Македонија
„Жени лидери: Министерството за енергетика и WOBA во заедничка мисија“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и WOBA (Women on Boards Adria) потпишаа Меморандум за соработка, со кој се потврдува посветеноста за јакнење на улогата на жените во раководните позиции и создавање инклузивно општество.
И покрај тоа што жените сочинуваат половина од населението во Македонија, нивното учество на лидерски позиции останува предизвик. Овој Меморандум е важен чекор кон подобрување на родовата рамнотежа и унапредување на можностите за жените.
Министерката Сања Божиновска е именувана за амбасадор на WOBA за Македонија. Оваа позиција ја одразува нејзината посветеност на промоцијата на родовата еднаквост и јакнењето на улогата на жените во раководните позиции.
„Како Министерство, сме целосно посветени на создавање услови каде што жените ќе имаат еднакви можности за успех, создавање на општество каде жените се признаени и вреднувани за нивните способности и придонеси. Потпишувањето на Меморандумот со WOBA не е само формален чин, туку и израз на мојата лична заложба за жените во нашето општество. Да ја поддржиме секоја жена која се стреми кон лидерство, која ги урива бариерите и ја создава иднината“, истакна Божиновска.

WOBA, како регионална иницијатива, е активна во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ги Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Македонија, Србија и Словенија. Организацијата е посветена на рушење на бариерите за жените и постигнување на европските стандарди, како што е Директивата на ЕУ за жени во управни тела.
Билјана Брејтвејт (Biljana Braithwaite), Претседателка на WOBA, истакна дека партнерството на WOBA со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини претставува голем чекор напред за регионот и за Северна Македонија. Вклучувањето на министерката Божиновска е од клучно значење – нејзиното лидерство и ангажман на владино ниво може да предизвикаат вистински позитивни промени.
„Преку поставување на амбициозни цели и креација на соодветни практики во рамки на политиката кои ќе ја направат родовата еднаквост реалност, особено во енергетскиот сектор. Енергетиката е еден од најважните сектори за одржлив развој и време е жените да имаат многу поголема вклученост во оваа сфера. Овозможувајќи им на жените да водат и да придонесуваат на секое ниво, не само што отвораме можности за нови иновации, туку и создаваме сектор кој е поотпорен, поинклузивен и поподготвен да се справи со предизвиците на денешницата“, изјави Брејтвејт.

„Women on Boards Adria во својата суштина се залага за промовирање на поголема родова разновидност и инклузивност низ регионот на Адриа, усогласување на регионалните родови политики со стандардите на ЕУ и обезбедување можности за жените да водат и да се истакнат во секоја област. Заедно со министерката Божиновска и нејзиниот тим, ќе работиме на тоа да овозможиме жените да не бидат само учеснички, туку лидери и пример за следните генерации,“ изјави Тања Михајловска Димитриевска, главна амбасадорка на WOBA за Северна Македонија.
Со заеднички напори, Министерството и WOBA ќе спроведуваат проекти што ќе донесат позитивни промени за жените во Македонија и регионот. Заедно, создаваме општество каде жените ќе можат да го достигнат својот потенцијал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

