Македонија
Албанските интелектуалци испратија писмо до Уставниот суд за седницата за Законот за јазиците
Над 250 албански интелектуалци, универзитетски професори денеска потпишаа отворено писмо упатено до Уставниот суд пред седницата во среда на која ќе се расправа за уставноста на Законот за јазиците.
Меѓу потписниците се и Ректорите на три универзитети на албански јазик: проф. Др. Абдулменаф Беџети – УЈИЕ, проф. Др. Јусуф Зејнели – Универзитет во Тетово, проф. Др. Изет Зеќири – Универзитет Мајка Тереза. Исто така, меѓу потписниците има познати професори и актуелни декани на повеќе факултети, меѓу нив го издвојуваме и познатиот лингвист проф. Др. Агим Винца, потоа професорите: Агни Дика, Нури Беџети, Абдула Алиу, Аслан Билали, Сафет Емрули. , Ќебир Авзиу, Јетон Шасивари, Фатмире Лумани, Мерсим Максути, Арта Билали, Фадил Зендели, Башким Зибери, Муамет Шехаби, Кенан Ферати, Етем Исени, Ружди Матоши, Фати Исеини.
Во продолжение го пренесуваме целосното отворено писмо на албанските интелектуалци упатено до Уставниот суд со нивни потписи:
„Ние, членовите на албанската академска заедница во Република Северна Македонија, внимателно ја следиме вашата работа и вашите активности (како телевизиски изјави, интервјуа и сл.) во врска со барањето поднесено до овој суд за оцена на уставноста на Законот за употреба на јазиците, усвоен во Републичкото Собрание и објавен во Службен весник на Република Северна Македонија, бр.
7/2019.
Дозволете ни да ја истакнеме нашата чувствителност, човечка и национална, за статусот на нашиот мајчин јазик – албанскиот јазик во Република Северна Македонија како прашање од капитално значење за нас, и веруваме, за сите оние кои и го сакаат доброто na оваа држава. Сосема е природно да се заложиме за целосна рамноправност на албанскиот јазик како јазик за комуникација не само на локално, туку и на национално ниво. Правниот акт од 2019 година го санкционира ваквиот статус на албанскиот јазик во согласност со Уставот и Законот за употреба на јазиците. Овој третман е гаранција за еднаквост, лојалност и меѓусебно почитување на граѓаните кон РСМ како држава.
Од она што сме имале можност да го слушнеме од вас, почитувани судии, како и од некои високи политички претставници (како на пример, изјавите на премиерот Мицковски, кој тврди дека ќе се укинат само два-три члена од законот), имаме причина да се сомневаме дека можете да станете учесници во остварување на сценарио со политички мотиви, кое го има за цел токму она што отворено се декларира на највисоко државно ниво.
Со оглед на уставната позиција и улогата што вие ја имате како претставници на највисоката правна институција, која според Уставот е независна и без политички влијанија, продолжуваме да се надеваме дека нема да дозволите остварување на вакви сценарија, кои ги повредуваат чувствата на секој албански државјанин.
Ваквата постапка би ја поткопала довербата на граѓаните, особено на Албанците, во функционирањето на институцијата што ја застапувате и од која се очекува да носи одлуки самостојно, според сопствени убедувања, врз основа на Уставот и законите, а не според политички влијанијe, од било која страна да доаѓале тие.
Го потсетуваме широкото јавно мислење и вас, почитувани судии, дека досегашната работа на Уставниот суд предизвикувала тензии и незадоволство, секогаш кога тој донесувал еднострани и самоволни одлуки, кои довеле до сериозни последици врз меѓуетничките односи и ги нарушувале националната права на Албанците за еднаквост и правда, реализирани на институционален начин.
Доволно е да се потсетиме на пресудите на Уставниот суд од 1997 година, кои доведоа до насилна државна интервенција во општините предводени од легитимно избраните албански градоначалници. Тоа доведе до трагичните настани во Гостивар, каде имаше и човечки жртви.
Вашата совест и вашиот професионализам не треба да дозволуваат да вашите одлуки бидат поттикнувачи на незадоволство или повторување на последици и пресуди со политички мотиви, како оние што ги споменавме погоре. Не треба да се заборави и пресудата од 2007 година, која доведе до оставка на претседателот и еден од албанските членови на Уставниот суд.
Во оваа прилика го изразуваме и нашето несогласување и нашата огорченост во однос на одлуката за укинување на декларирањето на етничка припадност, со која практично се враќаме на времето пред потпишувањето на Охридскиот мировен договор, бидејќи ја елиминира можноста за пренесување правична и соодветна застапеност, што е уставна категорија и што овозможи вклучување на Албанците и другите заедници во институциите. Секој тренд што има за цел, макар и на
софистициран начин, да го промени карактерот на државата и да правилното застапување го претвори на само зборови на хартија, ја поткопува меѓуетничката кохезија и ја загрозува меѓусебната доверба во нашата мултиетничка држава.
Општо е верувањето дека горенаведените случаи оставиле длабоки рани во меморијата на Албанците од Република Северна Македонија. Вие, како членови на институција задолжена за заштита на уставниот поредок и на вредностите промовирани со Уставот, особено во однос на взаемното почитување на етничките права во мултиетничкото општество како што е Република Северна Македонија, имате законска обврска за да ги зачувате овие вредности.
Сакаме да веруваме и да се надеваме дека Вашата морална и професионална совест нема да го дозволи загрозувањето на уставните вредности и ќе покаже доволна чувствителност кон веќе стекнатиот статус на јазикот на втората етничка заедница во државата, албанскиот јазик“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дали СДС стравува од сведочењето на Груби“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Очигледна е паниката во редовите на СДС по апсењето на екс вицепремиерот Артан Груби. Институциите си ја завршија работата и го доведоа Груби пред лицето на правдата. Криминалецот Груби беше во бегство година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ. Додека се злоупотребувале парите на граѓаните СДС знаеле, молчеле и не реагирале поради коалициски мир со ДУИ, за да не им се распадне коалицијата и да останат ден повеќе на власт.
Дали денес нервозата кај Филипче, Заев и СДС доаѓа од можноста вистината да излезе на виделина? Дали во СДС има паника поради евентуалните искази што би можеле да допрат и до поранешни високи функционери на СДС помеѓу кои и Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ?
Институциите мора да постапуваат без селективност и без политички притисоци. Секој кој го прекршил законот мора да одговара.
Времето на неказнивост заврши, Македонија мора да биде држава во која правдата е еднаква за сите. Владеење на правото и правдата мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Власта не се откажува од авионот, туку од зголемувањето на платите за работниците!“, велат од СДСМ
„Власта се нема откажано од авионот. Буџетот на СОЗР за оваа 2026 година беше зголемен за 124 милиони денари и тој е непроменет. Во Категорија 48 (Капитални расходи), под ставката за опрема, оваа сума соодветствува на годишна рата за купување авион со рок на отплата од повеќе години“, велат од СДСМ.
„Власта одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати. Тоа потврдува дека авионот не е избришан од Буџетот.
А во Собранието пратениците на ВМРО-ОКГ не сакаат ниту да разговараат за нашиот предлог за ребаланс на Буџетот, ниту за новиот Закон за минимална плата од 600 евра.
Мислат дека со дефокус ќе направат луѓето да заборават на авионот и тивко да работат во позадина за во иднина да земат нов. Луксузот на ВМРО-ОКГ не трпи, трпат само работниците.
Авионот сакаат да го земат на лизинг, на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата.
Никој не е наивен! Граѓаните ќе плаќаат, платите на работниците нема да ги зголемат. Ќе има пари за авион, мебел, луксуз, тендери, но за работниците нема да има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.

