Култура
„Филмаџиите не добиваат плата на први, зависат од снимање“ – Друштвото на филмските работници бара издвојување поголем буџет за филм
Друштвото на филсмките работи упати отворено писмо до министерот за култура Зоран Љутков, јавноста и до медиумите, во кое реагира на предлог-буџетот за филм за 2025 година и барa од Владата, Министерството за култура и од Министерството за финансии негово ревидирање и проектирање на реален буџет за филм.
Писмото го пренесуваме во целост:
„Почитуван министере за култура, Зоран Љутков,
Веста за вашето назначување за министер за култура, ние во Друштвото на филмските работници и сите наши колеги филмаџии, ја примивме со голема радост. Радоста, зачинета со надеж, доаѓаше од фактот што министерството од кое со години наназад потекнуваа нашите проблеми, конечно ќе го раководи човек кој суштински разбира што значи да се биде филмски работник и знае дека ниту еден од луѓето кои ги гледа на филмските сетови, каде што работниот ден трае најмалку 12 часа, не добива државна плата на 1-ви, туку нивните приходи зависат единствено од снимачките денови кои ќе бидат реализирани.
Во момент кога сме длабоко навлезени во четвртиот месец од мандатот на в.д директорката на Агенцијата за филм, период во кој снимања речиси и да нема, не е потпишан ниту еден договор за финансирање на веќе одобрени проекти, не е прегледан ниту еден извештај за наменско трошење на средства, исплатите кон тековни и веќе реализирани проекти се стопирани и во кој годинешниот конкурс за производство на филмови е поништен, радоста исчезна, а одржувањето на надежта стана невозможно.
Македонските продуценти секојденево се соочуваат со притисоци и закани за меѓународни тужби и откажување на соработки, а нашата држава престанува да биде дел од европското филмско семејство. Загрозено е и нашето членство во значајни регионални, европски и светски организации и асоцијации.
Во време кога филмските професионалци се во немилост и страдаат за елементарна егзистенција, а филмските продукции бараат алтернативни начини да опстанат, дојде и информацијата дека во предложениот буџет за 2025та година, ставката за филм изнесува само 2.4 милиони евра, бројка која е пониска и од основниот буџет за 2024 година. Оваа вест, секој еден филмаџија ја дочекува во шок и неверување.
Во изминатите неколку години ДФРМ многупати јавно укажуваше дека е потребно стандардизирање на буџетот за филм по претходно утврдени параметри, а особено во текот на 2023 година во неколку наврати алармираше дека проектираниот буџет од страна на Министерството за култура за филмската дејност за 2024 година, не е доволен за елеметарно да се покријат потребите на нашата кинематографија.
Денес повторно јавно укажуваме дека предложениот буџет за филм за 2025 година не е доволен за елементарно да се покријат потребите на нашата кинематографија. Затоа бараме од Владата, од Министерството за култура и Министерството за финансии ревидирање на овој предлог и проектирање на реален буџет за филм. Воедно, како филмски автори и филмски професионалци за кои работата на филм значи се, ја истакнуваме неопходноста за кадровска консолидација во Агенцијата за филм.
Веруваме дека Министерството за култура ќе ги земе во предвид нашите укажувања и нема да ја продолжи погубната политика од минатите години, затворајќи ги очите пред успесите на македонскиот филм, ниту ќе го игнорира фактот дека нашите филмови се апсолутен предводник во промоцијата на македонската култура во светот. Исто така, убедени сме дека после долго време Министерството ќе покаже вистинско разбирање за специфичноста на филмската дејност и начинот на кој филмаџиите ја остаруваат својата материјална егзистенција.
Дозволете нѝ уште еднаш да ја искажеме нашата подготвеност за соработка со Агенцијата за филм, Министерството за култура, и сите останати релевантни институции, и ставање на располагање на капацитетите кои ги имаме во разбирање, поддршка и помош при утврдување на состојбите и изнаоѓање на решенија“, се вели во писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасков
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасков.
-Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!, наведуваат од Драмски театар.
Манасков е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.

