Македонија
Владата веднаш да запре со спроведувањето на руската агенда за дестабилизација на земјата, велат од ДУИ
Демократската Унија за Интеграција изразува длабока загриженост за опасните политики на владата, кои не само што ја поткопуваат стабилноста на Северна Македонија, туку и се совпаѓаат со дестабилизирачка агенда која им служи на геополитичките интереси на Русија, велат од ДУИ.
„Последните потези на владата, вклучително и обвинувањата против Албанците за кризи кои самата ги создава, покажуваат јасна стратегија која има две цели: да ги уништи темелите на Охридскиот рамковен договор и да го одвлече вниманието од неуспехот да ги реализира неопходните уставни измени за интегративниот пат кон Европската Унија.
Присуството на личности како заменик-претседателот на владата Стоилковиќ и неговата координација со дестабилизирачката агенда на политичари како Вулин, познат по своите блиски врски со Кремљ и обидите за поткопување на регионалната стабилност, е јасен доказ за директното влијание на Русија во овие процеси.
ДУИ нагласува дека Албанците отсекогаш биле гаранти за стабилноста и промотори на евроатлантските процеси во Северна Македонија.
Обидите да се портретираат како фактор на дестабилизација се неосновани и имаат за цел да ги прикријат неуспесите на владата и нејзината ориентација кон странски агенди.
Упатуваме апел до владата веднаш да го прекине овој неодговорен курс и да даде јавна отчетност за мотивите и последиците на овие политики. Албанците нема да подлегнат на овие намерни провокации и ќе продолжат да ја штитат стабилноста, мирот и евроатлантскиот пат на земјата.
Исто така, упатуваме апел до меѓународниот фактор внимателно да ги следи овие случувања и да интервенира за да спречи дестабилизирачките агенди да предизвикаат непоправлива штета на земјата и регионот.
ДУИ останува посветена на заштитата на стабилноста, Охридскиот мировен договор и евроатлантската интеграција, како столбови на заедничката и сигурна иднина на Северна Македонија“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Дали поради случувањата во Србија, Мицко или Мали Вучко бега од своите бизнис партнери
Најавата дека премиерот Мицкоски од здравствени причини го има откажано учеството на македонско-српскиот бизнис форум што ќе се одржи во Скопје отвора и едно клучно прашање, велат од СДСМ.
„Дали поради случувањата во Србија, Мицкоски или така наречниот Мали Вучко бега од своите бизнис партнери?
Во исто време, денеска беше потпишан и некаков меморандум за соработка со Србија а не се соопшти конкретно за што се однесува.
Дали можеби е меморандум за неиспорачувањеЕ“.
Во последно време, додават од опозициската партија, „се случува една коинциденција на слошувања, и во Србија и во Македонија“.
Ова, како што истакнуваат, се прашањата на кои Мицкоски треба да одговори.
Македонија
Лицата со попреченост не бараат привилегии, туку можност: Ѓорѓиевски во Дневниот центар за лица со церебрална парализа
По повод Светскиот ден на лицата со попреченост, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го посети Дневниот центар за лица со церебрална парализа.
„Посебна чест е да зборуваме за Дневниот центар за лица со церебрална парализа, место кое повеќе од две децении нуди поддршка, развој и топлина. Преку Центарот поминале над 100 лица, а денес 22 корисници тука учат, растат и се развиваат. Овие бројки претставуваат вистински животни приказни и мали, но големи победи.
Овој Центар постои благодарение на визијата и упорноста на Здружението на родители на деца со церебрална парализа – Скопје. Нивната љубов ја започна приказната, а стручниот кадар и родителите секој ден ја продолжуваат.
Како град Скопје, наша должност е да овозможиме уште подобри услуги, поголема достапност и вистинска инклузија“.
Лицата со попреченост, додава скопскиот градоначалник, не бараат привилегии, туку бараат можност.
„А ние сме тука да ја создадеме. Секогаш ќе бидеме силна поддршка!
Да испратиме порака дека секое дете, секој млад човек и секој возрасен има свое место, свој потенцијал и своја важна улога во нашата заедница“.
Македонија
Лимани: Попреченоста не е причина за исклученост, туку повод за повеќе грижа, солидарност и човечност
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани по повод 3 Декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост присуствуваше на настан во Владата на Република Северна Македонија. На настанот покрај претставници на Владата, присуствуваа и претставници на здруженија, лица со попреченост и деца со попреченост од државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ од Скопје.
Во своето обраќање кон присутните Лимани истакна дека овој ден е потсетник на важна вистина дека инклузијата не е само законска обврска – таа е човечка должност и темел на праведно општество.
Тој рече во државата живеат над 94.000 лица со попреченост, а анализите покажуваат дека повеќе од една третина од граѓаните се соочуваат со некаква форма на попреченост. Овие бројки, посочи Лимани, не се статистика – тие се потсетник дека еднаквите можности мора да бидат срцето на сите наши политики.
„Како Министерство направивме важни чекори: го подобривме законодавството, ги зајакнавме социјалните услуги, вложивме во личната асистенција, раната интервенција, менталното здравје и поддршката за семејствата. Работиме на деинституционализација, поголема пристапност и вистинска вклученост во образованието, професијата и заедницата. Но знаеме дека има уште многу работа. Затоа создадовме модерен и транспарентен систем за проценка на попреченоста, воспоставуваме Национален регистар, нов информациски систем, дигитални алатки и асистивни технологии. Ги трансформираме услугите таму каде што им се најпотребни – во локалните заедници;“ истакна Лимани.
Тој подвлече дека „инклузијата не се гради со документи – се гради со достапни улици, отворени училници, социјални услуги што навистина допираат до луѓето, и со поглед што не осудува, туку охрабрува.“
„Нашата држава ќе продолжи да инвестира во инклузијата не затоа што е европска препорака или законска обврска, туку затоа што е тоа исправно. Затоа што секое дете со поддршка денес, е независен млад човек утре. Секој млад човек што добива шанса да учи, работи и живее достоинствено, е граѓанин кој ја гради иднината на оваа земја. Ова е визијата што ме мотивира секој ден: општество во кое попреченоста не е причина за исклученост, туку повод за повеќе грижа, повеќе солидарност и повеќе човечност,“ рече Лимани.

