Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го одби амандманот за зголемување на платите на пожарникарите
СДСМ поднесе амандман за зголемување на основната плата на пожарникарите, која треба да изнесува минимум две просечни плати. Овој амандман е во прилог на предлог законот за пожарникарство којшто е изработен во време на претходната влада, но сè уште седи заглавен во ресорното министерство, рече пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на комисијата за финансирање на буџет.
– Согласно со постојниот систем, пожарникарите се под надлежност на општините кои се 90 посто под капата на ДПМНЕ и затоа незадоволството постојано се зголемува. Но, да не правиме политикантство, СДСМ подава рака ова прашање да го решиме системски и заеднички, бидејќи тоа е целта на амандманот. Оваа целна група на професионалци го заслужуваат зголемувањето на платите, рече Лукаревска.
Таа потенцираше дека противпожарните единици во Македонија се финансираат преку државниот буџет како и преку буџетите на локалните самоуправи, а состојбата на пожарникарите е комплексна и полна со предизвици во однос на нивната опрема, обуката, финансиските ресурси.
– Овие луѓе секојдневно го ризикуваат својот живот за да ги заштитат нашите домови, животната средина и не смееме да дозволиме да се оставени на маргините“, рече Лукаревска.
По поднесувањето на овој амандман, за жал, заменик министерот за финансии и пратениците на власта го одбија амандманот за зголемување на платите на пожарникарите и со тоа ДПМНЕ го покажаа уште еднаш своето лицемерие и негрижа за граѓаните, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Земјите на Коридор 10, Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Австрија ќе потпишеме Договор за брза пруга
Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Австрија ќе потпишеме Договор за брза пруга на Коридор 10 со кои се обврзуваме да воспоставиме брз транспорт, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски по средбите во Брисел со претставници од ЕУ и министрите за транспорт од регионот на Министерскиот совет. Тој најави дека на иницијатива на Австрија ќе се потпише и Договор за доизградба на Коридор 8.
“ Она што очекував дека ќе се случи се случува, а тоа е дека ќе потпишеме заедничка декларација Грција, Македонија, Србија, Унгарија и Австрија за изградба на железнички коридор 10, нешто што беше подготвено од минатата година, но за жал заради несреќата во Нови Сад тоа беше одложено. Тоа е многу значајно за нас бидејќи нема поента да потрошиме над 2 милијарди евра, а другите држави да не градат. Ќе се обврзе Грција да го заврши делот од над Солун до Гевгелија. До јануари ќе ја завршат сигнализацијата до Гевгелија, ќе има најмодерна сигнализација и после тоа ќе почнат да работат на двоколосечна пруга, што значи дека едноколосечната пруга веќе до јануари ќе биде со брзина до 120 км на час за карго што значи дека возовите многу побрзо ќе одат до солунското и атинското пристаништа. Понатаму ќе треба да ја работат и втората линија која треба да биде патничка и ќе се поклопи со горе/долу 2030 година период кога и ние ќе ги завршиме двете линии, додека првата карго линија ќе биде готова 2028 година.
Понатаму, Србија треба да го изгради делот што недостасува од граница до Ниш, Белград – Будмипешта е готова и ја ставаат во функција, а Будимпешта -Виена постои како брза пруга, што е една одлична вест за Коридор 10. Исто така на иницијатива на Австија ќе потпишеме и Договор за Коридор 8, за да Албанија се обврзе да гради затоа што нема поента ние да трошиме средства, Бугарија да троши, а Албанија да не го прави истото, бидејќи треба да се поврземе од Драч до Црното море” – истакна Николоски.
Тој додаде дека визијата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија да стане центар на Балканот, во овие година и половина почнува да дава резултати и како факти ги истакна овие меѓународни средби и средства што се одвојуваат за крупните капитални проекти.
Македонија
Царина: Запленети цигари, лекови и верски предмети
Во текот на минатата недела, царински службеници открија неколку обиди за криумчарење разна стока.
27 штеки цигари со македонски акцизни маркички од марките Marlboro и Rothmans, откриени се на Меѓународниот аеродром Скопје при контрола на куфер на патничка која имала намера да отпатува со лет за Лондон.
Употребуван мотор за возило MITSSUBISHI PAJERO 1994 е пронајден во багажникот на автомобил при влез во државата на граничниот премин Ново Село.
На граничниот премин Св.Наум на влез во државата запленети се 75 пакетчиња и 123 ленти различни видови лекови (Amaryl 2 mg, Anafranil 25 mg, Procto Synalar-N 15 g, Androcur 50 mg, Pilokarpine, Arava 20 mg и други) за чиј увоз е потребна дозвола од Агенција за лекови и медицински средства. Лековите се пронајдени во една ќеса и една торба сместени под предните седишта на автомобил. Вредноста на привремено задржаните лекови изнесува 83.180 денари, додека вредноста на избегнатите давачки изнесува 8.526 денари.
58 пакувања со ветеринарни лекови (Limoxin, Pentstrep, Alben Care, Macotyl 300, Agalaxipra, Exiptol, Genta 100и други) за кои е потребна дозвола за увоз, се откриени во патните торби на двајца патници при контрола на автомобил кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Стење.
5.600 евра се пронајдени при личен претрес на патник кој се пријавил за излез од државата на граничниот премин Делчево. Возачот пријавил дека со себе носи 2.000 евра, но во внатрешен џеб од неговата јакна биле пронајдени 7.600 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи му биле вратени 2.000 евра, а 5.600 евра се привремено задржани.
На влез во државата на граничниот премин Богородица во просторот за резервна гума на автомобил пронајдени се 31 штеки цигари PS без акцизни маркички. Вредноста на непријавените цигари изнесува 27.900 денари, додека вредноста на избегнатите давачки изнесува 55.890 денари.
Во багажник и помеѓу седиштата на патничко комбе кое се пријавило за влез во државава на граничниот премин Ново Село, пронајдени се 5 делови за автомобили (браници, крила и менувач) и 1 детски мопед на бензин.
10 ќилими ICON-120*170 см, 1 правосмукалка со чистач на пареа KIWI и 600 метри пластични лајсни се пронајдени при контрола на стока со потекло од Турција. Стоката била пријавена за увозно царинење во Царинска испостава Гевгелија и наменета за увозник од Гостивар, но не била опфатена во царинските документи.
842 разни верски предмети, 50 креми за лице и 84 килограми мед се пронајдени во 16 кутии и една ќеса сместени во товарниот дел на камион кој се пријавил за влез во државава на граничниот премин Дојран. Вредноста на производите, кои не биле опфатени со царинските документи изнесува 899.460 денари, а избегнатите давачки се во износ од 327.067 денари.
Македонија
Шалтерите на скопски „Водовод“нема да работат за време на празникот
ЈП Водовод и канализација – Скопје ги известува граѓаните на град Скопје дека на ден 08.12.2025 година (понеделник), по повод државниот празник – Денот на Св. Климент Охридски, шалтерите за наплата, шалтерите за рекламации и операторите во Дирекцијата на претпријатието нема да работат.
На 09.12.2025 година (вторник) се продолжува со редовно работно време.

