Култура
Отворање на изложбата „Селектирани – дел 3“ во Галеријата „Остен“
На 19 ноември (вторник) во 19 часот во Галерија Остен, Скопје ќе се одржи отворање на изложбата „Селектирани – дел 3“ каде ќе бидат претставени делата на дел од селектираните уметници на ОСТЕН Биенале Скопје 2024.
Посетителите ќе имаат можност да видат дела од уметници од неколку држави.
Словачка: Мирослав БРOС, Ева ХНАТОВА, Милан ХНАТ, Анабела СЛАДЕК, Мартин ШЕВЧОВИЧ
Словенија: Наташа ГРЕГОРИЧ НАБХАС
Јужна Кореа: Ваи ЛИ
Турција: Бенал ДИКМЕН
Обединетото кралство: Мајкл Џ. ДЈУК
Специјални гости пријатели на ОСТЕН: Цветка Хојник, Билјана Јевтиќ
Сите изложени дела се дел од колекцијата на ОСТЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на претставата „12“ – претставата е посветена на Мирко Попов
На 20 ноември на големата сцена со почеток во 20:00 часот ќе се случи долго очекуваната изведба на претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз.
Евтимов ја обедини најмоќната машка актерска екипа: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (Судија).
Приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности.
Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука, наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците. Единствениот кој се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8.
Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото – Мартин Манев, а музиката е на ПМГ Колектив.
Претставата е наменета за возрасна категорија 16+. Таа е посветена на прерано починатиот, наш соработник и пред сѐ голем пријател, Мирко Попов.
Култура
(Видео) Објавен нов трејлер за првиот македонски долгометражен анимиран филм
На официјалната фејсбук-страница на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, објавен е нов трејлер.
„Со задоволство ви ја претставуваме американската верзија на новиот трејлер на ‘Јон Вардар против галаксијата’! Благодарност до Давид Мука за нарацијата и до Валентино Скендеровски за снимањето“, пишува во описот на видеото.
„Јон Вардар против галаксијата“ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани, кои се на мисија да ја спасат галаксијата од себеси.
Режијата е на Гоце Цветановски, арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Филмот е на редовниот репертоар на „Синеплекс“ и „Киноверзум“ во Скопје, Штип и во Велес. Информации за времето на прикажувањaта и во другите градови има на официјалната фејсбук-страница на филмот.
Култура
80 години Народен театар – Битола: Културата како темел за иднината, бизнисот како поддршка за нејзината трајност
Со голема свеченост Народниот театар – Битола ја прослави својата 80-годишнина – јубилеј што ја слави не само историјата туку и иднината на македонската култура. Во духот на ова значајно обележување настанот доби уште поголема димензија со потпишувањето меморандум за соработка помеѓу Народниот театар – Битола и MINT Fintech Group, предводени од директорот на театарот Васко Мавровски, и извршниот директор на компанијата, Никола Јошевски.
Инвестицијата во културата: Визија за иднината
Во време кога културните институции се борат со предизвиците на современото општество, ваквите партнерства претставуваат пример за одговорност и визија. MINT Fintech Group, препознавајќи ја значајноста на Народниот театар Битола како столб на македонската култура, вложи во дигитализација на репертоарот и развој на едукативни програми за бон-тон, со посебен акцент на новата публика.
„Културата не е само наследство, туку и иднина. Веруваме дека инвестицијата во културните институции е инвестиција во заедницата, во младите и во вредностите кои ја дефинираат нашата земја,“ истакна Никола Јошевски, генерален Директор на MINT Fintech Group.
Дигитализацијата на репертоарот ќе овозможи полесен пристап до театарските содржини, правејќи ги подостапни за публиката од сите возрасти, додека едукативните програми ќе поттикнат градење на културно свесна и одговорна публика, особено кај младите генерации.
Народниот театар Битола: 80 години културен амбасадор
Јубилејот беше одбележан со претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, која симболично ја врати публиката на почетоците на театарот, кога во 1944 година беше изведена првата претстава на македонски јазик. Директорот на театарот, Васко Мавровски, истакна дека овој настан не е само прослава, туку потсетник за трајноста и значењето на културата како дел од колективниот идентитет.
„80 години Народен театар Битола се 80 години приказни, емоции и неуморна посветеност кон уметноста. Благодарни сме што компании како MINT Fintech Group ја препознаваат важноста на театарот и ја поддржуваат неговата иднина,“ рече Мавровски.
Културата и бизнисот: Зошто оваа синергија е клучна?
Во ерата на дигитализација, улогата на приватниот сектор станува клучна во поддршката на културата. MINT Fintech Group не само што го препознава ова, туку активно ја гради мостот помеѓу технологијата, бизнисот и културните вредности.
„Културата и бизнисот не се спротивности. Напротив, тие можат да работат заедно, да создаваат нови вредности и да ја инспирираат заедницата. Потпишувањето на овој меморандум е само почеток на една соработка која ќе донесе иновации и трајни промени,“ изјави Јошевски.
Заедничка визија: Културата како приоритет
80-годишниот јубилеј на Народниот театар Битола е потсетник дека културата бара постојана грижа и иновација. Оваа соработка меѓу Народниот театар и MINT Fintech Group претставува пример за тоа како приватниот сектор може да ја поддржи културната сцена, обезбедувајќи ѝ ресурси и платформа за развој.
Бидејќи културата не е само минато, туку и иднина – а иднината е наша заедничка одговорност.
ПР објава