Економија
Влада: Буџетот е развоен и ветува повисоки плати и инвестиции
Буџетот за 2025 година е развоен и ветува повисоки плати, инвестиции и економски развој на државата. Владата за 2025 година се обврзува на целосна трансформација на Македонија и подобрување на животниот стандард за граѓаните, велат од Владата.
Од тука како владин приоритет се истакнува обезбедувањето на поквалитетен живот за сите граѓани, иднина и просперитет на Македонија.
За таа цел, велат од Владата, Буџетот за 2025 година предвидува средства за зголемување на пензиите.
„Со ова предвидуваме 105 милијарди денари за пензиите, односно по 2500 денари повисоки пензии во март за пензионерите. Со ова го исполнуваме ветувањето за повисоки пензии на над 330.000 пензионери“, наведе Владата.
Исто така за исплата на плати обезбедени се 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок дотации за зголемување на платите во образованието.
„Предвидуваме и 14,5 милијарди денари за поддршка на ранливите категории, додека пак за здравствена заштита обезбедуваме 5,2 милијарди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари. Во Буџетот за 2025 година е предвиден и растот на платите за вработените во образованието и просветните работници, како и растот на платите во здравството, здравствените работници и медицинските лица“, образложи Владата.
Во однос на инвестициите, потсетуваат дека веќе се обезбедени 250 милиони евра за инвестициски бум во општините. Со овие средства во општините ќе се градат училишта, градинки, патна и водоводна инфраструктура.
„Средствата кои преку банките ги ставаме на располагање во форма на супер евтини кредити, односно договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од можеби 800 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти за сопствена потреба, како и да учествуваат во проекти кои ќе ги инвестираат општините. Се обврзуваме пред граѓаните на економска трансформација, и ветуваме раст на БДП, но и нови странски директни инвестиции кои ќе генерираат раст и развој“, додава Владата.
Се истакнува дека се отворени за дијалог со синдикатите и работодавачите, со цел заедничко носење на одлуки во интерес на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.
Економија
Биткоинот забележа силен пад
Цената на биткоинот денеска падна под 67.000 долари, првпат од ноември 2023 година, во услови на засилена распродажба и намалена доверба кај инвеститорите, објави Си-Ен-Би-Си.
Биткоинот се тргуваше по цена од околу 67.500 долари, откако претходно во текот на денот падна под психолошката граница од 70.000 долари, што дополнително ја засили распродажбата. Само оваа недела вредноста на криптовалутата е намалена за околу 20%, а во однос на рекордното ниво од октомври минатата година е пониска за речиси 47%.
Аналитичарите предупредуваат дека нивото од 70.000 долари претставува клучна техничка и психолошка граница и дека нејзиното пробивање отвора простор за понатамошен пад, потенцијално кон опсегот од 60.000 до 65.000 долари.
Падот на биткоинот се случува паралелно со слабеењето на технолошките акции во САД и зголемените присилни ликвидации на криптопазарот. Според податоци на Coinglass, оваа недела се ликвидирани повеќе од 2 милијарди долари во долги и кратки позиции.
Во исто време, институционалните инвеститори се повлекуваат. Аналитичката куќа CryptoQuant наведува дека побарувачката од институционални инвеститори значително се намалила. Другите криптовалути исто така бележат значителни загуби.
Економија
„Сетек“ отвора нов продажен салон во Godi Retail Park
Сетек – ја зацврстува својата лидерска позиција на македонскиот пазар со повеќе од 32 години доверба и врвна понуда на најновите производи од најпрестижните светски брендови.
Брендот продолжува со својата мисија да ја донесе технологијата поблиску до своите потрошувачи, да ги понуди најдобрите услови, најповолните цени и најдобрата услуга.
Големото отворање ќе се одржи од 6 до 8 февруари, ново место, нова енергија, нов, модерен Сетек продажен салон во Godi Retail Park – Скопје, со промотивни цени, најголеми попусти и над 300 подароци за најверните купувачи.
Во текот на отворањето, посетителите ќе имаат можност да уживаат во интерактивни демо-зони со тестирање и дегустации на врвни производи, како и специјална забавна програма.
СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА:
Петок, 6 февруари – забава со Гораст и Тони Зен
Сабота, 7 февруари – забава со Викса и DJ Дела
Подароци ве очекуваат со секоја сметка над 10.000 денари.
Посетете нè и бидете дел од најголемата технолошка забава во градот!
Количините се ограничени. Промотивните цени важат исклучиво во СЕТЕК Godi Retail Park – Скопје.
(ПР)

