Македонија
Божиновскa-Балуку: Интерконекторот меѓу двете земји, приоритет за поврзување на регионалната енергетска мрежа
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари продуктивна средба со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергија на Република Албанија, Белинда Балуку. Разговорите беа насочени кон продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор, со особен фокус на напредокот на проектот за интерконекторот меѓу Македонија и Албанија кој ќе овозможи енергетската поврзаност меѓу двете земји.
Проектот за интерконекторот, кој е поддржан од Европската унија и други меѓународни институции, има за цел да обезбеди енергетска стабилност и зголемена флексибилност во снабдувањето со природен гас за целиот регион. Планот предвидува интерконекторот да биде дел од пошироката регионална енергетска мрежа, која ќе го поврзе нашиот регион, овозможувајќи поголема енергетска независност и конкурентност.
Двете страни го истакнаа значењето на овој интерконектор како клучна инфраструктура за енергетска поврзаност во регионот, која е предвидена да ги поврзе македонскиот, албанскиот и грчкиот енергетски систем. Овој проект ќе овозможи засилено снабдување и диверзификација на енергетските ресурси, зголемување на енергетската стабилност и ефикасност, како и намалување на зависноста од увоз на енергенси.
Министерката Божиновска истакна дека за Македонија ова поврзување е од огромно значење.
„Со реализацијата на овој интерконектор, Македонија ќе добие директен пристап до гасоводните мрежи во Албанија и Грција, што ќе ни овозможи сигурност и разновидност во снабдувањето со енергија. Ова е витално не само за енергетскиот сектор, туку и за целокупната економија на земјата,“ потенцираше министерката Божиновска.
Во рамки на разговорите, беше отворена и темата за поврзување на енергетските пазари, што претставува дел од пошироката визија за регионална соработка. Поврзувањето на пазарите има за цел да ја олесни трговијата со енергија, оптимизирајќи го користењето на ресурсите и овозможувајќи поголема транспарентност и конкурентност во енергетскиот сектор. Преку создавање на поголем заеднички пазар, ќе се овозможи поголема флексибилност, која е клучна за адаптација кон обновливите извори и намалување на фосилните горива.
Од страна на Балуку, беше нагласена заложбата на Албанија за поддршка на регионалните иницијативи кои го олеснуваат енергетскиот транзит и ја засилуваат соработката на Балканот. Во рамките на средбата, двете министерки се договорија за следни чекори и планираат дополнителна билатерална средба со цел забрзување на реализација на проектите што се од интерес на двете земји и регионот.
Со оваа средба, двете земји покажуваат подготвеност за заеднички напредок кон интегриран и енергетски независен регион, како значаен чекор во насока на исполнување на европските цели за одржлива енергија и климатски неутрален континент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

