Македонија
Гаши со делегација во посета на шведскиот крал
На првиот ден од официјалната посета на Кралството Шведска, претседателот на Собранието, Африм Гаши, придружуван од пратениците Дафина Стојаноска, Беким Сали и Митко Трајчулески, имаа аудиенција кај кралот на Шведска, Карл Шеснаесетти Густав.
Во делот на заедничката средба, претседателот и пратениците изразија благодарност за приемот и овозможената средба со неговото височество и нагласија дека Кралството Шведска е искрен и високо почитуван поддржувач на Република Северна Македонија, а меѓусебните односи се карактеризираат со висок степен на пријателство, заемно разбирање и поддршка. Тие беа информирани дека кралот на Шведска, Карл Шеснаесетти Густав, досега двапати ја посетил нашата држава и има посебно убави сеќавања од Охрид.
Гаши и пратениците Стојаноска, Сали и Трајчулески му подарија на шведскиот крал симболична кошничка од традиционални македонски производи од повеќе различни производители. По заедничката средба и предавањето на подарокот, Кралот и претседателот Гаши осварија полчасовна тет е тет средба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Треба ли Кисела Вода да има дочек на 2025 година со македонски артисти, прашува градоначалникот Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи
Дали сметате дека Општина Кисела Вода треба да организира сопствена новогодишна прослава за дочек на 2025 година, на која ќе настапат познати македонски артисти? Вакво прашање на социјалните мрежи вечерва постави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски.
Тој објави анкета на која граѓаните веќе почнаа да се изјаснуваат за предлогот, а според досегашните гласови, на повеќе од 90 отсто од гласачите им се допаѓа оваа идеја.
Корисниците на социјалните мрежи во коментарите под постот на градоначалникот воглавно даваат поддршка за предлогот, а дел укажуваат на потребата да се накити општината, да се постави елка во паркот во Драчево, како и да не се претерува финансиски.
Кисела Вода летово организираше богата музичка програма со стотина изведувачи, што наиде на одличен прием и голема посетеност.
Македонија
Македонија и Хрватска ја продлабочуваат образовната соработка
Преку размена на позитивни практики и искуства, Македонија и Хрватска ќе ја зајакнуваат образовната соработка и ќе унапредуваат повеќе аспекти на националните воспитно – образовни системи. Особено внимание ќе се посвети на стручното образование и обуката, ќе се работи на поврзување и развој на регионалните центри кои промовираат и реализираат ваков вид на образование и на основање образовни центри за извонредност.
За ова денеска се дискутираше на состанок во хрватското Министерство за наука, образование и млади, каде во работна посета е делегација од Македонија, составена од претставници на повеќе образовни институции и на УНДП, а предводена од државниот секретар во МОН, Елена Ивановска.
Целта е да се формализира соработката предвидена во билатералната програма која министрите за образование на двете земји ја потпишаа во август годинава, со важност до 2028. Двете страни ќе основаат заедничка комисија која периодично ќе се состанува и ќе развива и реализира иницијативи од интерес на државите. Покрај средното стручно образование, акцент ќе биде ставен на процесот на дигитализација и воведување вештачка интелигенција во наставните програми.
Предвидена е соработка и во областа на предучилишното, како и во основното образование, особено во делот на поедноставување на постапките за изработка на учебници и наставни материјали.
Хрватската страна беше претставувана од државниот секретар за наука, образование и млади Зринка Мужиниќ Бикиќ, директорката на Управата за воспитување и образование Весна Шерепац и раководители на повеќе сектори во двете институции.
Македонија
Муцунски во Брисел: Добрососедството не е еднострана обврска, туку процес што бара почит и заедничка одговорност
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, денеска имаше обраќање и сесија посветена на прашања и одговори со европратениците – членови на Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент (АФЕТ).
Пред членовите на комисијата, Муцунски испрати порака дека новата Влада е силно фокусирана на евроинтеграциите и спроведувањето на реформи. Тој истакна дека за земјата е клучно да продолжи да напредува кон полноправно членство во ЕУ, следејќи предвидлива пристапна траекторија, заснована на јасно утврдените пристапни критериуми и принципот на сопствени заслуги. Притоа, потенцираше дека добрососедството не е еднострана обврска, туку долгорочен процес што бара заедничка одговорност и меѓусебна почит.
Министерот нагласи дека членството во ЕУ не е само политичка амбиција, туку суштински трансформативен процес што ги става граѓаните во центарот. Тој ја истакна посветеноста на Владата кон спроведување на клучни реформи, особено во областа на владеењето на правото, правосудството, јавната администрација и економското управување.
Во своето обраќање, Муцунски потсети дека државата е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ – стратегиски избор и врвен приоритет што ја демонстрира нашата посветеност на принципите и вредностите што ги застапува Унијата. Истакнувајќи ја потребата од носење одлуки што ќе постават основа за идното проширување на Унијата, тој ги и повика европратениците да продолжат проактивно да ја поддржуваат политиката на проширување, особено сега кога Европската Унија влегува во нов петгодишен институционален и легислативен циклус, кој ќе има значително влијание врз иднината на проширувањето.
Одговарајќи на прашањата од членовите на комисијата, Муцунски потенцираше дека Северна Македонија е пример за почитување и заштита на правата на малцинствата, што повеќепати е потврдено од Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права.