Македонија
Меџити: ДУИ е без визија, во Македонија нема закон за албанскиот јазик како што кажа и Курти
Прмиерот на Косово кажа дека во Македонија нема закон за албанскиот јазик, има Закон за јазиците. И јас го тврдам тоа, рече првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити одговарајќи на новинарско прашања во врска со реакцијата на ДУИ за изјавата на косовскиот премиер Албин Курти.
„За да сфатите како реагираат ДУИ на овие работи – министрите од ДУИ дале писмено мислење дека балансерот не е соодветен механизам и кога уставните судии избрани од нивното мнозинство го укинаа балансерот тие излегуваат и протестираат зошто се укинува. Луѓето се во паника, немаат визија да се сносат со реалноста дека се опозиција“, рече Меџити.
Вчера, првиот човек на ДУИ, Али Ахмети и партискиот потпретседател, Бујар Османи, реагираа на изјавата на косовскиот премиер, Албин Курти, кој во Приштина изјави дека албанскиот јазик не е загрозен во Македонија, спротивно на тврдењата на Интегративците. Османи ја нарече скандалозна изјавата на Курти, но и штетна и охрабрувачка за сите оние кои сакаат да го поништат Охридскиот договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Детски парламент во Собранието
Ученици од 15 основни училишта од повеќе градови во земјава денеска повторно се најдоа во улога на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, во рамки на проектот „Детски парламент“, а по повод 20 Ноември – Светскиот ден на детето.
Обраќајќи им се на децата кои годинава беа дел од Детскиот парламент, генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, истакна дека најмладите секогаш шират посебна енергија и дека законодавниот дом е секогаш отворен за активности посветени на учениците.
„Детскиот парламент не е само симулација на возрасните политички структури. Тој е вистинска можност за вас, младите луѓе, да се вклучите во процесот на дискусија, дебата и одлучување. Тој ви дава платформа да ги изразите вашите мислења и да учествувате во создавањето позитивни промени во вашата заедница и пошироко“, рече Димовска.
Не заборавајте дека вашите идеи се важни, рече Димовска, посочувајќи дека детскиот глас може да донесе промени, да инспирира нови политики или да започне нови процеси.
„Вие сте иднината на нашето општество, а учењето и практикувањето демократија од млада возраст е клуч за развојот на една силна и одговорна заедница. Се надевам дека ќе излезете од тука со нови идеи, нови пријателства и ново разбирање за тоа како сите ние, без разлика на возраста, можеме да го направиме светот подобро место за живеење“, рече Димовска.
Како што потсети генералната секретарка на Собранието, Генералното собрание на Обединетите нации во 1954 година го прогласи 20 Ноември за Светски ден на детето, кој има за цел да обезбеди благосостојба на децата низ светот и да ги потсети возрасните дека децата, како рамноправни членови на секое општество, имаат свои права и истите треба да се почитуваат.
На 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето, а во 1989 година беше усвоена и Конвенцијата за правата на детето, што нашата држава ја ратификуваше во 1993 година.
Најмладите кои се вклучија во годинешниот Детски парламент изработија креативни паноа, со пораки до пратениците, цртежи и стихови. Тие исто така се најдоа во улога на пратеници, дискутирајќи на тема „Замена на класичните со електронски учебници“.
Учениците имаа можност и за средба со пратеници и за организирана обиколка на Собранието.
Македонија
Муцунски на состанок во Тирана: Одложувањето може сериозно да го наруши кредибилитетот на ЕУ во регионот
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ) во Тирана, кој се одржа во рамките на албанското претседавање со иницијативата.
Фокусот на состанокот беше ставен на проширувањето на Европската Унија во светло на новите геополитички околности и руската агресија врз Украина, чии последици се рефлектираат како на регионалната, така и на глобалната безбедност и стабилност. Министрите ја потврдија улогата на ЦЕИ како важна платформа за ефективно решавање на регионалните предизвици и зајакнување на соработката во областите од заемен интерес.
Во своето обраќање, министерот Муцунски нагласи дека регионалната соработка е клучен модел за поттикнување на процесот на европска интеграција, кој е од суштинско значење за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој истакна дека одложувањето на процесот на проширување може сериозно да го наруши кредибилитетот на Европската Унија во регионот.
„Стравот од уште еден потенцијално долг и непредвидлив процес само дополнително ја зголемува фрустрацијата кај нашите граѓани. Со многу непознати околу обемот и времето на претстојните пристапувања, секое понатамошно одложување би имало катастрофално влијание врз кредибилитетот на ЕУ во регионот,“ потенцираше министерот Муцунски.
Министерот се осврна и на улогата на ЦЕИ, важноста на регионалната соработка, силното партнерство во рамките на НАТО Алијансата и поддршката за Украина.
„Целосно сме посветени на интензивирање на соработката, не само на меѓувладино и парламентарно ниво, туку и помеѓу нашите невладини организации, младите, научните институции, деловните заедници и локалните власти,“ додаде министерот, акцентирајќи ја потребата од заеднички напори за натамошно зајакнување на соработката во рамките на ЦЕИ.
Македонија
Стигна германската донација за зголемување на капацитетите на интервентната полиција
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес во полицискиот центар во Ѓорче Петров оствари работен состанок со германскиот амбасадор, Н.Е. Петра Дрекслер и претставник на германската интервентна полиција каде беше предадена донација за потребите на интервентната полиција.
Министерот Тошковски истакна дека вкупната донација која се состои од 120 сетови „анти траума“ за одржување на јавен ред и мир во прва фаза и поддршка за специјализирани возила за ЈРМ, дополнителна опрема и обуки во втора фаза значително ќе го зајакнат капацитетот на оперативното функционирање на оваа единица и ќе придонесе кон зголемување на безбедноста на жителите на главниот град.
На средбата беше разгледан и планот за обуки за следната година кои оваа единица ги изведува со поддршка на германската амбасада со цел зголемување на својот оперативен капацитет.
Министерот Тошковски на крај уште една изрази голема благодарност и силна подготвеност за понатамошна соработка, поддршка и продлабочување на заедничките односи со цел надградување на капацитетите на министерството за внатрешни работи.