Економија
Божиновска од Баку: Реновирањето на јавните објекти е приоритет за енергетската одржливост
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на панел-дискусијата „Патот кон нула-енергетски згради во поширокиот Балкански регион“, која се одржува во рамки на климатскиот самит COP29 во Баку, Азербејџан. Настанот е посветен на можностите што ги нуди енергетската ефикасност како клучен двигател за одржлив економски раст и зајакнување на енергетската сигурност во регионот.
Божиновска ги претстави напорите на Република Македонија за подобрување на енергетската ефикасност, особено во градежниот сектор. Таа ја нагласи важноста на иницијативата за нула-енергетски згради (NZEBs) како основен чекор за регионот во транзицијата кон нискојаглеродна иднина. Според неа, неодамнешниот UNDP патоказ за регионот нагласува дека достигнувањето на NZEB стандарди е и технички и политички предизвик кој бара итно решавање.
Во своето обраќање, министерката Божиновска истакна:
„Нашиот регион, Балканот, се наоѓа на критичен пресврт. Со застарена енергетска инфраструктура и значителна зависност од увезени фосилни горива, се соочуваме со опипливи последици од климатските промени: зголемени температури, зголемена енергетска сиромаштија и притисок врз локалните економии и заедници. Градежниот сектор, кој учествува со над 40% од вкупната потрошувачка на енергија во регионот, во истовреме претставува и предизвик и извонредна можност за трансформативни промени. Усогласувањето со Европската Унија преку Директивата за енергетски перформанси на зградите е од витално значење за нашата интеграција со зелената транзиција на Европа и за енергетска отпорност. За многумина во регионот, почетните трошоци за енергетски ефикасни технологии остануваат значителна бариера, додека недостигот од хармонизирани стандарди и механизми за спроведување на NZEB претставува дополнителен предизвик. Иако е постигнат значителен напредок, за да се постигне целосна усогласеност со NZEB стандардите, потребно е да се зајакнат регулаторните рамки и да се воспостават поцврсти институционални механизми.“ истакна Божиновска.
Министерката Божиновска нагласи дека за Македонија, зголемувањето на енергетската ефикасност во градежниот сектор е еден од највисоките приоритети на националната климатска агенда и иако Македонија го постигна своето национално ниво од 30,5% за користење на обновливи извори на греење и ладење, преостанува потреба за насочени технолошки надградби за да се намали употребата на застарени системи со биомаса.
Министерката ги нагласи заложбите на Република Северна Македонија во насока на подобрување на енергетската ефикасност преку Законот за енергетска ефикасност, кој налага развој на долгорочна стратегија за реновирање на зградите во период од најмалку десет години.
„Нашиот пристап вклучува нови градби и реновирање на постојниот градежен фонд. Според Законот за енергетска ефикасност, обврзани сме да развиеме стратегија за реновирање на згради со најмалку десетгодишен период. Оваа стратегија бара годишно реновирање на најмалку 1% од вкупната површина на јавни згради, со што се обезбедува усогласеност со минималните стандарди за енергетска ефикасност.“
Остварувањето на овие цели, како што посочи министерката, зависи од целосната операционализација на Фондот за енергетска ефикасност, кој е клучен за финансирање на NZEB проекти и реновирање.
„Целосната операционализација на Фондот за енергетска ефикасност е приоритет за остварување на амбициите на Македонија во однос на NZEB. Веруваме дека овој фонд ќе игра клучна улога во финансирањето на долгорочната стратегија за реновирање, особено за реновирање на јавни и станбени објекти со цел да се постигнат подобри енергетски перформанси. Македонија останува решена да ја зголеми енергетската ефикасност како клучен столб на својата климатска стратегија. Преку регионални и меѓународни соработки, активно работиме на исполнување на целите поставени во Патоказот на UNDP и Парискиот договор. Со зајакнување на енергетските перформанси на градежниот сектор, придонесуваме кон економски бенефит, енергетска сигурност и почиста животна средина.“ заврши министерката.
Самитот COP29, кој се одржува од 10 до 15 ноември, ги обединува светските лидери, експерти и претставници на влади со цел да ги засилат глобалните акции за климатска заштита. Присуството на министерката Божиновска и нејзиното учество на панелот ја демонстрира посветеноста на Македонија кон заедничките цели за одржлива и нискојаглеродна иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спектакуларно отворање во Гевгелија: ЏАМБО и ВЕРО станаа новата омилена дестинација во „Gevgelija Mall“
Со огромна посетеност и во празнична атмосфера, овој викенд во Гевгелија и официјално започна со работа новиот, најсовремен ЏАМБО (JUMBO) маркет. Сместен во новоотворениот трговски центар „Gevgelija Mall“, реномираниот бренд ја реализираше својата голема инвестиција во јужниот регион, носејќи светско шопинг искуство за локалното население.
Отворањето помина во знакот на семејната забава и радоста. Најмладите посетители уживаа во целодневната програма исполнета со музика, дружење со маскоти, цртање на лице и игри со сапунени меури, што го претвори првиот работен ден на маркетот во вистински настан за градот.
Новиот објект се простира на површина од 3.000 метри квадратни, дизајниран според највисоките светски стандарди. Купувачите веќе имаат пристап до асортиман од над 20.000 артикли, вклучувајќи производи за домот, играчки, декорации и сезонски изненадувања.
Како значајна новина за купувачите во Гевгелија е интегрирањето на селектиран асортиман од брендот ВЕРО во рамките на самиот маркет. Оваа стратешка синергија им овозможува на потрошувачите на едно место да ги задоволат сите потреби за домаќинството, штедејќи време и уживајќи во квалитетот на двата силни бренда.
Генералниот директор на ВЕРО и ЏАМБО маркетите, Петар Денковски, истакна дека ова отворање е многу повеќе од проширување на продажната мрежа – тоа е исполнување на ветувањето за поддршка на локалната заедница.
„Горди сме што со оваа капитална инвестиција директно влијаеме на економскиот пулс на Гевгелија. Отворивме нови работни места и создадовме силен регионален магнет кој очекуваме да привлекува купувачи не само од градот, туку и од соседството,“ изјави Денковски.
Менаџментот на компанијата потврди дека експанзијата не застанува тука. Успешната приказна продолжува и следната година со најавеното отворање на нов маркет во Струмица, со што ЏАМБО и ВЕРО целосно ќе го заокружат своето присуство во југоисточниот дел на Македонија.
Новиот маркет во Гевгелија веќе работи со полн капацитет, нудејќи креативни решенија и производи за целото семејство, под препознатливиот слоган „За сѐ што ви треба и не сте знаеле дека ви треба“.
(ПР)
Економија
ССКМ ја поздравува одлуката со која данокот од 5 отсто останува при првата продажба на недвижностите
Сојузот на стопанските комори на Македонија ја поздравува одлуката со која данокот од 5 % останува при првата продажба на недвижностите.
„Ја поздравуваме одлуката на Владата за 5 % ДДВ, кој е при првата продажба на станбен простор, ова ги покажува позитивните заложби на бизнис-секторот и ССКМ претставен преку Градежната комора во соработка на Министерството за финасии и Владата. Сојузот на стопанските комори на Македонија смета дека одлуката на државата стапка за првата продажба на новоизградени станови да остане 5 % е оправдана.
Според ССКМ, оправдана е и одлуката на Министерството за продолжување на важноста на повластената стапка од 5 % ДДВ и сметаат дека со нејзиното продолжување најголема корист ќе имаат купувачите на станбени единици, односно населението.
Ивица Јаќимовски, член на управниот одбор при ССКМ, посочува дека со продолжување на данокот за купување станови на 5 %, почнувајќи од 2026 година, се очекува секторот за недвижности да добие нов импулс.
„Оваа повластена стапка на ДДВ има цел да го поддржи пристапот на граѓаните до домување, да ја стимулира градежната активност и да ја зајакне стабилноста на пазарот. Имплементацијата на даночната стапка од 5 % носи неколку важни привилегии и за купувачите и за индустријата: намалувањето на даночната стапка значително ги намалува вкупните трошоци за купување стан правејќи го сопствеништвото на домот подостапно за пошироката популација; се очекува прифатливоста создадена од данокот од 5 % да ја зголеми побарувачката за нови и постојни станови, што може да ги поттикне градежните и недвижните сектори и со поповолна даночна средина, домашните и странските инвеститори може да покажат зголемен интерес за пазарот на домување, што ќе придонесе за економски раст“, вели тој.
Економија
„Македонија 2025“ со рекордни резултати во 2025: поддржани 2.573 лидери и таленти, 168 бизниси и 190 стипендисти
„Македонија 2025“ ги објави резултатите од својата работа во 2025 година, при што организацијата постигна рекордни успеси во поддршката на економскиот развој, лидерството и глобалната поврзаност на земјата. Во 2025 година „Македонија 2025“ имплементирала, преку повеќе од 40 програми и иницијативи со кои се поддржани 168 компании, доделени се 190 стипендии за едукација и усовршување, а 2.573 лидери и таленти биле директно опфатени со програмите за развој. Организацијата исто така бележи значително зголемување на својот општествен импакт, со 94 активни членови во управните и советодавните тела и развиени шест клучни предлог-политики кои веќе се интегрираат во национални стратегии и реформски процеси.
2025 беше година на значајни исчекори и во однос на глобалната дијаспора. Македонија2025 ја спроведе првата и најголема глобална анкета на дијаспората со над 1.400 учесници од повеќе од 40 земји, чијашто анализа веќе е основа за новата Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025-2030. Во партнерство со Владата беше лансирана и кампањата „Македонска дијаспоро, добредојде дома“, која допре до над 20.000 иселеници ширум светот, а организацијата учествуваше во креирањето и на повеќе стратешки документи во областите дигитализација, конкурентност, високо образование, научно-технолошки развој и односи со дијаспората.
Паралелно, „Македонија 2025“ продолжи континуирано да ја зајакнува бизнис-заедницата и човечкиот капитал преку програми насочени кон модернизација, дигитална трансформација и развој на лидерски компетенции. Преку Центарот за дигитална трансформација – GoDigital беа изработени 30 детални проценки на дигитална зрелост, 15 дигитални стратегии за компании и беше обезбедена практична техничка поддршка за пет компании во процесот на имплементација на нови дигитални решенија. Овие услуги им помогнаа на фирмите да го подигнат својот степен на конкурентност, да ги оптимизираат процесите и да воведат алатки што ја забрзуваат нивната интеграција во современите економски текови. Воедно, 553 професионалци и менаџери посетуваа специјализирани обуки, работилници и вебинари, со што се создаде поширока заедница на практичари кои активно ја применуваат стекнатата експертиза во своите организации. Како дел од напорите за градење силна генерација претприемачи, 27 млади менаџери и основачи на компании го надградија своето бизнис знаење преку реномираната обука што ја спроведе канадската Ајви бизнис-школа во рамките на проектот „Лидер“, со што мрежата на алумни се прошири на 451 член.
Во делот на лидерството, програмите на Македонија2025 и годинава изградија нова генерација на носители на промени. Престижната програма за образование на извршни директори Зафировски, на Келог-школата за менаџмент (САД) во 2025 година ја завршија пет македонски извршни директори кои стекнаа врвни глобални менаџерски знаења и пристап до меѓународна мрежа на лидери. Со ова, нашата Зафировски алумни заедница достигна до 51 член. Дополнително, 5 професионалци беа дел од програмата за извршно образование во Канада, комбинирајќи академски модули со практично учење и размена на искуства во канадски компании.
Стипендиската програма за студентска извонредност „Атанас Близнакоф“ поддржа 121 студент, а особено значајно е што 75% од нив беа поврзани со ментори – успешни македонски професионалци од земјата и дијаспората – кои им помогнаа да ги развијат своите кариерни насоки, академски капацитети и професионални амбиции. На овој начин, програмите на Македонија2025 не само што обезбедуваат финансиска и образовна поддршка, туку создаваат и силен еко-систем на идни лидери, поврзани со глобалната мрежа на знаење и можности.
Во хуманитарната сфера, како одговор на трагедијата во Кочани, организацијата обезбеди 55.356 евра за медицинска опрема за три здравствени установи во Скопје и во Кочани, а Клубот на амбасадорите на „Македонија 2025“ му донира средства за реновирање дел од детското одделение во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид.
Посебно влијание во 2025 година имаше и 14-тиот годишниот самит „Македонија 2025“, кој повторно се позиционира како водечки бизнис-настан во регионот. Со повеќе од 700 учесници, 38 говорници од 15 земји и богата програма од панели, дискусии и B2B-средби, самитот беше фокусиран на економскиот раст, дигиталната трансформација, иновациите и улогата на дијаспората во забрзувањето на развојот на земјата, создавајќи платформа за идеи и партнерства што ги поврзуваат бизнисите дома и во светот.
Со овие резултати „Македонија 2025“ ја заокружува 2025 година како една од најуспешните досега, поставувајќи високи стандарди за економски развој, иновации и вклученост на дијаспората и поставува темели за уште поамбициозна агенда во 2026 година.

