Македонија
Со години добивал по 200 евра месечно за да не врши контрола: вработен во „Национални шуми“ осомничен за примање поткуп
Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за продолжено кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик против службено лице – самостоен референт во ЈП „Национални шуми“ ПШС Беласица – Струмица.
Во периодот од септември 2020 до ноември 2024 година, осомничениот директно барал подарок во паричен износ од неколку лица со цел да не изврши контроли кои морал да ги изврши. Со тоа на лицата им овозможувал да добиваат дозволи за селска сеча по повеќе пати и дрвната маса да ја продаваат на трети лица. За тоа од нив барал и добивал поткуп од по 200 евра месечно. Бил затекнат како прима поткуп од едно од лицата, кое по претходен телефонски договор требало да му исплати пари за да врши селска сеча на планината Огражден.
По предлог на јавниот обвинител судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Извршен увид по експлозија во Ќерамидница, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат одредени сознанија
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во скопската населба Ќерамидница, каде утрово при експлозија на направа во двор на куќа беше повредено едно лице.
Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат одредени сознанија, а по наредба на јавен обвинител се обезбедуваат снимки од видео надзор на објекти.
Подигнатите траги од лице место ќе бидат предмет на вештачење.
МВР претходно објави дека утрово во дворот на Р. Т. била фрлена експлозивна направа. Од експлозијата тој добил повреди по што бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување помош.
Штекли минатата година двапти беше цел на напади во трговскиот центар „Ист гејт мол“, при што беше погоден од повеќе куршуми, па опериран и спасен.
Македонија
Мицкоски: Преку соработката на компанијата „СОКАР“ со АД ЕСМ државата ќе добие уште пониска цена на гас
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“, во организација на стопанската комора на Македонија-Турција (МАТО). По настанот одговарајќи на новинарско прашање, што подразбира соработката со азербејџанскиот енергетски гигант „СОКАР“ којашто денеска ја склучија со АД ЕСМ, информираше дека станува збор за компанија, преку која АД ЕСМ во последниот квартал годинава се снабдува со гас, а со меморандумот очекувањата се дека државата ќе добие уште пониска цена на гас.
„Да, тоа е навистина фантастична вест, тоа е нешто позитивно за нас како држава. „СОКАР“ е гигант, „СОКАР“ е огромен гигант, како компанија „СОКАР “веќе и доставува повеќе од дваесет PSM во Европа. Тоа се дваесет милијарди нормални метри кубни гас во шест земји до овој момент и таа бројка се зголемува, сега и со нас.
Преку „СОКАР“, ЕСМ се снабдува во последниот квартал од оваа година со гас, за затоплување и производство на електрична енергија. Тоа во бизнисот за гас во суштина е прв квартал. Следната година, нашиот прв квартал, во бизнисот за гас ќе биде втор квартал, така малку кај нив поинаку функционира.
Очекувам дека со овој меморандум и уште пониска цена ќе добиеме. Такви се очекувањата и она коешто јас сум го разговарал со државниот врв во Азербејџан. И навистина со ова покажуваме дека подготвени ќе ја пречекаме зимата и дека нема да имаме проблем во снабдувањето со енергенси“, изјави премиерот Мицкоски.
Македонија
Тошковски: Набавивме нова машина за печатење лични документи која тројно ќе го зголеми капацитетот, метежот е минато
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски беше во одделението за персонализација во МВР каде беше промовирана новата машина за печатење на лични документи.
„Денес ја пуштаме во употреба новата машина за печатење на лични документи која ја набави министерството за внатрешни работи и која тројно ќе го зголеми капацитетот и ќе го забрза издавањето на издавање на документи. Машината ги печати сите видови картични документи кои ги издава министерството за внатрешни работи како лични карти, возачки дозволи, картички за привремен претстој… Тоа во превод значи нема повеќе гужви какви што гледавме, нема повеќе нарушување на достоинството на граѓаните туку брзо и навремено издавање документи за секој граѓанин. Целосно сме посветени на креирање на брзи и квалитетни услуги за граѓаните преку унапредување и дигитализација на процесите и услугите. Граѓаните заслужуваат да добиваат брзи и ефикасни услуги од своите институции.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски воедно уште еднаш потсети и апелираше уште еднаш до сите граѓани дека важноста на возачките дозволи со старото уставно име согласно со промената на законот која беше направена во февруари, e заклучно со 31.12.2024 година и да го искористат преостанатиот период што побрзо да ја обноват својата возачка дозвола.