Македонија
Зајкова: Здружените напади и заканите нема да ме предомислат – ЛДП останува доследна на своите програмски принципи по кои сме препознатливи
„За нас како партија, но и како држава цврсто вкотвена во евроатлантското семејство, стратешкото партнерство со САД е од непроценлива вредност и ние ќе продолжиме да соработуваме со претставниците на новата американска администрација за подобрување на животниот стандард и квалитетот на демократското живеење на македонските граѓани“, порача претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова на денешната прес конференција во седиштето на партијата, честитајќи му ја изборната победа на новоизбраниот американски претседаел, Доналд Трамп.
Говорејќи за квалитетот на живеење и за стандардот овде во Македонија, претседателката Зајкова потсети на законскиот предлог кој го поднесе во Собранието минатата година, а се однесува на намалувањето или укинувањето на банкарските провизии, за кој Зајкова најави неодамна дека повторно ќе го поднесе во собранието. Минатата година законот не помина во собранието, но Зајкова нагласи дека не се откажува ниту таа како пратеник, ниту ЛДП, затоа што тој закон претставува заштеда на граѓаните од повеќе илјади денари на годишно ниво.
Според Зајкова, предлагањето на законот е нормален начин на функционирање во ЕУ но додава дека во Македонија изгледа тоа предизвикува и бури и закани и посочува дека заканите кои ги добивала минатата година телефонски и на социјалните мрежи, сега добиле на интензитет.
„Додека Моника Зајкова е претседател, а ќе биде уште најмалку 2 години, ЛДП ќе остане доследна на своите програмски принципи по кои е препознатлива и ценета. Како што не дозволив никој да ми врши влијание да дадам поддршка на измените на Кривичниот законик, на специјалнот закон без да го знам договорот за Бехтел и Енка, како што не дозволив ни да ми го сменат ставот за Законот за игри на среќа, така нема да дозволам и сега закани и уцени нити за Законот со кои се намалуваат банкарските провизии. Нема да престанам под никакви закани да се борам европската пракса да биде применета и во Македонија, односто енормните трошоци да останат таму каде припаѓаат – во џебот на граѓаните“, изјави претседателката Зајкова.
„Здружените напади и уцени кои доаѓаат од оние на кои ќе им се намалат моќта и профитите, здружени со лица на кои им е прекината државната функција и привилегии, кои сакаат да ја дефокусираат јавноста од политиките кои ги промовираме, нема да ме натера да се откажам од истите затоа што се водам и како пратеничка и како претседателка на ЛДП од јавниот интерес и од интересот на граѓаните! Не подлегнувам на никакви закани затоа што се што програмски го предлагаме во Собранието е во интерес на граѓаните и државата“, децидна е Зајкова.
Јасниот став на партијата на последната седница на Централниот Одбор е дека ЛДП дејствува во Собранието независно, а согласно програмските принципи и либерално демократските вредности ќе даде поддршка на она што верува е добро за државата и граѓаните и ќе го критикува она што смета дека не е.
Според Зајкова, потребна е стратегија за да се постигнат подобри резултати, со поголемо влијание во локална самоуправа од претходно. На средбите кои претседателката Зајкова ги остварила со членството на општинските организации низ државата, има некои политички предлози, има и организациски предлози, има веќе и предлози за кандидати и многу брзо јавноста ќе ги запознае локалните кандидати на ЛДП.
„Ако сакаат овие поединци, кои застапуваат туѓи интереси, да ги објавуваме разговорите и преписките со кои ми се закануваат мене, но и го манипулираат членството со измама која е кривично дело и го наведуваат на некакви потписи, а доаѓаат и од луѓе кои се надвор и луѓе тука кои сакаат да се заштитат, чекајќи исход од одредени истраги, не е проблем, транскриптите и доказите се спремни. Може да ги објавиме“, заклучува Зајкова
Но, според претседателката на ЛДП, тоа заслужува внимание на органите на државата, а не на граѓаните кои бараат подобар живот и тоа нема да даде решенија на проблемите кои ги имаат граѓаните.
„Затоа само топло ќе им препорачам повеќе да ги промовираат програмските определби и вредности на ЛДП, а помалку да се занимаваат со лични калкуции и одработување за други интереси. Нема да дозволам никој со уцени и закани да ја нарушува либерално-демократската идеологија. И да, ја видов сликата од присутните од некаков иницијативен одбор за вонреден Конгрес на партијата, еве ја тука и вие сте новинари долги години, па ќе можете и вие да потврдите дека таму видовте или не видовте лица кои во јавноста се препознати либерал-демократи. Нема претставници на општинските организации и органи, нема никакво наводно мнозинство со кое се манипулира јавноста. Или пак мнозинството присутни беа донесени, некои можеби и платени, па дури има и луѓе кои немаат допирна точка со ЛДП. Евтина кампања која не поминува“, посочува претседателката на ЛДП.
Тоа не се либерал-демократски вредности, вели Зајкова и додава дека со сила, калкулации и уцени не се добива мнозинство во партијата, туку само со чесна работа и со вистински идеи, со вистински предлози и со доследност на тие идеи.
„Ајде, ние вистинските либерал демократи да работиме за локалните избори, да донесеме идеи за подобар живот на граѓаните. За граѓаните се бориме, за во нивните џебови да има повеќе пари, за да имаат поголема благосостојба, за Македонија да биде не пристојно туку прекрасно место за живеење. Тоа и ќе го направиме и од тоа нема откажување“, порача претседателката на ЛДП, Моника Зајкова во нејзиното обраќање.
Одговарајќи на новинарско прашање за евентуална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, претседателката Зајкова посочи дека ЛДП настапува независно во собранието, со предлози кои се во согласност со либерално-демократските вредности и интересите на граѓаните и државата, повторувајќи дека ЛДП ќе ги поддржи сите добри проекти кои носат бенефит за подобар жиот.
„Се што значи настап на ЛДП на избори за истото одлука носат општинските организации и Централниот одбор по спроведена анализа и дискусии. ЛДП има членови и во Кисела Вода и имавме информации и знаевме дека беше изнајмена општинската сала за прес конференција, добивме инфромации дека беа најавени повеќе од 100 луѓе, знаевме дека на повеќето од нив им било понудено за компензација да се присутни таму, имаше најава за присуство и на некакви навивачки групи и на крајот еве ги на сликата, повеќе соседи кои ме почитуваат би собрала и јас“, вели претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.
Македонија
Цената на дизелот се намалува
Цената на дизелот се намалува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ)
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 денари за литар.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 20.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопшти РКЕ.
Македонија
За побрз пристап до услугите, промовирани е-киоск и е-сандаче; Андоновски вели дека дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ-стратегија СМАРТ/МК 2030 нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија, што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема“, истакна Андоновски.
Денеска беа промовирани терминалите за услуги (е-киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации во државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, приспособени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-киоск граѓаните ќе може да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за руралните средини, повозрасните лица, граѓаните без постојан интернет-пристап и за општините со ограничени административни капацитети.
Министерот истакна дека е-сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
„Важно е да се нагласи: е-сандачето не е обична електронска пошта“, потенцира министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Во завршниот дел министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, документ – менаџмент-систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-сандачето и терминалите за услуги државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација, со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

