Македонија
Прекината седницата за сертификатот по англиски на директорот на Агенцијата за национална безбедност
Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за дополнување две точки на дневниот ред ја прекина седницата за иницијативата поднесена од СДСМ за, како што велат, незаконското назначување на директорот на АНБ, Бојан Христовски.
Претседателот на Комисијата за надзор врз работата на разузнавачките служби, Скендер Реџепи од „Европскиот фронт“, ја прекина седницата.
Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, рече дека ВМРО-ДПМНЕ со ова потврдила дека Бојан Христовски е незаконски именуван за директор на АНБ.
„Ова што денес го видовме на седницата на Комисијата за надзор над работата на АР и АНБ е чист доказ дека бегаат од соочување со јавноста. Злоупотребувајќи го мнозинството, тие денес спречија одржување седница и расправа за прашањата чии одговори ги чека цела јавноста, и домашната и меѓународната. Ова денешно однесување на власта покажува само едно – тиранија на мнозинството и целосно отсуство на демократски капацитет за владеење на правото“, рече Петровска.
Пратеникот Тони Јаревски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пак, ги обвини СДСМ и ДУИ за театар.
„Имено, како што сите видовте, на самата седница, која беше отворена, ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери имаа јасна намера да ја поддржат иницијативата. Иако имаше деловнички пречки за неа, иако не беа исполнети условите што се налагаат од страна на Деловникот, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржеше иницијативата да се дискутира на оваа точка. Тоа беше недвосмислена намера, јасно го кажавме, јасно го покажавме на самата седница. Она што фрапира е неможноста за една основа потреба за изјаснување во согласност со деловничките одредби за дополнување точки на дневен ред. Ниту на предлог на ВМРО-ДПМНЕ ниту на предлог на СДСМ. Претседателот на Комисијата, кој доаѓа од редовите на опозицијата, воопшто не дозволи изјаснување за самиот предлог за точките на дневен ред и навистина не ми е јасно зошто колешката Славјанка Петровска има несогласување и нешто не ѝ е јасно“, рече Јаревски.
Новиот директор на АНБ беше присутен на седницата и ја следеше дискусијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

