Македонија
Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, учествуваше на панел-дискусија по повод почетокот на 16 дена активизам против родово базирано насилство во организација на агенциите на ООН во земјата со слоганот: „Нема оправдување: Преземете акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата!“
Почетокот на кампањата се одбележа со отворена дискусија за значењето на заедничкото дејствување против родово базираното насилство, проследено со проекции на кратки видеа, како и моќната уметничка изложба „Лузни на издржливост, гласови на надеж“ од Мартина Спасовска во Музејот на град Скопје.
Во своето излагање пред присутните Лимани се осврна на клучните чекори потребни за да се подобри одговорот на насилството врз жените и семејното насилство со фокус на меѓуинституционалната соработка. Притоа нагласи дека насилството се случува во сите делови на општеството, во секоја култура и социјална група и претставува злоупотреба на моќта, кој има разорувачки, физички, емоционален, финансиски и социјален ефект на жените и девојчињата. Како и дека, за жал, сè уште многу жени и девојчиња страдаат во сенка не знаејќи за своите права и помошта што може да ја добијат од страна на релевантните институции и организации.
„Една мудрост вели – во стварноста, реалноста е поинаква! Оваа мисла ми дојде на ум следејќи ги последните бројки за насилството врз жените и семејното насилство, кои ја отсликуваат 2024 година (јануари – септември), приближно вака: новоевидентирани случаи: 1.439 жртви, од нив жени 1.040, мажи 227 и деца 172! Ако на ова ја додадеме и темната непријавена бројка на жени што трпат насилство, си даваме право постојано да говориме дека нема оправдување: да преземеме акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата!“, порача Лимани.

Тој посочи дека институциите во согласност со националната легислатива имаат мандат за преземање на предвидените мерки и механизми на заштита со поединечни овластувања, кои се точно определени, како и обврските и одговорноста за постапување. Тој упати на важноста од постапувањето со должно внимание за интересите и потребите на жртвата од страна на институциите при преземањето мерки за превенција и заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство.
„Еден од најсериозните проблеми е непријавувањето на насилството од страна на жртвите, што е најчесто резултат од недовербата во институциите, односно од недоволната сензибилност на службените лица од разни сектори, кои постапуваат во случаите на насилство врз жени и семејно насилство“, рече Лимани.
На прашањето до каде сме како држава во оваа област по 30 години од усвојувањето на Пекиншката декларација за акција, Лимани се осврна на сите стратешки документи што нашата држава ги има усвоено, како Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (2017 год.), Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство (2021 год.), измени и дополнувања на Кривичниот закон, протокол за меѓусебна соработка на надлежни субјекти за преземање мерки за превенција, спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, програма за реинтеграција на жртви на насилство. Тој посочи дека во следниот период Министерството ќе се фокусира на изготвување осумгодишна национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, со акциски план за спроведување на предвидените мерки и активности од стратегијата.
„Приоритет на Министерството за социјална политика, демографија и млади и Владата на Република Северна Македонија е да имаме ефикасна постапка за заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство, нивна реинтеграција во системот, како и да обезбедиме превенција во насока на намалување на насилството“, порача Лимани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата на Мицкоски да најде пари за 600 евра минимална плата за работниците, бара СДСМ
„Не може да има пари за криминални тендери, а да нема за работниците. Наместо изговори за да не ги покачи платите, Владата на Мицкоски да обезбеди пари за зголемување на минималната плата за 600 евра“, велат од СДСМ.
„Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа. Последиците веќе се гледаат. Квалификувани работници од Македонија на големо заминуваат во странство, младите се иселуваат, а кај нас се увезуваат „економски работници“.
За време на владеењето СДСМ парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
Имајќи ја предвид сè потешката економска положба на работниците и барањата на Сојузот на синдикатите, СДСМ подготви нови законски решенија за: зголемување на минималната плата на 600 евра и замрзнување на платите на функционерите.
Еве законско решение на маса, сега ќе се види кои партии ќе бидат на страната на работниците, а кои ќе останат на страна на тендерите“, соопшти СДСМ.
Македонија
ЛДП: Европските либерали ја поддржуваат Македонија, ја поддржуваат демократијата и ја поддржуваат Либерално-демократската партија
Групата на либерали и демократи од Европа (АЛДЕ) во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур јасно и недвосмислено говореа и ја поддржаа одлуката за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Северна Македонија, оценувајќи дека земјата направила значителен демократски и институционален напредок, извести ЛДП.
„Ја поздравуваме одлуката за затворање на пост-мониторингот за Северна Македонија, тоа е резултат на долгорочни реформи и јасна европска ориентација, при што либералната политика и ЛДП имаат значајна улога во тој процес”, истакнаа од АЛДЕ.
„Оваа одлука претставува силно европско признание за патот по кој треба да се движи државата и јасен сигнал дека проевропските и либерални политики се исправниот избор за иднината на Северна Македонија.
Во своето обраќање, европските либерали нагласија дека Северна Македонија денес функционира како демократија во која, во најголем дел, се почитуваат основните човекови права и слободи, а соработката со Советот на Европа е стабилна и конструктивна.
Пратениците од АЛДЕ посебно истакнаа дека затворањето на пост-мониторингот не значи затворање на надзорот, туку почеток на нова фаза на демократска зрелост, отчетност и одговорност, во која владеењето на правото, независното судство и борбата против корупцијата остануваат клучни приоритети.
Во овој контекст, европските либерали уште еднаш ја потврдија својата долгогодишна и принципиелна поддршка за Либерално-демократската партија (ЛДП) и за либералните вредности во Северна Македонија, кои континуирано претставуваат двигател на европските реформи, заштитата на човековите права и развојот на отворено и демократско општество.
Либералите во Европа потенцираа дека ЛДП останува нивен кредибилен партнер во Македонија и важен носител на либералната визија за слободно општество, силни институции, еднаквост и почитување на човечкото достоинство.
Посебно внимание беше посветено на заштитата на правата на малцинствата, вклучително и правата на маргинализираните групи, како и на обврската за целосна примена на пресудите на Европскиот суд за човекови права, при што беше нагласено дека овие прашања се суштински дел од европската интеграција“, се наведува во соопштението на ЛДП.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.

