Македонија
Во математика од 58 држави, нашите ученици се на 44 место, во природни науки сме три места подолу, велат од МОН
Во математичка писменост од 58 држави, нашите ученици се на 44 место. Во природни науки сме три места подолу, односно на 47 место. Ова се резултатите од последното меѓународно ТИМСС тестирање што беше спроведено во 2023 година, по петти пат во нашата држава. Тестирани беа ученици од четврто одделение, на македонски и на албански јазик и за прв пат електронски, извести МОН.
И оваа меѓународна компаративна студија покажа дека на нашиот воспитно-образовен систем му се потребни крупни промени, за да можат нашите ученици да ги подобрат знаењата. Затоа, делуваме во сите сегменти на образованието, почнувајќи од основното, постепено и со консултација со сите засегнати чинители.
Најавивме и во се поголем број училишта реализираме продолжен престој во училиште, како можност за повеќе наставни и воннаставни активности, подобро совладување на материјалот, стекнување на нови вештини, развивање на интереси. Преку процесот на оптимизација, градиме ефикасна училишна мрежа која ќе доведе до најдобар успех на учениците со рационално користење на ресурсите. Го реформираме гимназиското образование, го прошируваме концептот на дуално образование и развиваме нови регионални центри за стручно образование и обука. Наставниците продолжуваат со сериозни обуки, затоа што тие се темелот на целиот воспитно-образовен систем, велат од МОН.
Подобрување на резултатите на државата на меѓународните тестирања ќе дојде само како резултат на реално подобрување на квалитетот на целиот воспитно-образовен систем и на тоа континуирано работиме.
TIMSS (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите кои влијаат на тие постигања.
Во меѓународни рамки, Сингапур го држи првото место и по математичка писменост и по наука, се додава во соопштението на МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

