Македонија
Тошковски: На над 45 отсто од менаџерските функции во МВР се поставени жени
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се обрати на конференција што во рамките на кампањата – Денови на приватното обезбедување – традиционално ја организира Комората на Република Македонија за приватно обезбедување „Зајакнување на жените за лидерство и менаџмент во приватното обезбедување“.
Тошковски го нотира фактот дека оваа година се навршуваат 25 години од донесување на првиот Закон за обезбедување лица и имот и легализирање на дејноста приватно обезбедување во нашата држава и истакна дека приватното обезбедување се етаблира во респектабилна стопанска дејност, чиј делокруг на работа е соодветно нормиран и регулиран, следејќи ги притоа современите трендови и стандарди во секојдневното функционирање.
„Од агол на контрола и соработка на надлежните служби при Министерството за внатрешни работи со Комората за приватно обезбедување нема дилеми дека во овој дел функционирањето е на партнерски основи и речиси беспрекорно бидејќи и практично споделуваме заеднички сегменти на интерес“, министерот Тошковски односот на приватната и јавната безбедност го дефинира како партнерски.
Тој потенцира дека МВР денес е позитивен пример за волја и желба на имплементирана родова еднаквост и недискриминација.
„Жените имаат моќна улога во создавањето позитивни промени. Аспектот на еднаквост во одлучувањето веќе е воспоставен во МВР бидејќи на ниво на организациските единици имаме над 45 % од раководните позиции во Министерството да им се доверени на жени. Истото ова се однесува и за Бирото за јавна безбедност. И тука жените се на раководни лидерски позиции како помошник-директорки, началнички, командирки на полициски станици или полициски одделенија, имаме жени вклучени во специјалните полициски единици кои покажуваат врвни професионални резултати со своето работење и со своето лидерство“, нагласи министерот Тошковски.
Тошковски на крајот изрази уверување дека компаниите од сферата на приватното обезбедување го препознаваат тој тренд и имплементираат принципи на рамноправност меѓу мажите и жените, кои ја зајакнуваат улогата на жената како вработена, како менаџер, како лидер во сферата на приватното обезбедување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

