Македонија
Инцидент и во Куманово: насилно откорната таблата на српскиот Конзулат, настанот снимен на камера
Амбасадата на Република Србија во Македонија најостро го осудува вандалскиот чин што се случил синоќа на Денот на албанското знаме, кога од фасадата на зградата на Конзулатот на Република Србија во Куманово, во доцните вечерни часови, младо машко лице, обвиено со албанско знаме, насилно ја отстранило таблата со грбот на Република Србија и натписот „Конзулат на Република Србија во Куманово – Почесен конзул“, напишан на српски и македонски јазик.
Притоа, Амбасадата на Република Србија во Скопје изразува длабока загриженост во врска со вчерашното сквернавење на државните симболи на Република Србија и загрозување на безбедноста на просториите на Конзулатот на Република Србија во Куманово, особено имајќи го предвид фактот дека просториите на дипломатско-конзуларните претставништва и резиденцијални објекти наменети за членовите на дипломатскиот персонал на Република Србија, не е првпат да бидат предмет на вандалски напади во земјава.
Во овој поглед, Амбасадата нагласува дека е целосно посветена на соработка со надлежните органи на Република Северна Македонија, со цел што поскоро откривање и процесуирање на сторителот на насилниот чин, чиј идентитет, како што велат, може недвосмислено да се утврди врз основа на достапните снимки од безбедносни камери.
Амбасадата на Република Србија нагласува дека останува посветена на негување пријателски односи со Република Северна Македонија и изразува уверување дека надлежните органи на земјата домаќин, во духот на развиените билатерални односи и добрососедството, ќе направат се за да се реши овој случај на адекватен начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.
Македонија
За една недела отстранети 653 кубни метри отпад во Скопје
Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 653 кубни метри непрописно одложен отпад на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно интервенираше и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што беа подигнати приближно 60 кубни метри мешан комунален отпад од три помали диви депонии.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела врачи 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број на записници се изготвени во скопската општина Чаир.
Македонија
Програми за доживотно учење на Факултетот за музичка уметност – Скопје
Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги објави програмите за доживотно учење – единствена можност за сите заинтересирани лица над 20 години кои сакаат да го прошират своето музичко образование и да се надградат професионално.
Наставата се реализира со врвен универзитетски кадар и нуди висок квалитет во различни области: свирење на инструменти, соло пеење, популарни жанрови, диригирање и композиција. Секој учесник добива индивидуален пристап и работи во одлични услови кои овозможуваат целосно развивање на талентот и личен напредок.
На крајот од секој семестар, учесниците добиваат сертификат издаден од Факултетот за музичка уметност – Скопје, што претставува официјално признание за стекнатите знаења и вештини.
Повеќе информации за програмите на следниот линк: https://www.fmu.ukim.edu.mk/about/lifelong-learning
Уписот е во тек и трае до 25.2.2026 год. За дополнителни информации во врска со уписот, обратете се на тел.бр.02-3134345 или на е-пошта: [email protected].
фото/Depositphotos

