Македонија
„Нови 10 милиони евра за скапа струја, Мицкоски увезува, граѓаните плаќаат“, велат од СДСМ
„СДСМ ја осудува неспособноста на владата предводена од Христијан Мицкоски да обезбеди стабилен и одржлив енергетски систем. Наместо да се вложува во зголемување на домашното производство на електрична енергија, власта повторно увезува скапа струја. Само за овој месец, граѓаните ќе платат дополнителни 10 милиони евра, а за последните три месеци вкупната сума за увоз надмина 20 милиони евра“, велат од СДСМ.
„Ваквиот трошок директно го плаќаат граѓаните, кои веќе страдаат од високите сметки за електрична енергија. Ова е директен резултат на неспособноста на власта да управува со нашите најголеми енергетски капацитети.
РЕК Битола, најголемиот домашен енергетски капацитет, долг период не работеше, а сега функционира само делумно, бидејќи ремонтот кој требаше да биде завршен одамна сè уште трае. Дополнително, хидропотенцијалите, кои би требало да обезбедат значителна количина енергија, работат само со 13% од својата акумулирана енергија, што е далеку под просечниот капацитет.
Оваа влада е неспособна да ги реши енергетските проблеми и на граѓаните им остава само долгови и скапи сметки. Наместо одговорна енергетска политика и инвестиции во обновливи извори и зголемување на домашното производство, добиваме хаос, скапа струја и хронична негрижа.
СДСМ повикува на одговорност од владата предводена од Мицкоски. Граѓаните не смеат да бидат тие што ќе го плаќаат цената за неспособноста на оваа власт. Потребна е итна реорганизација и инвестиции во домашното производство на електрична енергија. Граѓаните заслужуваат стабилен и ефикасен енергетски систем, а не хаос и долгови“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.
Македонија
Во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали
Министерот за здравство, Азир Алиу, беше во обиколка на Клиника за ТОАРИЛУЦ и информира дека е во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали во хируршкиот оперативен блок
„Комплетното реновирање на КАРИЛ е во завршна фаза и во најскоро време очекуваме овој простор да биде пуштен во употреба за пациентите. Се финализира и реновирањето на хируршкиот оперативен блок, каде се опфатени четири операциони сали во прва фаза. Во втора фаза е предвидена и нова операциона сала во рамки на Ургентниот центар, со што оваа Клиника ќе добие уште една сала за помали интервенции“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу по денешната обиколка на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.
На средбата со директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски беа разгледани можностите за набавка на нова најсовремена медицинска опрема наменета за КАРИЛ и за оперативниот блок, во насока на унапредување на условите за третман на пациентите.

