Култура
„Моја бесмртна љубов“ со Моника Лесковар и Лубнан Балбаки во Филхармонијата

Овој четврток, со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија, ќе се одржи концертот насловен „Моја бесмртна љубов“ на кој како солистка ќе настапи виолончелистката Моника Лесковар од Хрватска, а диригент е Лубнан Балбаки од Либан. На програмата се симфониската поема „Апотеоза“ од македонскиот композитор Михајло Николовски, Концерт за виолончело и оркестар во ха-мол од Антонин Дворжак и Симфонијата бр.3 од Лудвиг ван Бетовен.
Лубнан Балбаки е роден во 1981 година во Бејрут и е најмладиот редовен диригент во Либанскиот филхармониски оркестар. Низ целиот свој живот, Балбаки бил опкружен од уметници од блиското семејство: сликари и музичари, кои ја создале инспиративната атмосфера што помогнала да се изгради неговиот музички пат. Музичкото патување на Балбаки започнува кога се запишал на часови по виолина на Националниот конзерваториум за музика на Либан, во Бејрут, на 12-годишна возраст. Неколку години подоцна тој го започнал своето академско патување на додипломски студии по музикологија на Универзитетот „Свет Дух“ во Каслик (УСЕК). Во 2009 дипломирал на Одделот оркестарско диригирање на Академијата за музика „Георге Дима“, под менторство на маестро Петре Шбарцеа во романскиот град Клуј-Напока, со нагласок на изучување на Oдделот композиција со Шего Петер. Балбаки магистрирал во 2011 година на Oдделот за оркестарско диригирање на Националниот универзитет за музика во Букурешт, под менторство на д-р Хориа Андреску. Во 2017 ги започнал докторските студии, каде што тема на неговото истражување била „Психолошката врска помеѓу диригентот и оркестарот“ под менторство на д-р Дан Диу. Помеѓу 2018 и 2019 година Лубнан Балбаки се здобива со уште една диплома по оркестарско диригирање на Универзитетот за музика и уметности во Виена (Австрија), со професор Јоханес Вилднер, како негов ментор. Паралелно со своите студии, учествувал и на повеќе мастер часови по оркестарско диригирање со познати европски диригенти како Курт Мазур, Колин Метерс, Конрад фон Абел и Кристијан Бадеа. Во 2013 е назначен за редовен диригент на Либанскиот филхармониски оркестар и го основал Националниот младински оркестар. Откако ја започнал својата музичка кариера, Балбаки работи како музички советник и шеф диригент со Маџида ел Руми и Марсел Калифе. Во 2016 година е награден од страна на либанското Министерство за култура, за неговиот исклучителен придонес кон уметничката и културната сцена во Либан.
Хрватската виолончелистка Моника Лесковар (Кројцтал, Германија, 1981) почнала да свири виолончело на шестгодишна возраст во класата на Добрила Берковиќ Магдалениќ, во Загреб. На 13 години го привлекла вниманието на јавноста кога ја освоила првата награда на Меѓународниот натпревар „Чајковски“ во Сендаи, Јапонија, во 1995 година. Во Загреб била и ученичка на Валтер Дешпаљ, пред да ги продолжи студиите во Германија, каде што добила диплома и завршила постдипломски студии во класата на Давид Герингас на „Hochschule für Musik Hanns Eisler“ во Берлин. Во 2006 година станала негова асистентка во истото училиште. Моника Лесковар посетувала мастер часови кај Мстислав Ростропович и Бернард Гринхаус. Била победник на многу меѓународни натпревари, како ARD во Минхен (2001), „Мстислав Ростропович“ во Париз, „Роберто Каруана“ во Милано (1999) и „Адам“ во Нов Зеланд (2003). Како солистка настапувала со значајни оркестри, под диригентската палка на имиња како Валериј Гергиев, Томас Хенгелброк, Кшиштоф Пендерецки…, а е и честа гостинка на престижни фестивали низ светот. Лесковар редовно настапува во камерни проекти, соработувајќи со интернационални уметници, вклучувајќи ги и Ивана Шварц Генда, Борис Березовски, Софија Губајдулина, Јуриј Башмет, Џулијан Рахлин, Стефан Миленковиќ, Миша Мајски, Итамар Голан, Гидон Кремер, Марио Брунело, Пати Смит, Јанин Јансен и други. Во сезоната 2010/2011, била прва виолончелистка во Минхенската филхармонија. Од 2012 година предава на Конзерваториумот „Звицера Италијана“ во Лугано, а од 2017 година е доцент на Музичката академија при Универзитетот во Загреб. Свири на виолончело изработено од италијанскиот мајстор Мантегаце од 1765 година, дадено на заем од Академијата „Кронберг“. Свири и на виолончело од неаполскиот мајстор Винченцо Постиљоне од 1884 година, кое ѝ било доверено на користење од Градот Загреб и Загрепската филхармонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Младите музички таленти блеснаа под сводовите на „Света Софија“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ одржа завршниот концерт од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што се одржува под уметничко раководство на македонскиот виолинист Емилио Перцан и азербејџанската пијанистка Тамила Гулиева.
Виртуозното мајсторство над виолината, уметникот и професор Емилио Перцан, во текот на изминатите денови во Охрид несебично го пренесуваше на младите генерации уметници кои допрва треба да ја градат својата музичка кариера.
-Тоа е и целта на семинарот, затоа и го правиме во изминатите 13 години во Охрид и претходно три години во Хрватска. Секогаш е задоволство што крајниот концерт е овде, во црквата „Света Софија“. Годинава имаме учесници од Македонија, Србија, Словенија, првпат од Австралија, од Перу… кои се на возраст од 13 до 25 години, вели Перцан.
Семинарот постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Р. Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија и на градот Охрид, продолжува да се одржува во Охрид.
Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од многу земји во светот. На нив, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. По завршувањето на ваквата летна музичка школа, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Култура
Maкедонскиот уметник Цветин им пиша на Трамп и на Путин – да не се повторат Хирошима и Нагасаки

Македонскиот сликар и уметник Живко Поповски-Цветин упати писма до американскиот и до рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин.
На англиски и на руски јазик, во писмата упатени до американскиот и до рускиот претседател, Цветин порачува да не се повтори катастрофата со фрлање на атомските бомби во Хирошима и Нагасаки.
„По повод вашата средба што набргу ќе се одржи на Алјаска, како поддршка, авторот на изложбата ‘Цвеќе на мирот’, која е отворена во знак на одбележување 80 години од Хирошима и Нагасаки, ви испраќа една од своите изложени слики со надеж дека со оваа средба ќе се најде решение за прекин на дејствата и да владее мирот во светот“, пишува Цветин.
Цветин пред извесно време ја отвори изложбата „Цвеќе на мирот“ во галеријата „Метаноја“, на која учествуваа Лидија Лучко-Јеремиќ со поема по повод атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки. Музичко-поетски перформанс имаа музичарите Никола Стојковски и актерката Арна Шијак. За оваа изложба д-р Коста Милков рече дека „во текот на годините на неговите заложби за мир Цветин насликал илјадници и илјадници слики со цвеќе на мирот. Неговиот прв формален настап е во далечната 1972 со изложени мозаици и колажи во Демир Хисар, а последниот е во Задар во јуни 2025 со име ‘Цвеќе на мирот’ по повод Деновите на уметноста во Хрватска. Повеќе од пет децении преданост и посветеност сведочат за непоколебливоста да се биде миротворец“.
Цветин е и креатор и идеолог на декларацијата за мир во светот и против војните и употребата на нуклеарното оружје, која досега ја потпишаа повеќе од 3.500 лица. Оваа декларација е отворена за потпишување како крик против војните и употребата на нуклеарното оружје и во поддршка на мирот во светот.
За сите потфати Цветин ќе каже „Цвеќето во човекот не ги сака ветровите на војната. Јас не измислувам нови цветови, туку само пресликувам цветови во луѓето што ги сакаат слободата и мирот“.
Живко Поповски-Цветин (1944, с. Брезово) е сликар на мирот и хуманист. Тој е поранешен претседател на Црвениот крст на Македонија и спаѓа меѓу номинираните за Нобелова награда за мир. Цветин како уметник е препознатлив по мисијата „Цвеќето на мирот“. Од 1970 година има реализирано над 300 изложби во земјата и светот и има подарено повеќе од 40.000 слики, кои пренесуваат порака на мир и надеж. Неговите дела се наоѓаат кај државници, уметници, поети и кај обични луѓе во светот.
Култура
Драмскиот театар Скопје, по четири успешни изведби во Будва, настапува на Охридско лето

По премиерата и вкупно четирите изведби на 39. фестивал „Град театар“ во Будва, каде што публиката со големо воодушевување ја прифати претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“, НУ Драмски театар Скопје најавува дека со оваа најнова копродукција ќе гостува во Охрид.
Македонската публика ќе има можност да ја гледа возбудливата и духовита комедија во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, на 17 август (недела) од 21:00 часот, во Центар за култура „Григор Прличев“.
Режијата е на реномираниот хрватски автор Иван Пеновиќ, а текстот е на еден од најзначајните драмски писатели во регионот – Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и „Град театар“ Будва, создадена во чест на петгодишнината од смртта на авторот.
Во програмската белешка се вели: „Ова е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте во 1972 година, во период на бурни историски движења и под влијание на ‘Сексуалната револуција’ и ‘Пролетта од 1968’. Претставата пулсира со живата еротика, младост и незаситна страст, но меѓу редови се насетува и празнината и суетата на општеството кое трча по уживање“.
Претставата по премиерата на 10 август беше изведена уште трипати на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ и секоја изведба наиде на искрен прием од фестивалската публика, која ја наградуваше екипата со долги аплаузи за енергичната изведба, актерската игра и исклучителната сценска атмосфера.
Авторски тим:
Режија – Иван Пеновиќ
Превод – Соња Должан
Сценографија – Лазе Трипков
Костимографија – Александар Ношпал
Композиција – Владимир Пејковиќ
Сценско движење – Дамир Клемениќ
Актерската екипа од четирите уметнички куќи од регионот ја сочинуваат: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболжиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов, Јована Спасиќ.