Македонија
Петрушевски: Поради бизнис интересот на претходната власт, граѓаните плаќаат поскапа струја, ЕСМ работи на намалување

Криминалното и недомаќинско работење на Сoцијалдемократскиот сојуз на Македонија и ДУИ во енергетскиот сектор и во управувањето со ЕСМ резултираше со поскапа струја за граѓаните 7 години по ред, и е причина за финансиските проблеми на претпријатието до денес, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Ако во 2017 година кога ЕСМ го раководеше премиерот Христијан Мицкоски просечната производствена цена на 1 мегават час струја во РЕК Битола беше 33 евра, сега истата е 133 евра за мегават час. Зошто е тоа така? Ако ја погледнеме статистиката ќе видиме дека во времето кога премиерот Мицкоски управувал со ЕСМ производствената цена на струјата била пониска за над 25% од таа пред тоа. А што се случува потоа? Цената од година во година расте за во 2023 година да достигне 103 евра за мегават час, а во 2024 година 133 евра за мегават час“, рече Петрушевски.
Како што додаде, растот на цената е причинет од не копањето на сопствен јаглен, и скапиот увозен јаглен. Цената на произведен мегават час струја може да се намали и веќе раководството на ЕСМ работи на тоа, додаде Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.