Култура
МСУ првпат ќе изложи дела од колекцијата ставени во релација со дела на современи уметници
Утревечер, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена долгонајавуваната изложбата „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“, во која се вклучени речиси сите куратори на музејот: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Софиа Григориаду, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Нада Прља.
Вистински куриозитет е репрезентативниот избор на дела од уметничката колекција на МСУ – Скопје, некои од нив ретко или воопшто изложувани.
„Ќе бидат изложени дела на уметници со потекло од она што се подразбирало како периферии на светот или светот разбиран како европоцентрична „геополитика на знаење“, ставени во релација со дела на неколку меѓународни современи уметници, во обид за лоцирање на поинакви приказни и наративи, честопати исклучени од доминантите наративи, но се со голема еманципаторска моќ“, велат кураторите.

Според стручниот тим, кој ја подготвуваше поставката, генерална идеја за изложбата е преку контекстуален и критички пристап кон делата од колекцијата да се преиспитаат историски и критички теми, како што се колонијалната историја и неоколонијализмот, феминизмот, хегемониската експлоатација, хибридноста на културните формации и трансформации и соодветните отпори и борби, како и сложените реалности на земји (и групи) што се конципирани како „периферни“.
Прекршеното време, одговарајќи на задачата на наследството, отвора простор за уметнички дела, приказни и сеништа, кои не биле подеднакво изложени, замислувајќи ги можните идни читања на збирката на МСУ – Скопје, кои се неизбежно прогонувани од минатото.
Современи уметници, чии дела ќе бидат изложени се: Ала Јунис (Кувајт/Јордан), Инас Халаби (Палестина/ Холандија), Сиовија Кјамби (Кенија/ Германија), Карла Закањини (Аргентина/ Шведска) и Ивана Сиџимовска (Северна Македонија/ Германија).

Некои од уметниците кои се дел од оваа изложба, а се дел од колекцијата на МСУ – Скопје се светски познатите Мариа Бономи, Роберто Мата, Аида Карбаљо, Феликс Белтран, но изложени се и дела на уметниците Ремо Бианседи, Роберто Варкарсел, Самсон Флексор, Фајга Островер, Анезиа Пашеко е Шавес, Герти Сахуе, Питер Кларк, Макс Арукипа Чамби, Мариа Аусилијадора Силва и други.
Изложбата ја градат дела од збирката на МСУ кои потекнуваат од Глобалниот југ – сфатена како хетерогена и детериторијализирана категорија – или оние кои не учествуваат во глобалниот пазар со хегемонистичка позиција и се архивирани под национален предзнак и потекнуваат од Аргентина, Бангладеш, Боливија, Бразил, Венецуела, Египет, Ирак, Иран, Јужна Африка, Казахстан, Куба, Кувајт, Мароко, Мексико, Узбекистан, Уругвај, Чиле и од други земји, каде што живеле уметници од овие земји.
Овие дела, од една страна се ставени во релација со дела од земјите од поранешна Југославија (С. Македонија, Косово, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора) како наследници на политиката и движењето на неврзаните и нејзиното наследство, посебно активна на културен план, и од друга страна со дела од современи уметници, кои на критички начин ги преиспитуваат локалните и глобални хегемонии.
Избраните дела на поканетите современи уметнички (Закањини, Јунис, Кјамби, Сиџимовска и Халаби) во оваа изложба не се доживуваат како изолирани дела, туку нудат можност за постојани дијалози меѓу нив и со изложените дела од колекцијата на МСУ-Скопје.
Постколонијалноста, политичките дејствувања и уметнички форми на отпор, женски тела и женски гледишта и производство, уништувањето на животната средина и колонијалната екстракција, опседнатите колонијални и модерни наративи, модернистичката мисла и архитектура, форми на солидарност и деконструкции на националното, се некои од темите со кои уметниците се занимаваат, но не исклучиво, бидејќи повеќе од една од овие теми може да се следат во секое дело.
Преку доведувањето на делата од колекцијата во релационалност со дела од современи уметници се отвора потенцијален фрејминг за контекстуални и критички приказни за постколонијалната солидарност, трансформативна еманципација и соработка и обид за воспоставување на друг репрезентативен антихегемониски идентитет на музејот.
Графичкиот дизајн и уметничката интервенција се на Илиана Петрушевска, изложбениот дизајн е на архитектите Јован Ивановски и Ана Ивановска. Конзерватори вклучени во изложбата се Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска, а соработник на концепт е Тихомир Топузовски.
Изложбата е дел од одбележувањето на 60 години од основањето на Музејот на современата уметност – Скопје и ќе биде отворена до 30 март 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книга за деца и претстава „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова
Оваа сабота (7 февруари), во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ на „Арс Ламина“, во книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“ со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова. Илустрациите се дело на Рената Јосифовска.
Книгата е инспирирана од животот и творештвото на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, инспирирани и од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски.
Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, во форма на краток дијалог со авторката. По промоцијата, ќе се одржи мини-претстава за деца, во која ќе учествуваат авторката и диригентката Дијана Имери Илкоска, задолжена за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано.
„Златната книга на Лудви“, како и сите книги од серијалот, не го обработува животот на композиторите, туку создава нови бајки за деца. Главниот лик, малиот Лудви, е дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.
Издавач на книгата и на целиот сет „Музичка кутија“ е „Либи“ (дел од „Арс Ламина публикации“).
Култура
Јубилеен концерт на Љубојна за 25 години постоење
Љубојна, една од најавтентичните македонски музички групи, оваа година прославува 25 години постоење и ја започнува 2026-та со ново големо целовечерно концертно издание во Скопје за одбележување на четврт век творештво во својот препознатлив манир кој ја позиционира групата во еден од водечките музички брендови на Македонија.
Јубилејниот концерт на Љубојна ќе се одржи на 29 март со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Филхармонија.
Љубојна или „љубов“ и „бој“, еден од најпрепознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, автентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер-саунд од една подзаборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Групата твори музика, со сета нејзина страст, ентузијазам и жестина која е изговорена како универзален музички јазик, според космополитски код кој што го носи во себе.
Својата музика Љубојна ја свири страсно, со енергија на рок бенд и тоа во сите нејзини форми: нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма. Ја соопштува преку фантастичната вокална експресија на Вера Милошевска која заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент) веќе 25 години се бренд на бендот и синоним за Љубојна. Експериментирајќи и истражувајќи, Љубојна постојано ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
Музиката на Љубојна е спој на сите експресивни и елегични чувства и звуци на радост, тага, еуфорија, интензивност, чилаут, поп, страст, фанк, соул, фолк, ориентал, стомачен танц, џез, ортодокс-гламур…
„На 29 март, во Филхармонија македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика на Љубојна, во нивниот препознатлив автентичен израз, богат со емоции, магичен сценски набој и специјални гости кои наскоро ќе бидат објавени. Влезниците за концертот се достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс“, велат од Пасворд продукција.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.

