Македонија
(Фото) Спречено шверцување масло од црно семе, фиберскопи, делови за мобилни телефони и играчки со потпис на познати трговски марки
Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење, при што е запленета разна стока, меѓу коишто делови за мобилни телефони, поголема количина масло од црно семе, фиберскопи за индустриски цели, облека, но и производи од заштитени трговски марки.
Во продолжение детали:
– 16.5 литри масло од црно семе (36 парчиња масло од црно семе од по 125 мл и 96 парчиња од по 125 мл масло црно семе Натурал) и 1.250 капсули со масло од црно семе (25 парчиња од по 50 капсули), се пронајдени околу совозачкото седиште на еден автомобил управуван од македонски државјанин на влез во државата на граничниот премин Блаце.

– Спречен обид за криумчарење на 682 маски за мобилни телефони, како и 61 кабел, 10 слушалки, држачи, полначи и стаклени фолии за мобилен телефон. Непријавените производи се откриени од царински службеници на граничен премин Блаце при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин на влез во државата.

– Македонски патник враќајќи се од Дортмунд се обидел преку граничен премин Табановце во автобусот со кој патувал да криумчари разна стока, меѓу коишто и 21 фиберскоп за индустриски цели. Во намерата е спречен од царинските службеници на граничниот премин кои при контрола на автобусот, во торбата во сопственост на патникот, ги пронајдоа непријавените производи. Покрај фиберскопите се пронајдени и обувки, како и радио апарати за автомобил.
– Мобилни тимови во три одделни случаи запленија речиси 3.000 играчки, школски прибори и 50 блутут слушалки со ознаки на заштитени трговски марки. Делата се откриени при контрола на стока пријавена за увозно царинење во царинска испостава Скопје 3 и царинска испостава Куманово. Во моментов за запленетите производи се поведени постапки за утврдување на оригиналност.

– Миксета Allen & Heath со вкупна вредност од 153 илјади денари е откриена при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин на влез во државата на граничниот премин Табановце.
– Мобилен тим спречи обид за шверц на разна стока, меѓу којашто облека, обувки, тротинети и електричен алат. Непријавената стока е откриена при контрола на камион со бугарски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце. Возачот стоката ја скрил под горниот и под долниот кревет во кабината на камионот. Производите се запленети, а против сторителот е поведена соодветна постапка.

– 840 метални чаури за хидраулични црева коишто биле скриени на различни места во еден автомобил со кој патувал брачен пар од Србија, се откриени од царинските службеници на граничен премин Богородица.
– 8 штеки цигари без акцизни маркички се откриени при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените цигари што се пронајдени под јакните на задното седиште се запленети, а против патникот е поведена соодветна постапка.

– Царински службеници на влез на граничен премин Богородица спречија обид за шверц на 55 парчиња облека. Непријавените производи се пронајдени во патни торби сместени во багажникот и во внатрешноста на возилото.

– 80 пакувања ленти за дихтување, се откриени од страна на мобилен тим при контрола на автобус со македонски регистарски таблички кој сообраќал на релација Швајцарија – Македонија, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце. Непријавените производи, сопственост на возачот, биле пронајдени во 4 куфери, сместени во просторот за багаж на автобусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковиќ – Месаровиќ: Заедничка цел стабилен и економски поврзан регион
Заменик-претседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денеска во Белград оствари работна средба со потпретседателката на Владата и министерка за економија на Р Србија, Адријана Месаровиќ.
На средбата се разговараше за повеќе теми, имајќи го предвид заедничкиот интерес на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на економската соработка, поттикнување на заеднички инвестициони проекти, како и за заеднички настап на трети пазари, во пресрет на македонско-српскиот бизнис форум кој ќе се одржи во Скопје на 3 декември.
„Бидејќи наша заедничка цел е интензивирање на економската соработка и зголемување на надворешнотрговската размена, денеска остварив мошне конструктивен состанок со потпретседателката на Владата на Р Србија, г-ѓа Адријана Месаровиќ. Бројките веќе покажуваат дека оваа година, и покрај сите предизвици, економската размена ќе биде поголема од минатата, имајќи предвид дека за првите девет месеци е остварена размена од повеќе од 1,1 милијарда евра, додека во 2024 година таа изнесуваше 1,4 милијарда евра“, истакна по средбата Стоилковиќ.
Тој додаде дека посетата претставува уште една потврда на континуираниот дијалог и партнерството меѓу двете земји, насочени кон стабилен, економски поврзан и европски ориентиран регион на Западен Балкан.
„Стопанствениците бараат соработка и нашата цел е да излеземе во пресрет на нивните барања и дополнително да ги поврземе. Со поддршка на претседателот на Владата на РС Македонија, г. Христијан Мицкоски, на 3 декември во Скопје ќе организираме голем Бизнис форум на кој ќе разговараме за понатамошно унапредување на соработката, пласман на македонските и српските производи на пазарите на двете држави, за што постојат сериозни потенцијали. Владата на Христијан Мицкоски води одговорна политика која носи конкретни резултати – стабилен економски раст, отворање на нови пазари и зајакнување на регионалната стабилност и поврзаност. Благодарение на таквите политики, нашите стопанственици ќе имаат сè повеќе можности за пласман на своите производи и услуги на други пазари“, изјави Стоилковиќ.
Средбата потврди дека меѓусебната соработка меѓу РС Македонија и Р Србија продолжува да се развива во духот на партнерство, доверба и заеднички интереси на економскиот и регионалниот план.
Македонија
Утре ведро и студено претпладне, преку денот сончево
Времето утре, наутро ќе биде ведро и студено, а во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Во наредните денови Сседува период на стабилно и суво време со постудени утра и со услови за утринска магла по одделни котлини. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Дневните температури ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Дел од корисниците на Центар утре без вода
Дел од корисниците на Центар, поради дефект, утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 13.11.2025 година, четврток, поради уличен дефект на ул. 8 -ма Ударна Бригада 39, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица,вклучително и објектот на Амбасадата на Италија. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Центар)“, информира РЦУК.

