Македонија
Силјановска-Давкова очекува судот и Обвинителството да постапaт по црната листа на САД
Лицата што се нашле на црната листа на САД не треба да продолжат со редовни активности, смета претседателката Гордана Силјановска-Давкова откако на црната листа на САД осамнаа имињата на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и на судијата Енвер Беџети. Тие се означени дека биле вклучени во значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, соопшти Стејт департментот.
Силјановска-Давкова смета дека ако јавните обвинители постапуваат по допрен глас, тогаш треба да постапуваат и по случајот со црната листа бидејќи со тоа САД испратиле јасна порака, а во случајот тоа е поткрепено со факти и докази.
„Во меѓународното право и во меѓусебните односи постојат начини да се дојде до тие докази и да се почне постапка тука бидејќи во спротивно ние не рагираме кога мора да реагираме и со тоа го толелираме беззаконието. Очекувам судот, т.е. јавниот обвинител да почне да постапува“, изјави Давкова.
Претседателката дополнително како загрижувачки момент го истакна и тоа што на листата на САД се најде и името на судија од Македонија бидејќи, како што рече, судот треба да биде синоним за почитување на правото и правдата.
„Чинам дека неправдата и владеењето на присилни луѓе ги направиле сите институции слаби и во тој случај потребни се во духот на оценската мисија итни чекори и реформи во сите органи“, рече Давкова додавајќи дека треба да се размисли дали во текот на годините е креиран партизиран судски систем.
Според неа, треба да се тргне не само од конкретниот случај, туку да се види и како сите во судскиот систем се нашле на определени позиции. Давкова вели дека најголемиот дел од вината лежи во двата најважни органа – Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, кои треба да бидат чуварот и филтерот на независноста на судството.
Во врска со одлучувањето на Уставниот суд за Законот на јазиците, претседателката рече дека нивните одлуки се конечни и лидерите на партиите и политичарите треба да се воздржат од коментари. Најмалку што може да сторат е да го остават Уставниот суд да си работи во согласност со Уставот и Деловникот, заклучи Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.
Македонија
Сè помалубројни, постари и понеисправни автобуси во кои се возат сè помалку патници, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за капацитетите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Нивното истражување покажува дека:
– Само за десет години, бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП Скопје е намален за 30 милиони годишно – во 2015 година се возеле по 52 милиони патници годишно, а сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.
– ЈСП располага со вкупно 341 автобус, од кои дневно се исправни 185 автобуси, а во работа се пуштаат само по 157 автобуси дневно.
– Бројот на автобуси на ЈСП Скопје континуирано се намалува во последните десет години. Пред десет години претпријатието имало 316 исправни автобуси, а денеска само 185.
– Со опаѓањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години, највисока во последните десет години.
– Доминантен дел од автобусите, односно повеќе од 80 % се од кинеските „Јутонг“ и од украинските „ЛАЗ“. ЈСП има и десет автобуси од марката Санос, стари по 33 години.
– Само 10 % од автобусите на ЈСП имаат највисок еколошки стандард Еуро 6, додека другите се со еколошки стандард Еуро 4 и Еуро 5.
Македонија
„За две години зголемени плати на полициски службеници, социјални работници, на вработените во образование, здравство, јавен сектор“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„ВМРО-ДПМНЕ на страната на работникот. Во опозиција со давање јавна и недвосмислена поддршка на синдикатите за барањата за зголемување на платите, додека од позиција на власт со договори за конкретно покачување на платите. Како што ВМРО-ДПМНЕ ги поддржуваше синдикатите и работниците во опозиција кога протестираа во 2020 и 2024, така и сега, преку дијалог и разговори прави се во рамките на можностите платите да растат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Разликата е во тоа што ССМ од тогашната влада на СДС, во услови на двоцифрена инфлација, бараше линеарно покачување на платите во јавниот сектор од 2.806, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги зголеми за многу повеќе.
Со преземањето на власта, средбите со синдикатите се интензивираа и како резултат на тоа се спречија штетните политиките од претходната власт, се потпишаа колективни договори и се покачија платите секаде каде државата е работодавач.
Во период од околу две години, од преземањето на власта до денес, се потпишаа колективни договори во образование и здравство, каде што платите на сите вработени во основно и средно образование докрај на мандатот од 46% до 60%, вработените во високото образование добија покачување од најмалку 14%, додека здравствените работници ќе добијат од 40 до 50% повисоки плати.
За 10% се зголемија платите на полициските службеници, социјалните работници добија 20% повисоки плати, додека преку посебни колективни договори, вработените во Генералниот секретаријат и СОЗР добија 30% зголемување.
Околу 11.000 вработени во администрацијата, судовите и обвинителствата се опфатени со историски договор кој гарантира системско покачување на платите за 40% до 2028 година.
Освен на централно ниво, ВМРО-ДПМНЕ покажа како се грижи за работниците и нивниот стандард и на локално ниво, така во општините раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, во просек, платите на сите вработени се зголемени за околу 5.000 денари.
Во целост се испочитувани сите колективни договори кои претходната власт ги игнорираше во одбраната, културата и други институции и нема доцнење на плати како во времето на СДС и ДУИ, кога вработените со месеци беа без приходи.
Сите овие зголемувања на платите се многу поголеми од тоа зголемување што тогаш го бараше ССМ, а уште поважно до крајот на мандатот ќе го надмине целосно барањето коешто сега го има Слободан Трендафилов.
Од друга страна, согласно закон во март годинава ќе се зголеми и минималната плата, а секое друго зголемување мора да се договара институционално, во Економско-социјалниот совет, меѓу работодавачите и синдикатите и Владата како посредник.
Низ дијалог да се дојде до одржливо решение, прифатливо за сите вклучени страни, како за работодавачите, работниците, за буџетот и стопанството во целост.
Ултиматумите и блокадите на СДС не му служат на работникот, туку само на Трендафилов и малкумината околу него кои градат кариери и профитираат на грбот и маката на обичниот работник.
Владата ќе продолжи со својата заложбата и креирање политики за поголем економски раст кој ќе овозможи уште поголем раст на платите, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

