Култура
Недела на јапонскиот филм во Кинотеката
Од 25- 29 ноември Кинотеката на Македонија ги отвори својот простор и платно за уште еден исклучителен циклус на јапонски филм, нудејќи уникатно патување низ повеќе декади на јапонската кинематографија.
Циклусот на јапонски филмови е еден од најзначајните филмски настани во годината, кој носи ретка можност за македонската публика да се запознае со длабочината, комплексноста и уникатната естетика на јапонската кинематографија. Овој циклус нуди не само визуелно задоволство, туку и увид во културните, историските и социјалните промени што го обликуваат јапонското општество.
Програмата се состои од разновидни филмови кои опфаќаат жанровска разноликост – од драмски филмови до анимирани дела и експериментални форми, претставувајќи ги новите имиња и таленти на јапонската кинематографија. Нивната креативност, посветеност на детали и инспирацијата од јапонската култура, социјалните прашања и модерниот живот го прават овој циклус особено актуелен и релевантен за денешната публика.
Преку овој циклус, Кинотеката нуди повеќе од само проекции. Тоа е културен мост меѓу Истокот и Западот, претставувајќи ги различните аспекти на јапонскиот филм и повикувајќи ја публиката да го открие светот зад екранот. Ова патување низ јапонската кинематографија е повеќе од само уживање во филмската уметност – тоа е повик за истражување на длабочините на културата, историјата и човечките искуства.
Селектор на програмата: Бојан Станишиќ, Уредник на филмската програма при Кинотека.
25 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00 ч.
НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ
ВРАЌАЊЕТО НА ДАИМАЏИН
(The Return Of Majin)
Игран филм, Јапонија
1966, 119 мин., колор, ДЦП
Режисер: Кенџи Мисуми (Kenji Misumi)
Сценарио: Тецуро Јошида (Tetsuro Yoshida)
Улоги: Коџиро Хонго, Шихо Фуџимура, Таро Маруи (Kojiro Hongo, Shiho Fujimura, Taro Marui)
Градот на еден самурајски господар е поразен и војниците ja уништуваат џиновската статуа на Даимаџин, џиновскиот бог воин. Кога свршеницата на самурајскиот господар му се моли на Даимаџин, тој се крева од дното на езерото и ги поразува напаѓачите.
ВРАЌАЊЕТО НА ДАИМАЏИН е вториот дел од филмската трилогија за Даимаџин, џиновскиот бог воин. Оваа трилогија е од токусацу (tokusatsu) жанрот. Тоа се филмови со фантастична и натприродна тема во кои се користат многу специјални ефекти. Трите филма се снимени истовремено од тројца различни режисери и имаат сличен заплет: обичните селани го повикуваат Даимаџин да ги спаси од насилниците.
Со текот на времето овие филмови и ликот на Даимиџин добиваат култен статус, така што во 2010 година е направена и телевизиска адаптација на серијалот.
Овој дел е режиран од Тецуро Јошида, еден од најактивните и најгледани јапонски режисери од тоа време, кој е познат како зачетник на Затоичи, еден од најпознатите филмски ликови на јапонската кинематагорафија, овековечен во истоимениот филм на Такеши Китано.
26 НОЕМВРИ (ВТОРНИК) 20:00 ч.
НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ
TRAIN BRAIN EXPRESS
(TRAIN BRAIN EXPRESS )
Игран филм, Јапонија
2012, 117 мин., колор, ДЦП
Режисер: Јошимицу Морита (Yoshimitsu Morita)
Сценарио: Јошимицу Савамото (Yoshimitsu Sawamoto)
Улоги: Кеничи Мацујама, Еита, Шихори Канџиа (Kenichi Matsuyama, Eita, Shihori Kanjiya)
Комачи, вработен во компанија за недвижнини и Кодама, наследникот на челичарницата, се страсни љубители на возови. Ова нивно хоби се покажува корисно за работата и напредокот во нивните кариери, но со романтичниот дел од нивните животи работите не одат толку мазно. Дали незгодниот Кодама и неодлучниот Комачи ќе ги најдат љубовите на својот живот?
TRAIN BRAIN EXPRESS е последниот филм на ветеранот Јошимицу Морита, познат по филмовите СЕМЕЈНАТА ИГРА, И ПОТОА, ИЗГУБЕНИОТ РАЈ, БРАЌАТА МАМИЈА. Ова е негов тестаментален и личен филм. Приказната се базира врз идеја на која Морита работел повеќе од 10 години, а која е поврзана со неговиот интерес за возовите и раскажана преку неговиот уникатен комичен стил.
27 НОЕМВРИ (СРЕДА) 20:00 ч.
НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ
УШТЕ НЕ СОСЕМА МРТОВ
(Not quite dead yet/Ichido shinde mita)
Игран филм, Јапонија
2020, 93 мин., колор, ДЦП
Режисер: Шинџи Хамасаки (Shinji Hamasaki)
Сценарио: Јошимицу Савамото (Yoshimitsu Sawamoto)
Улоги: Сузу Хирозе, Рујо Јошизава, Лили Френки (Suzu Hirose, Ryô Yoshizawa, Lily Franky)
УШТЕ НЕ СОСЕМА МРТОВ е комедија во режија на Шинџи Хамасаки. Приказната се врти околу една бунтовна и гневна студентка, Нанасе Нобата, која живее со својот татко, Хакару, претседател на фармацевтската компанија „Нобата“. Таа е огорчена поради неговото постојано негодување за нејзиниот живот и неговата опседнатост со работата, поради што не успева да биде на смртната постела на нејзината мајка.
Тимот од научници на Хакару случајно открива лек, кој предизвикува привремена смрт од два дена. Хакару го земa лекот во обид да разоткрие корпоративен шпион поставен во неговата компанија. Нанасе избезумено се обидува да го спаси татка си од заговорот на ривалската компанија порано да го кремираат неговото тело пред да помине дејството на дрогата.
28 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00 ч.
НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ
БРАЌАТА МАМИЈА
(Mamiya Kyoudai/The Mamiya Brothers)
Игран филм, Јапонија
2006, 119 мин., колор, ДЦП
Режисер: Јошимицу Морита (Yoshimitsu Morita)
Сценарио: Јошимицу Морита (Yoshimitsu Morita)
Улоги: Кураносуке Саски, Муга Цукаџи, Такако Токива, Ерика Саваџири, Кеико Китагава, Мијуки Накаџима (Kuranosuke Sasaki, Muga Tsukaji, Takako Tokiwa, Erika Sawajiri, Keiko Kitagawa, Miyuki Nakajima)
Браќата Мамија живеат заедно повеќе од 30 години. Постариот брат Акинобу (35) работи во пиварница. Помладиот брат Тецунобу (32) работи како чувар во основно училиште. Без разлика дали се работи за гледање на нивниот омилен бејзбол тим пред телевизорот или за решавање на крстозбори, тие уживаат да се заедно. Но, кога станува збор за љубовта, и двајцата се тотално „неискусни“. Тие решаваат да преземат нешто во врска со тоа и канат две девојки во својот стан на забава со карти: Јорико, наставничка во основното училиште и Наоми, вработена во видеотеката која браќата секојдневно ја посетуваат.
Но, за браќата Мамија светот исполнет со сериозност и страв е друг свет. Тие сакаат да имаат девојки, само без да го жртвуваат времето поминато со својот брат. Секој ден е толку прекрасен. Зошто би се впуштиле во некаква комплицирана врска?
Браќата Мамија е комедија базирана врз истоимениот роман на познатиот јапонски писател Каори Екуни. Филмот е во режија на Јошимицу Морита, еден од најуспешните и најпочитувани јапонски режисери со препознатлив комичен талент, кој бил активен и како продуцент, сценарист, есеист и актер познат по филмовите СЕМЕЈНАТА ИГРА (1983), И ПОТОА( 1985), ИЗГУБЕНИОТ РАЈ (1997).
29 НОЕМВРИ (ПЕТОК) 20:00 ч.
НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ
СТО ЛАГИ
(We make antiques!)
Игран филм, Јапонија
2018, 110 мин., колор, ДЦП
Режисер: Масахари Таке (Masaharu Take)
Сценарио: Шин Адачи, Масако Имаи (Shin Adachi, Masako Imai)
Улоги: Киичи Накаи, Кураносуке Сасаки (Kiichi Nakai, Kuranosuke Sasaki)
Филмот ни раскажува за еден изветреан трговец со антиквитети, Норио, кој наоѓа вредна шолја за чај од најпознатиот јапонски мајстор за чај Сен но Рикју од 16 век, кога пребарува во складиште на богато семејство. Норио го измамува сопственикот на куќата Сасуке и успева да ја добие шолјата речиси за ништо. Но излегува дека Сасуке е измамник и шолјата за чај ја направил самиот. Потоа Норио дознава дека Сасуке порано бил надежен грнчар, но бил спречен од автентикаторот на антиквитети. И Норио има болни искуства со истиот автентикатор, па двајцата решаваат да направат измама со која ќе му се одмаздат на автентикаторот. Но оваа измама, која ги вклучува и нивните сопруги и деца, ќе тргне по сосема неочекуван пат.
СТО ЛАГИ e комедија во режија на Масахару Таке, современ јапонски режисер, ценет од критиката, кој во исто време е еден од најгледаните современи јапонски режисери. Неговиот филм ЉУБОВ ОД 100 ЈЕНИ (2014) беше јапонски кандидат за Оскар за најдобар интернационален филм. СТО ЛАГИ е првиот дел од неверојатно успешната трилогија режирана од Таке, која ги следи авантурите на шармантните Норио и Сасуке.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

