Македонија
Товарен воз излезе од шините помеѓу железничките станици „Кадина Река“ и „Зелениково“
Регионалниот ЦУК Скопје, ја пренесува информацијата од Македонски железници дека помеѓу железничките станици „Кадина Река“ и „Зелениково“, товарен воз вчера, во 21.37 часот е излезен од шините, поради што соoбраќајот во тој дел е во прекин.
Нема повредени лица, а на терен има екипи од Македонски железници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Потпишан протокол за заеднички гранични премини со Косово, чекор сме поблизу во имплементација на One Stop Shop концептот
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска учествуваше на заедничката меѓувладина седница со Владата на Република Косово која се одржа во Приштина.
На оваа седница се потпиша протокол за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини Блаце – Елез Хан и Јажинце – Глобочица.
„Со ова направен е уште еден значаен чекор кон целосна имплементација на концептот „One Stop Shop,“ кој ќе овозможи побрз, поедноставен и поефикасен проток на патници и стоки. Овој систем ќе го скрати времето на чекање на границите и ќе придонесе за подобро поврзување и олеснување на движењето помеѓу нашите две земји.“, истакна министерот Тошковски.
Министерот Тошковски во рамките на седницата имаше можност да оствари разговор со министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла на кој се разговараше за наредните конкретни чекори потребни за имплементација на „One Stop Shop“ на овие гранични премини.
Македонија
Мицкоски од Косово: Договоривме конкретни чекори, кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски
„Нашата средба беше исклучително продуктивна и исполнета со отворен и искрен дијалог, што е од клучно значење за понатамошното зајакнување на односите помеѓу двете земји. Разговаравме за широк спектар на прашања од заеднички интерес, вклучувајќи економска соработка, зголемување на трговската размена, инфраструктурни проекти и заеднички напори за обезбедување регионална стабилност и безбедност. Договоривме конкретни чекори и иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски, што ќе има позитивно влијание врз економскиот развој и напредокот на земјите во регионот“, рече македонскиот премиер Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер, Аљбин Курти.
Мицкоски посочи „Веруваме дека инвестирањето во овие области е инвестирање во нашата заедничка иднина. Дискутиравме и за важноста на евроатлантските интеграции, заедничката посветеност кон европските вредности и стандарди. Убедени сме дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија и НАТО, и дека преку заеднички напори можеме да ги надминеме предизвиците и обезбедиме просперитет и стабилност за нашите граѓани.
„Сакам да посочам нешто со кое се согласивме со мојот драг колега. Балканот предолго беше место кое интензивно ги полнеше црните хроники во европската и светската јавност. Предолго регионов потроши време на политички прашања, занемарувајќи ги прашањата од реалниот живот на граѓаните. И граѓаните на Приштина и граѓаните на Скопје или било кои други места од двете држави ги интересира подобар живот, подобар стандард, повисоки критериуми за образование. Да ги потенцираме точките кои нè обединуваат и за кои вреди заеднички да работиме. Време е да ги решаваме економските прашања. Оваа средба е токму од таква природа. Тука сме за подобар живот. Токму тоа беше нашиот мотив да ги потпишавме меморандумите и протоколите“, рече премиерот, кој му се заблагодари на Курти за топлото гостопримство и за успешната и конструктивна средба.
Македонија
Панова: Зголемувањето на буџетот за правосудството и Обвинителството треба да биде поврзано со конкретни реформи и јасни резултати
Во текот на денешната општа расправа за Предлог-буџетот за 2025 година, од собраниската говорница се обрати и пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, при што посебен акцент и осврт даде на судството и обвинителството кои до сега немале повисоки буџети.
Таа истакнува дека буџетот на судската власт е за речиси 8% поголем од буџетот предвиден за 2024 година, додека пак кај обвинителството зголемувањето е за 9,5%, но истовремено од друга страна, во последните години довербата на граѓаните во правосудството е алармантно ниска или само 2%, што е аларм дека системот не функционира како што треба и дека граѓаните не го чувствуваат истиот како средство за заштита на нивните права.
„Во овој контекст, поставувањето на барањето за зголемени средства за правосудството и обвинителството мора да биде предмет на внимателен преглед. Дали повеќе пари ќе го решат проблемот? Не, ако нема реформи во самиот систем. Буџетските средства не можат да го поправат структурниот проблем што лежи во етиката и интегритетот на самите судии и обвинители“, децидна е Панова.
Според неа, доделувањето на поголеми финансиски средства треба да биде условено со потполна системска реформа која истовремено ќе значи и повисоки стандарди на морал и етика во правосудството, бидејќи на нашето општество му е потребен систем кој ќе биде ефикасен, правичен и професионален.
„Предлогот за зголемување на буџетот за правосудството и обвинителството треба да биде поврзан со конкретни реформи и јасни резултати. Првенствено, мора да се постават стандарди за избор и оценка на судиите и обвинителите, кои ќе бидат транспарентни и јавни. Треба да се обезбедат механизми за надзор и санкционирање на неетичкото и неефикасно работење. Сè тоа ќе биде основа за изградба на довербата што ја изгубија нашите граѓани“, заклучува Панова.