Култура
Изложба на тројцата финалисти за наградата за млад визуелен уметник „Денес“, ќе биде прогласен и победникот
Наградата „ДЕНЕС“ за млад визуелн уметник до 35 години во Македонија се доделува по осумнаесетти пат, а доделувањето ќе се одржи на изложбата на тројцата финалисти во националната галерија „Мала станица“ во Скопје на 19 ноември со почеток во 20 часот.
Тројцата финалисти годинава се младите уметници Марко Гутиќ Мижимаков, Јован Јосифовски и Ивана Самандова.
Претставувањето на тројцата финалисти и разговор со жири-комисијата ќе се одржи во 12 часот, а вечерта, во рамки на изложбата, ќе бидат доделени и наградите.
Наградата „ДЕНЕС“ се доделува на годишно ниво за исклучителна и истакната тековна уметничка практика, која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, и е единствена награда од овој вид за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава. Оваа значајна и независна награда, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк, од минатата година во која го одбележа и своето 20-годишно постоење, вклучува и други новини и резиденции.
„ДЕНЕС“, исто така, овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационално жири и да продуцираат дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.
По одбележувањето на 20 години „ДЕНЕС“ во 2023 година, структурата на наградата доби поинаков формат, т.е. се обидува да обезбеди повеќе можности за самите финалисти, продуцирајќи ја наградата колаборативно и понекомпетитивно.
Па така, добитникот/добитничката на наградата „ДЕНЕС“ – 2024 добива двомесечен престој во „Residency Unlimited“ во Њујорк во периодот август-септември 2025 година, додека останатите двајца уметници – финалисти добиваат едномесечен престој во Галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит, во мај 2025 година и самостојна изложба во просторот или самостојна изложба во Скопје, во 2025 година.
Жирито за наградата е составено од: Ксенија Нурил, историчарка на уметност и кураторка, директорка на галеријата на реномираното уметничко училиште „Art Students League“ од Њујорк, САД, Сања Анѓелковиќ, аудиовизуелна уметничка со седиште меѓу Нови Сад и Виена, добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос“ во Србија во 2023 година, и Ана Франговска, историчарка на уметност и кураторка, виш кустос во Националната галерија на Република Северна Македонија и претседателка на АИКА – Македонија.
Наградата „ДЕНЕС“ е основана во 2002 година како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално првпат беше доделена во 2003 година. Намерата на наградата „ДЕНЕС“ е да им понуди повеќе можности на младите уметници да ги совладаат своите уметнички интереси и да ги прикажат пред пошироката публика, како и да се продлабочат дискусиите помеѓу институциите и младите уметници.
Од 2015 година наградата локално ја организира здружението „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ), во рамки на фестивалот „АКТО“.
„ФРУ“ оваа манифестација ја организира во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк, и фондацијата „Trust for Mutual Understanding“, Њујорк.
Досегашни добитници на наградата „ДЕНЕС“ се: Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

