател ја пофалил комуникацијата со Давкова, коментирајќи дека била отворена, конструктивна и прагматична, а истото треба да го следи и македонската влада.
„Двете претседателски институции покажуваат дека дијалогот е можен и придонесува за развојот за добрососедство“, изјави Радев.
Од Кабинетот на Давкова по средбата со Радев информираа дека разговорот траел еден час и се одвивал во конструктивна атмосфера, а се разговарало за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.
Претседателката ја подвлече важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочи дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со заменик-извршната директорка на УНИЦЕФ, Кити ван дер Хејден
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку, оствари средба со Кити ван дер Хејден, заменик извршна директорка на УНИЦЕФ.
На средбата беше изразено задоволство од континуираната плодна соработка во повеќе клучни области коишто се однесуваат на благосостојбата на децата и младите во македонското општество, со посебен фокус на рамноправноста, инклузивноста, унапредувањето и заштитата на нивните права.
Во контекст на климатските промени и нивниот ефект врз животот на децата, претседателката Сиљановска Давкова и заменик извршната директорка на УНИЦЕФ, ван дер Хејден, ја потенцираа важноста на политиките насочени кон промоција на одржлив развој и зелени иницијативи за заштита на животната средина. Во таа насока беше нагласена потребата нашата држава да го вклучи прашањето на децата во својот трет Национален поднесок за климатска акција, со цел создавање системски механизми за нивната заштита од климатски промени.
Претседателката Сиљановска Давкова ја реафирмираше подготвеноста на македонските институции за натамошна соработка со УНИЦЕФ, во насока на создавање услови секое дете да има еднакви шанси и можности за искористување на својот потенцијал, пристап до квалитетно образование, здравствена грижа и заштита.
Македонија
Божиновскa-Балуку: Интерконекторот меѓу двете земји, приоритет за поврзување на регионалната енергетска мрежа
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари продуктивна средба со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергија на Република Албанија, Белинда Балуку. Разговорите беа насочени кон продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор, со особен фокус на напредокот на проектот за интерконекторот меѓу Македонија и Албанија кој ќе овозможи енергетската поврзаност меѓу двете земји.
Проектот за интерконекторот, кој е поддржан од Европската унија и други меѓународни институции, има за цел да обезбеди енергетска стабилност и зголемена флексибилност во снабдувањето со природен гас за целиот регион. Планот предвидува интерконекторот да биде дел од пошироката регионална енергетска мрежа, која ќе го поврзе нашиот регион, овозможувајќи поголема енергетска независност и конкурентност.
Двете страни го истакнаа значењето на овој интерконектор како клучна инфраструктура за енергетска поврзаност во регионот, која е предвидена да ги поврзе македонскиот, албанскиот и грчкиот енергетски систем. Овој проект ќе овозможи засилено снабдување и диверзификација на енергетските ресурси, зголемување на енергетската стабилност и ефикасност, како и намалување на зависноста од увоз на енергенси.
Министерката Божиновска истакна дека за Македонија ова поврзување е од огромно значење.
„Со реализацијата на овој интерконектор, Македонија ќе добие директен пристап до гасоводните мрежи во Албанија и Грција, што ќе ни овозможи сигурност и разновидност во снабдувањето со енергија. Ова е витално не само за енергетскиот сектор, туку и за целокупната економија на земјата,“ потенцираше министерката Божиновска.
Во рамки на разговорите, беше отворена и темата за поврзување на енергетските пазари, што претставува дел од пошироката визија за регионална соработка. Поврзувањето на пазарите има за цел да ја олесни трговијата со енергија, оптимизирајќи го користењето на ресурсите и овозможувајќи поголема транспарентност и конкурентност во енергетскиот сектор. Преку создавање на поголем заеднички пазар, ќе се овозможи поголема флексибилност, која е клучна за адаптација кон обновливите извори и намалување на фосилните горива.
Од страна на Балуку, беше нагласена заложбата на Албанија за поддршка на регионалните иницијативи кои го олеснуваат енергетскиот транзит и ја засилуваат соработката на Балканот. Во рамките на средбата, двете министерки се договорија за следни чекори и планираат дополнителна билатерална средба со цел забрзување на реализација на проектите што се од интерес на двете земји и регионот.
Со оваа средба, двете земји покажуваат подготвеност за заеднички напредок кон интегриран и енергетски независен регион, како значаен чекор во насока на исполнување на европските цели за одржлива енергија и климатски неутрален континент.