Забава
Преработката на „Има една земја“ ќе биде отпеана на концертот „Македонијо, во срце те носиме“ на 7 декември во Филхармонијата

„Има една земја сонце што ја грее, оди таму, в’ срце земи ја, слушни вечна песна таму што се пее: Нека живеј Македонија“!…, дел од стиховите на една од трите најавени нови преработки со наслов „Има една земја“, а која ќе биде отпеана на концертот „Македонијо, во срце те носиме“, закажан на 7 декември во Филхармонијата.
Песната е со потписот на Григор Копров, а е отпеана во далечната 1986 година од страна на легендарниот Гоце Николовски и се нашла на албумот што го носел неговото име. Песната носи моќни стихови, а во себе крие и интересна приказна за тоа како станала дел од опусот на Николовски, кој во тоа време живеел во Ниш, пеел шлагери и бил дел од една од легендарните нишки групи, познатите „Далтони“. Набргу влегол во етноводите и светот на народната музика, а токму со Копров работел на споменатиот албум, кој бил издаден за РТВ Словенија. Всушност, тоа бил неговиот прв фолк-албум.
„Кога го побаравме Копров, беше изненаден што некој воопшто се сетил на оваа композиција,која одлично се вклопува во целата наша приказна што ја раскажуваме во изминатите две години. На сцената на Филхармонијата сега ќе биде отпеана во дует, и тоа од Сузана Спасовска и Александар Тарабунов“, велат од „Скендеровски продукција“, инаку задолжени за целата ова убава приказна, која се раскажа во сите поголеми градови во земјата.
Освен „Има една земја“, веќе добро познатите 12 нумери, кои публиката имаше можност да ги чуе, на сцената ќе ја чуеме и „Молитва“ на авторот Миле Барбаровски, а што ќе ја отпее Бојана Скендеровски. За преработките, но и оркестрациите, ќе се погрижи маестро Николче Мицевски, а симфонискиот оркестар ќе музицира под диригентската палка на Сашо Татарчевски.
Низ целиот музичко-драмски перформанс, пак, публиката ќе ја води актерот Дејан Лилиќ.
7 декември, со почеток од 20 часот, бидете во Филхармонијата, бидете дел од завршниот концерт во рамките на приказната „Македонијо, во срце те носиме“ за уште еднаш да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да се потсетиме на аманетот што ни го оставиле генерациите пред нас, велат од продукцијата.
Сите заедно да уживаме во некои од најубавите македонски патриотски песни и во изведбите на Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, ДНК, Наум Петрески, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Андријана Јаневска, Марија Спасовска, Огнен Здравковски и Ламбе Алабаковски, додаваат во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Mузички хепенинг вечерва во Паркот на франкофонијата

Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, групата „2 Бона“, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова и Барбара Поповиќ вечерва ќе настапат на големиот музички хепенинг „Нешто што ќе остане” во Паркот на франкофонија со почеток во 19.30 часот.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги поканува сите граѓани кои денеска ќе бидат во Скопје да дојдат и да уживаат во најголемите македонски хитови.
„Вечерва не очекува вистинска ноќ за паметење, исполнета со најубавите македонски песни. Ги повикувам сите граѓани да ни се придружат и заедно да создадеме незаборавни моменти. Како Општина Центар, ќе продолжиме да вложуваме во македонската музика и во нашите македонски артисти, затоа што тие се гордоста и иднината на нашата културна сцена,“ истакна Герасимовски.
Концертот е бесплатен за сите граѓани и е во организација на Општина Центар.
Забава
По средбата со кралот Чарлс, Хари се надева на нов почеток, но братот не попушта

Принцот Хари (40) наводно жали за дел од одлуките што ги донесе откако со сопругата Меган Маркл се повлече од кралските должности. Неговиот неодамнешен престој во Британија – четири дена во Лондон и Нотингем – беше обид за поправка на односите со семејството и јавноста.
За првпат по 19 месеци, Хари се сретна со кралот Чарлс. Состанокот траел околу еден час и во дворецот го оценуваат како позитивен чекор, иако не и целосно помирување.
„Кралот сака да ја обнови врската со својот син и да помине време со своите внуци, кои не ги видел три години“, изјавил извор за „Дејли меил“. „Хари е свесен дека направил грешка и сега се обидува да ја ресетира врската“.
Сепак, средба со брат му Вилијам не се случила, и покрај тоа што биле во непосредна близина.
По посетата на Британија, војводата од Сасекс отпатува за Украина, каде се сретна со ветерани и владини претставници, испраќајќи порака за поддршка и потсетување на страдањата на украинскиот народ.
Иако се шпекулира дека наредната година би можел да ги поведе децата Арчи и Лилибет на посета кај дедо им, останува неизвесно дали Меган ќе се врати во Британија. Прашањето за безбедноста и понатаму е главна пречка, а како можен компромис се спомнува престојoт во кралските резиденции каде што мерките за заштита се најстроги.
Забава
Златното деколте на Лорен Санчез ја украде сцената на гламурната хуманитарна вечера

Лорен Санчез, сопругата на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, блесна на четвртата „Керинг фор воман динер“ гала во Њујорк, дел од Неделата на модата.
55-годишната поранешна новинарка се појави во впечатлива златна сатенска тоалета без прерамки, со длабоко деколте. Луксузниот изглед беше заокружен со брановидна коса и дијамантски накит, додека Безос ја придружуваше во класичен смокинг.
На настанот присуствуваа и бројни холивудски ѕвезди, меѓу кои Салма Хаек со сопругот Франсоа-Анри Пино, Џесика Частејн, Мадона, Деми Мур и Џулијан Мур.
Годишната вечера, организирана од фондацијата Керинг, собира средства за поддршка на жени жртви на родово насилство и нивно економско оснажување.